Во градбите во Македонија се вградуваат енергетски ефикасни материјали, но земјава е на самиот почеток на практикување на зелената градба, светски тренд со чие практикување се добива до 30-процентна заштеда на електрична енергија и вода.
Ова беше посочено на денешниот настан на тема „Енергетска ефикасност во градежништвото – зелена градба“, организиран од Сојузот на стопански комори (ССК), Македонскиот совет за зелена градба и Бизнис центарот на Скопскиот плански регион, пренесува МИА.
На настанот компаниите членки на ССК, пред се од градежниот сектор, во соработка со општините од Скопскиот плански регион и надлежните институции дискутираа како заеднички да придонесат за поголема примена на зелената градба во градежништвото.
Извршниот директор на ССК, Митко Алексов рече дека зелената градба, односно енергетската ефикасност е светски тренд кој се практикува во земјите од Европската Унија и во светот.
– Станува збор за подигнување на свеста како на компаниите така и на граѓаните, дека ваквата градба придонесува за заштита на животната средина, но и за намалување на трошоците. Иницијалната инвестиција за граѓаните е незначителна и се движи помеѓу еден до пет проценти според светските статистики се враќа уште во првата година од функционирањето на објектот, а понатаму користа е значителна и изнесува околу 30 проценти кај електричната енергија и 40 проценти кај водата на годишно ниво. Сметаме дека овој тренд ќе се имплементира и во Македонија, – рече Алексов.
Тој посочи дека соработката меѓу ССК, Македонскиот совет за зелена градба и Бизнис центарот на Скопскиот плански регион започна пред неколку месеци и, како што рече, се одвива во континуитет.
Претседателот на Македонскиот совет за зелени градби Сеад Кочан посочи дека целта на денешната средба е да ортвори јавна дебата за делот на еколошките енергетски ефикасни градби и користењето на градежни материјали од природно потекло кои влијаат на зачувување на животната средина.
– Македонскиот совет неодамна стана и член на Светскиот совет за зелени градби во кој има над 100 национални совети. Со тоа ќе добиеме можност да се стекнеме со нови знаења и усовршени техники во градежништвото кои поволно ќе влијаат врз животната околина, како и со наш придонес да учествуваме во делот на зачувување на животната средина на светско ниво, рече Кочан.
Зелената градба претставува сеопфатен процес на проектирање, одржување, употреба и управување со средства врз основа на принципот на одржливост, а предвидува ефикасно користење на градежното земјиште, отстранување на градежен отпад и шут, рециклирање на материјали и слично. Исто така, со сертификација се следи начинот и износот, односно потрошувачката на вода, решенија на амбиентот на ентериерот, изборот и употребата на еколошки материјали, емисиите на стакленички гасови од зградата, енергетската ефикасност, користењето на обновливите извори на енергија и функционалноста на објектот во текот на животниот циклус.