Три градови од Македонија се на листата на десет европски градови со најзагаден воздух со штетните ПМ 2,5 честички (фини честички помали од 2,5 микрони) што вчера ја објави угледниот британски весник „Гардијан“ во текст посветен на загадувањето на воздухот во светот.
Апсолутен рекордер на листата е Тетово со количина на ПМ 2.5 честички осум пати поголема од дозволените граници. На оваа листа, освен Тетово, се најдоа и Скопје кој „Гардијан“ го рангира на третата позиција и Битола на деветтото место.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) за годишното ниво на ПМ 2,5 честички во воздухот во европските градови, кои „Гардијан“ ги користи како основа за да ја направи листата, воздухот во Тетово има 81 микрограм на метар кубен од овие честички. Притоа, највисоките дозволени количини според СЗО се 10 микрограми. Во Скопје нивото на ПМ 2,5 честичките е 45 микрограми, а во Битола 40. Освен трите македонски градови, на листата на „Гардијан“ се и четири градови во Полска, како и по еден во Босна и Херцеговина, Бугарија и Црна Гора.
При рангирањето за Европа, аналитичарите на „Гардијан“ напоменуваат дека не ја зеле предвид Турција. Доколку се вклучи и оваа земја, тогаш осум од десетте градови со најзагаден воздух доаѓаат токму од неа. Сепак, Тетово и во ова рангирање останува на првото место.
Годишните податоците на СЗО покажуваат дека најзагаден воздух со ПМ 2,5 честички на светско ниво има градот Забол во Иран, каде количината изнесува дури 217 микрограми на метар кубен.
Десетте најзагадени градови во Европа – според „Гардијан“
1. Тетово, Македонија – 81 микрограм на метар кубен
2. Тузла, БиХ – 65 микрограми на метар кубен
3. Скопје, Македонија – 45 микрограми на метар кубен
4. Зувјек, Полска – 43 микрограми на метар кубен
5. Пшчина, Полска – 43 микрограми на метар кубен
6. Димитровград, Бугарија – 43 микрограми на метар кубен
7. Пљевља, Црна Гора – 43 микрограми на метар кубен
8. Рибник, Полска – 40 микрограми на метар кубен
9. Битола, Македонија – 40 микрограми на метар кубен
10. Воцлав Сласки, Полска – 39 микрограми на метар кубен
Оригиналот на статијата:
https://www.theguardian.com/cities/2017/feb/13/tipping-point-cities-exercise-more-harm-than-good