Foster + Partners проектирале тродимензионален слоевит кров за новата продавница на Apple во Малезија. Сместена во сосема новата Tun Razak Exchange (TRX), Apple The Exchange TRX во Куала Лумпур е првата продавница на Apple во земјата проектирана од глобалната архитектонска фирма Foster + Partners.
Наречена Apple The Exchange TRX, повеќеслојниот, тридимензионален кров на продавницата служи како фокусна точка за развојот на околината и обезбедува топол сјај ноќе.
Со својот парк на кровот со зелена тропска градина и заеднички тревник што го опкружува горното ниво на продавницата, проектот воспоставува нови визуелни и просторни врски помеѓу централниот атриум на трговскиот центар и областа над него.
Од основата до врвот, кровот со димензии 26,5 на 26,5 метри, проектиран како застаклена купола, непречено се поместува помеѓу квадратна и кружна геометрија.
Тој е засенчен од серија перки кои се поставени прецизно под агол за да го контролираат сончевото зрачење како одговор на тропската клима во Малезија. Како што клиентите се искачуваат низ продавницата, кровот изгледа попропустлив и поцврст на пониските нивоа.
„Воодушевени сме што гледаме дека Apple The Exchange TRX ги отвора своите врати за јавноста. Проектот ја доловува виталноста на градот, со слоевит кров од наслагани перки за засенчување на сончевата светлина што изгледа како да лебди над пејзажот“, вели Stefan Behling, раководител на Studio, Foster + Partners.
„Галериите и шеталиштата пружаат спектакуларен поглед на природното окружување и нудат неочекувани глетки низ продавницата на различни нивоа. Грандиозниот ентериер на продавницата ги прикажува иновативните производи на Apple и има за цел да го подигне расположението на луѓето со славење на светлината и сенката“, додава Behling.
За да се заштити стаклената фасада и да се обезбеди сенка за патеката околу продавницата, најниската перка се протега нанадвор како настрешница. Динамичното осветлување и меката дневна светлина се интегрирани во внатрешноста преку централен застаклен окулус.
Продавницата е распоредена на три нивоа, со видиковец на врвот што директно се поврзува со работ на паркот, овозможувајќи на природната светлина и зеленилото да ја преплават внатрешноста на високата зграда.
Просторот е поврзан со скулптурални скали од стакло и кварц, како и стаклен лифт. Слоевитите подрачја обезбедуваат различни перспективи во целиот простор.
Авенијата и изложбените места се на најниското ниво со директни врски со трговскиот центар, додека Форумот се наоѓа на лебдечка палуба. Продавницата има назначена Apple Pickup станица, сала за состаноци и видео ѕид.
Во дизајнот на Apple Exchange TRX користена е софистицирана комбинација на врвни материјали, како што се лесни подови од терацо, полирани столбови од не’рѓосувачки челик, ѕидови од природен камен и дрвен таван.