По замисла на уметничката директорка Кристин Масел, инаку кустос во Центарот „Жорж Помпиду“ во Париз, 57-то Биенале на уметноста во Венеција, официјално отворено на 13 мај оваа година, го носи кредото Viva, arte, viva.
На Биеналето учествуваат 85 национални поставки и 120 уметници, а веќе првите денови од тридневниот „вернисаж“ наменет за стручната јавност, но и редиците луѓе кои чекаат за да влезат во германскиот павилјон, покажуваат дека „Златниот лав“ за најдобар национален павилјон отиде во вистински раце, односно го понесе токму Павилјонот на Германија.
„Фауст“ на германската авторка Ана Имхоф, го носи насловот според позната „драма за читање“ од 19 век на Гете, во која наместо чинови се редат сцени во кои се опејува трагедијата на човек (Фауст), кој, во желбата за суштинското сознание, се обложува со ѓаволот (Мефисто).
Во најновото дело на уметницата Ана Имхоф, заедно со членовите на својот тим, специјално осмислен за потребите на германскиот павилјон на 57-то Биенале на уметноста во Венеција, е креирано „сценарио долго седум месеци“, кое сведочи за поединецот соочен со владеењето на капиталот, кој како и протагонистот на Гете, својата душа, која дури и не постои, ја продава на ѓаволот.
„Фауст“ на Ана Имхоф претставува необична комбинација на архитектура, инсталација, скулптури и звук, кои ги тематизираат архетипските прашања за егзистенцијата и смислата, а која предизвикува чувство на вознемиреност и страв. Вон павилјонот како чувари се наоѓаат кучиња – добермани.
Перфомерите се појавуваат неочекувано на покривот или на оградата. Внатре во павилјонот, подот и ѕидовите се направени од стакло. Посетителите, кои трпеливо чекаат во ред за да влезат во самите простории, стануваат дел од „драмата“ за која не се подготвени да ја напуштат.
Над, покрај нив или под нив, се појавуваат тела на андрогени изведувачи. Нивните лица се без израз, една девојка е гола до половина, а нејзината болка се разложува по просторот. Како и во драмата на Гете, се менуваат навидум неповрзани сцени.
Посетителите се наоѓаат во чудо, вклучени во „трагедијата“, некои се длабоко трогнати, а некои се само љубопитни.
И додека сите, речиси едногласно се согласуваат со констатацијата дека „Фауст“ на Ана Имхоф ги оправда високите очекувања на посетителите на Биеналето, отворено е прашањето колку се селекциите на националните павилјони, како и изборот на уметниците од страна на директорката Кристин Mасел, навистина во знакот на актуелната и врвна современа визуелна продукција.
Како и да е, Венеција оваа година на љубителите на современата уметност, покрај „Фауст“ на Ана Имхоф, ги нуди и интерактивните работи на Ервин Вурм и Елафур Елиасон, инсталацијата од челични шипки на Марсел Синтија, скулптура на Филида Барлоу, фотографии и видео дела на Трејси Мофат, потоа „Богатство од руините на неверојатното“ на Демијан Хирст во Палати Граси и Пунта дела Догани, или проектот на Микеланџело Пистолети во црквата Сан Џорџо Маџоре, изложбата на Ширин Нешат во Музејот Корер и видео-записи и фотографии од серијата „Кујна“ на Марина Абрамовиќ на островот Џудек…