Насловна / Вести / Трговски центар ќе се гради на „Скопски саем“

Трговски центар ќе се гради на „Скопски саем“

34756AF557249144B8B72B7F29FEE89A

Унгарски инвеститори ќе инвестираат заедно со словенечката групација „Ера“ во изградбата на комерцијално-деловниот комплекс „Ера сити“, најавува раководството на „Скопски саем“.

Извршниот директор на „Скопски саем“, Дејан Kошутиќ, вели дека лани напролет бил постигнат договор со компанијата „Три гранит“ од Унгарија, која заедно со словенечката групација „Ера“ ќе гради трговски центар и деловни згради. Kомплексот би се изградил за две години од добивањето на градежната дозвола, пишува Дневник. Површината за развој на проектот е 110.000 квадратни метри.

„Во моментот е при крај постапката за измената на деталниот урбанистички план во согласност со концептниот дизајн изработен од страна на компанијата „Три гранит“, потенцира Kошутиќ.

Портпаролот на општина Гази Баба, Емилија Kипровска, потврди дека предлог-деталниот план е во постапка и се чека позитивно мислење од Град Скопје.

„Измените ќе бидат донесени по спроведувањето на законските регулативи. Опфатот на планот зафаќа површина од 23 хектари за комерцијални и за деловни намени“, изјави Kипровска.

Kако што потенцираат од „Скопски саем“, во изминатиот период бил изработен концепт-дизајн и предлог бизнис-план за проектот, а за сите нови информации медиумите ќе биле навреме известени. Не прецизираа точно кога би продолжила изградбата на комплексот, ниту одговорија колку пари ќе бидат вложени.

Kошутиќ вели дека во периодот од 2008 до крајот на 2011 година изградбата на високоградбата била ставена во мирување поради глобалната економска криза.

Изградбата на „Ера сити“ почна на 1 февруари 2008 година кога беше поставен камен-темелник на деловната зграда со планирана површина од 33.600 квадратни метри. Тоа, како што беше најавено, требаше да претставува прв нов објект од најголемиот и најсовремен деловен трговски и забавен центар во регионот. Вредноста на тогаш најавената инвестиција на групацијата „Ера“ беше 150 милиони евра. Беа предвидени бизнис-зграда, два трговски центра, три деловни објекти и три катни гаражи.

Во јуни 2012 година беа објавени информации дека турската компанија „Турк мол“ е заинтересирана да влезе во проектот, но ваквата најава не се оствари.

Испрати коментар

Scroll To Top