Насловна / Вести / Тунелите – предизвик со својата убавина

Тунелите – предизвик со својата убавина

tuneli demir kapija smokvica_6

Изградбата на делницата од автопатот  Демир Капија – Смоквица е вистински предизвик за градежниците. Сместена по долината на реката Вардар, со должина од 28 километри, но претежно во планински делови, таа е најтешка делница на целата должина на автопатот од Табановце до Гевгелија. Во изминатите два броја на „Порта 3“ ви го прикажавме историјатот на нејзиното проектирање, со сите проблеми, предлози и решенија, како и сегашната фаза на изведба на трасата, особено на мостовите за кои инженерско-технолошките решенија се новитети во македонското градежништво. Но, освен високите мостови, на оваа делница за првпат во Македонија се прават тунели со современа австриска метода и избивање на материјалот во полн профил на тунелот наместо да се дели на три дела по висина. Тоа е и тема на третото продолжение кое следува во овој број на „Порта 3“.

Тунелот Т1 се наоѓа на новата делница на автопатот Демир Капија – Удово – Смоквица меѓу км 1+100 и км 2+400, и се планира да биде тунел со двојна цевка и еднонасочен сообраќај. Веднаш пред северниот портал и после јужниот, трасата од двете гранки мора да ја пресече реката Вардар. Должината на јужната цевка (десна гранка) е 1.214,00 метри, а пак должината на северната цевка (лева гранка) е 1.274,75 метри.

tuneli demir kapija smokvica_7

На средина меѓу северните и јужните портали, трасата на дватe тунелски цевки преминува преку Челевечки поток кој се влева во реката Вардар и кој се наоѓа на длабочина од приближно 10 метри под планираните коловози, во неверојатна клисура со стрмни карпести падини.

Тунелот Т2 се наоѓа на северниот дел од патната делница Демир Капија – Смоквица помеѓу KM 7+400 и KM 8+700, и поминува под планински гребен со две цевки. Должината на јужната цевка (десна гранка) е 1.295 метри, а пак должината на северната цевка (лева гранка) е 1.155 метри.

tuneli demir kapija smokvica_5

Оддалеченоста помеѓу двете оски на тунелитe е главно константна. Во централната делница, оддалеченоста е приближно 50 до 53 метри, додека во близина на порталите се намалува на вредност од приближно 40 до 45 метри.

Ископаниот профил од главниот тунел е прoектиран како градба со две оплати со водонепропустлив мембрански систем помеѓу првичната и крајната облога во сводот на тунелот. Водонепропустливата мембрана ја штити трајната конструкција од навлегување на вода во сводот.

tuneli demir kapija smokvica_2

Почетната или примарната оплата е изградена од облога од армиран прскан бетон. Kрајната облога е изработена од бетон лиен на самото место, додека пак должината на еден бетонски дел (бетонски блок) изнесува 12,50 м (максимум).

На дното на бочните ѕидови и под коловозната конструкција на патот, со дренажни цевки се врши одводнување на околното подземје. Коловозот се одводнува со засечен континуиран сливник на долната страна од профилот. Главниот довод на противпожарна вода е сместен под издигнатиот пешачки премин на левата страна (во насока на движење на сообраќајот), додека пак кабловската канализација е сместена под издигнатиот пешачки премин на десната страна.

tuneli demir kapija smokvica_3

Површината помеѓу сообраќајниот слободен профил и сводот се користи за инсталации како вентилатори и сообраќајни знаци. Целосниот слободен профил на главниот тунел е со површина од околу 55 м².

На потегот каде тунелските цевки на Тунелот Т1 преминуват преку Челевечки поток со цел да се избегнат проблеми со вентилацијата (опасност од распространување во случај на пожар), и двете тунелски цевки ќе минуваат низ клисурата наместо низ стандарните делници на мостовите. Поради тоа, мостот во целост ќе има облик на тунел.

Носивоста на мостот се состои од единечен носач во форма на тунелска цевка, изработен од армиран бетон. Мостот ќе биде со приближен распон од 13,30 метри за десната гранка, и приближен распон од 18 метри за левата гранка.

tuneli demir kapija smokvica_4

Поради ризикот од одрон на карпи, конструкцијатa ќе биде со поотпорен свод изработен од водонепропустлив армиран бетон со дебелина на ѕидот од 40 сантиметри. Сепак, од голема важност за безбедноста на градбата е поставувањето на системи за заштита од одрон на карпи на соодветни локации над премините преку клисурата, со цел да се избегне влијанието при одрон на поголеми карпи.

Во тунелите со двојни цевки каде цевките се на исто ниво, премините за возила погодни за користење од страна на итните служби треба да бидат поврзани за стојалиштата.tuneli demir kapija smokvica_1

Покрај двете сообраќајни ленти,  стојалиштето има и лента за во случај на дефекти со минимална должина од 40 м. Ширината на лентата за во случај на дефекти помеѓу границата на коловозот и пешачката патека изнесува три метри. Првичната облога е изградена од слој на армиран прскан бетон. Завршната облога е изработена од бетон лиен на самото место, каде што дебелината на облогата во ископаниот тунел изнесува 40 см.

Во овој случај, изведувачите тунелите ги правеа одеднаш целосно со минирање. Потоа се ставија анкери кои го стабилизираа делот што е одозгора. Анкерите се затегнуваат и се поставува мрежа. Пред да се бетонира тунелот се става филц, а дренажата се зафаќа нанадвор. Потоа тунелот се бетонира дел по дел. Кога ќе се направи горниот дел се преминува на долната конструкција која има своја специфичност затоа што тука треба да се внимава на дренажата и светлосните инсталации. Кога тоа ќе се заврши, се оформува коловозната лента. Времето предвидено за градење на тунелите со две цевки е 27 месеци.

На делницата од Демир Капија до Смоквица на две места има и пропратни содржини, како и клучки кои водат до населени места и кои веќе се во завршна фаза од изградбата.

Се на се, со завршувањето на оваа делница Македонија ќе има комплетно автопатско решение за делот од Европскиот коридор 10, кој минува низ нејзината територија. Со тоа, на неговите корисници кон крајот на 2016 година ќе им се овозможи да патуваат од Табановце до Гевгелија по современ автопат. Како што пишувавме во претходните продолженија, со завршувањето на автопатот се комплетира патната сложувалка север-југ, а патниците возејќи се низ облаците, се надеваме ќе уживаат во ова инженерско остварување.

Катерина Спасовска Трпковска

Лазо Чакаровски, дипл.инж.арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top