Mикологот Philip Ross има сериозен пристап кога се во прашање печурките, но не како извор на храна – наместо тоа, тој ги користи печурките како материјал за градење. Под земјата, печурките формираат широка мрежа на тенки влакна слични на корен, кои се нарекуваат мицелиум. Овој дел од печурките не е особено привлечен и вкусен, но Ross открил дека кога е исушен, може да се користи како супер силен градежен материјал отпорен на вода, мувла и оган!
Сушениот мицелиум може да се одгледува и формира во која било форма, и тој има извонредна конзистентност што го прави посилен материјал од бетон, а добиениот градежен материјал добиен од него е 100 проценти органски и биоразградлив.
Овој уникатен мицелиумски материјал за првпат бил презентиран на една работилница во Сан Франциско за време на фестивал на архитектурата во 2012 година. Таму Ross креирал лабораторија во која одгледувал печурки кои се користеле за производство на серија столици. „Сакам да покажам дека може да се направат вакви нешта со користење на локален земјоделски отпад“, изјавил Рос во врска со изработката на мебел во рамките на оваа работилница.
Возбудливиот момент во врска со мицелиумот е тоа што може да се користи во изградба на речиси што било. Во многу свои креации Ross одгледува печурки во тули, кои стануваат исклучително силни и изненадувачки лесни кога ќе се исушат. На пример, во Mицотектура (Mycotecture), една од неговите најамбициозни структури, Ross одгледувал печурка Ganoderma lucidum (или Реиши печурки) во тули на фарма за печурки Far West Fungi во Монтереј, Калифорнија, и ги распоредувал во свиени структури.
„Мицелиумот има потенцијал да биде замена за повеќе видови на пластика направени од нафтени деривати. Со ова можно е да се започне регионално производство на биоматеријали. На пример, овде во Сан Франциско, ние можеме да почнеме да произведуваме голем број на локални материјали со користење на овие печурки и може да се создадат пилот проекти од различни видови“, констатира Ross.