Кога уживате да патувате и истражувате низ африканските земји, никако не треба да заборавите да ја посетите и најсеверната африканска држава Тунис. Убавината на Тунис може да се опише во три збора – нестварна пустинска роза, во која треба да се доживее историјата, архитектурата, срдечните Тунижани, вкусната храна, морскиот брег во недоглед, идеално средените песочни плажи, пустинскиот песок, пријатната клима и, секако, забавата на арапски начин.
Во секоја држава, најчесто, носечки град е главниот град, па така и запознавањето на Тунис започнува со главниот град – Тунис. Престолнината Тунис е во облик на потковица, сместена околу езерото Тунис, и е дом на околу два милиони жители. Изградена е спроти урнатините на древниот град Картагина. Во средниот век, за време на владеењето на династијата Хафсида, Тунис бил еден од најголемите и најразвиените градови во исламскиот свет. Во 16 век бил освоен од страна на Турците, а во 19 век потпаднал под француска власт. Во втората половина на минатиот век, Тунис воведува задолжително школување на два јазика – арапски и француски. Француското влијание се чувствува уште при самото стапнување во главниот град. Архитектурата е мешавина од европски и африкански исламски стилови, но преовладуваат објекти со европска архитектура. Главното движење низ градот се одвива по авенијата што го носи името на поранешниот доживотен претседател на Тунис – Хабиб Бургибе. На авенијата, вниманието на очите ќе ви го задржи Катедралата Свети Винсент де Пол, а од спротивната страна се наоѓа француската амбасада, сè уште заградена со бодликава жица како превентива и потсетување на случувањата од пред неколку години, од т.н „арапска пролет“, кога сите протести за менување на власта во Тунис се одвивале на оваа авенија. Веднаш до амбасадата се наоѓа и општинскиот театар на чија фасада има прекрасни украси во стилот познат како „помпезно колонијален“. Покрај многу модерни хотели, барови и продавници, патот ве води кон кружен тек на кој се наоѓа едно од обележјата на градот – Саат кула.
Со поминување на Саат кулата, се отвораат вратите на медината (стариот дел од градовите во земјите на Магреб и Северна Африка). За да се влезе во медината треба да се помине низ Баб ел Бахар или Портата на Франција. Портата е остаток од некогашните заштитни влезови во стариот дел од градот. Медината претставува историски и спиритуален центар на градот, каде се лоцирани различни сукови (пазари): сук за ткаенини, сук за зачини, сук за парфеми, сук за теписи, сук за храна… Од кај медината, патот води кон Големата џамија. Таа е изградена во 11 век, а за нејзина изградба се користени материјали од урнатините на Картагина. Во склоп на џамијата се наоѓа и една од најголемите библиотеки во арапските земји. Градот е колоритен, а звуците од џамијата и мирисот на парфемите најдобро го доловуваат впечатокот за стариот дел од Тунис.
Картагина е следна за разгледување. Сите сме слушнале за Картагина, или на часови по историја или сме гледале документарни филмови за неа, но секако најубаво се доживува кога ќе се стапне на тлото на една од некогашните антички цитадели. Картагина е основана во 814 година пред нашата ера од страна на феникиски трговци од Тир и многу брзо завладеала со Средоземјето. Трговците од Картагина пловеле и до најдалечните краеви во тогашниот свет, со што овој град станал еден од најбогатите и најразвиените во Средоземното Море. Овие успеси, ја довеле Картагина до војни со Грците и Римјаните, а успеале да ја освојат дури во 146 година, после шест дена борба, кога и ја запалиле. Според преданијата, Картагина горела 17 дена и ноќи, при што засекогаш исчезнале трагите на оваа голема цивилизација. Картагина била обновена од страна на Гај Јулие Цезар и станала втор по значење град на западниот дел на Римското царство. По падот на Римското царство, Картагина била освојувана од Вандали, па Византијци, за на крај да ја заземат Арапите.
