Насловна / Вести / Трите најголеми централни банки обвинети за уништувањето на шумите во Амазонија

Трите најголеми централни банки обвинети за уништувањето на шумите во Амазонија

Извештајот на организацијата Global Witness под името Bankrolling Destruction наведува дека Федералните резерви на САД, Европската централна банка и Банката на Англија, и покрај декларативните изјави против климатската криза, директно инвестирале во компании одговорни за сечење на Амазонската прашума. Споменатите централни банки купиле обврзници од три агробизнис корпорации: Archer-Daniels-Midland Company (ADM), Bunge Ltd Financial Corp и Cargill, Inc. Извештајот се фокусирал на праксата според која централните банки купуваат корпоративни обврзници со цел да ја стимулираат економијата.

amazon1

Имено, во настојувањето ба вбризгаат дополнителна ликвидност на финансиските пазари, централните банки купуваат корпоративни обврзници, односно финансираат компании во моментот кога приватните банки не се подготвени да инвестираат во нив, се истакнува во извештајот. Оваа пракса станала вообичаена во текот на глобалната економска криза во 2008 година, а потоа повторно е применета во текот на пандемијата на коронавирусот. Во извештајот се заклучува дека преку програмите за купување на обврзници, банките исто така потенцијално финансираат сечење на шуми. Неприфатливо е најголемите централни банки да финансираат компании кои се поврзани со уништувањето ан шумите и кршење на човековите права, вели Veronica Oakeshott, водач на Forest тимот во Global Witness. Таа напоменува дека ако сакаме да имаме било каква надеж дека ќе ги ограничиме клиамтските промени, тие шуми ни се потребни.

amazon2

Во освртот на обвинувањата од Global Witness, компанијата Cargill  соопштила дека е посветена на завршување на сечењето на шумите и претворање на земјиштето во своите земјоделски ланци на снабдување. Компанијата Bunge наведува дека компанијата е посветена на почитување на сите прописи на локалниот или глобалниот пазар и да се придржува на своите строги социјално-еколошки политики. Компанијата ADM не се изјаснила во врска со извештајот. Според податоците од извештајот, Федералните резерви на САД од 2020 година купиле вкупно 16 милиони долари обврзници издадени од компаниите ADM, Bunge и Cargill. Банката на Англија од 2016 година купила удел во корпоративната обврзница од 150 милиони фунти издадена од Cargill, а Европската централна банка купила неспецифициран дел од долгот од Bunge Finance Europe B.V. Ваквите случувања доаѓаат и покрај изјавите на сите три централни банки кои го нагласуваат ризикот кои климатските промени го претставуваат за финансиската стабилност и догорочниот економски раст.

Одлуките на централните банки за купување на корпоративни обврзници им сигнализира и на другите инвеститори дека ваквите вложувања се легитимни, нагласува Global Witness. Климатските промени и загубата на биодиверзитетот носат и сериозни ризици по стабилноста на глобалниот финансиски систем. Повеќе од половината од вкупниот светски БДП, зависи од природата и „усгугите“ на екосистемите, стои во извештајот. Централните банки спровеле стрес тестови за подготвеноста на финансискиот сектор за соочување со климатските ризици. Во мај 2022 година, Банката на Англија проценила дека климатските промени би можеле да ги чинат британските банки повеќе од 340 милијарди фунти до 2050 година, доколку се пролонгираат акциите за ублажување на климатските промени.

Се проценува дека 11% од глобалните емисии на гасови со ефект на стаклена градина доаѓа од сечењето ан шумите и деградацијата на шумите, а исто така доаѓа до исчезнување на природните складишта на јаглерод (јаглеродни понори). Досега се исечени 26% од Амазонија, додека дополнителна опасност претставува фактот што негативниот тренд е во пораст во последните четири години. Шумите апсорбираат нето 7,6 милијарди метрички тони јаглерод диоксид годишно, што е еден и пол пати повеќе од годишните емисии на САД.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top