Картагина имала две вештачки пристаништа, едното за чување на големата морнарица составена од 220 воени бродови, а другото за трговски бродови. Во внатрешноста на военото пристаниште, се наоѓал вештачки остров со кружен, висок објект од каде се надгледувале пристаништата и бродовите што пловеле кон градот. Контурите од кружното пристаниште се видливи и ден-денес. Ова пристаниште се смета за едно од светските чуда на стариот свет. Градот бил заграден со ѕидини долги 37 километри, а поголем дел од ѕидините се наоѓале на самиот брег на морето. Овие ѕидини биле најсофистициран одбранбен систем на тоа време. Градот се состоел од многу објекти, од кои посебно се истакнувале големата римска бања, големата библиотека и цитаделата во центарот на градот. Пред падот, Картагина имала околу 500.000 жители, бројка со која и денес не може да се пофалат голем број градови во светот.
Урнатините на Картагина се пронајдени во втората половина на 20 век, при изградба на палата за претседателот Хабиб Бургиба. Од 1979 година се наоѓа под заштита на УНЕСКО, а при самиот влез на денешна Картагина се наоѓа музеј во кој може да се разгледаат разни остатоци пронајдени при ископување на градот.
Сиди Бу Саид, или во превод – Светиот човек Саид, е сино-бело предградие на Тунис. Уште познат и како сино-бел град, град на заљубените или андалузиско село, ова место е омилено собиралиште на уметниците, боемите и туристите.
Градот се карактеризира со бели ниски куќички чии прозорци и порти се обоени во сина боја. Постои легенда која се пренесува меѓу туристите, дека треба да се замисли желба и да се чукне на една од сините порти за желбата да се оствари. Прошетката меѓу сино-белите куќи е пријатна и релаксирана, а бидејќи местото се наоѓа на висока карпа, од горе се отвора прекрасен поглед на Средоземното Море. Во еден од баровите со поглед кон морето може да се ужива во зајдисонцето, со традиционален чај или кафе, и наргиле. По тесните улички се наредени уметнички слики за продавање, на уметниците што како инспирација го користат Сиди Бу Саид, па мали продавнички за сувенири, зачини, чаеви, шарена керамика, каде е задолжително ценкање, впрочем како и секаде низ Тунис. А, продавачите се бескрајно шармантни и упорни, ќе ве освојат со комплименти и нема шанси да излезете од нивната продавничка или тезга со празни раце и, секако, со минимум двојно намалена цена на купениот производ.
Тунис има и свој Колосеум. Да, баш како Колосеумот во Рим, само малку помал. Амфитетарот во Тунис се наоѓа во местото Ел Џем и е трет по големина зачуван амфитетар во светот, а најголем и најзачуван амфитеатар на тлото на Африка. Изграден околу 230 година, по пример на Колосеумот во Рим, но многу попрецизно изведен, можел да прими од 30.000 до 35.000 гледачи на борби со гладијатори и диви животни. Долг е 149 метри, широк 124 метри и висок 36 метри, со три реда на лакови на кои се носат терасите т.е гледалиштето. Иако еден дел му е оштетен за време на нападите на Турците, и ден-денеска е сосема солидно зачуван, па дури има и остатоци од мермерот со кој биле обложени ѕидовите од внатрешната страна на арената, за да се спречат дивите животни да скокнат кон гледалиштето. Денес, амфитеатарот се користи за одржување на концерти и изведба на претстави и е под заштита на УНЕСКО.
Има уште многу, многу интересни места и објекти да се доживеат во Тунис, можеби и малку несекојдневно за земја во која скоро 40 проценти од територијата ја сочинува пустината Сахара. Тунис ќе ве пречека и испрати на еден од седумте меѓународни аеродроми или на едно од осумте модерни пристаништа, а за пријатен престој ќе се погрижат за вас во еден од 800-те хотели во: Сус, Тунис, Хамамет, Порт ел Кантуи, Монастир, Сканес, Мадиа… додека пак патувајќи по патиштата низ земјата, ќе имате поглед на полиња насадени со маслинови дрвја, кои наместо со метална ограда се преградени со природна ограда од кактуси. Тунис навистина е за восхит, прекрасно патување во магична земја.