Инспирирани од класичните камп приколки, дизајнерите од компанијата „ Studio Edwards “ во Мелбурн дизајнирале функционална кабина во форма на буквата „А“. Оваа необична асиметрична конструкција ја прави практична бидејќи користи многу помалку материјал од конвенционалната камп приколка, а во исто време дава аеродинамична карактеристика, што го олеснува транспортот.
„Сакавме да дизајнираме нешто сосема поинакво за малиот простор на кабината“, вели Рајан Мекормак, коавтор на „ Base Cabin“, додавајќи дека „ога ќе помислите на обликот на буквата А, навираат спомените од кампувањето во детството, под старите шатори во камп населбите“.
Кабината е поделена во три простории. Централната бања ја дели чајната кујна и спалната соба. Внатрешноста е целосно обложена со дрво со цел да се добие чувство на интимност и топлина. Опсегот на материјали го прави ентериерот луксузен и динамичен – со под од кедар и терацо, со детали од бетон, месинг, плочки и црни греди.
Кујната се состои од работна површина од месинг, мијалник од нерѓосувачки челик, фрижидер сместен во една од коморите од црно дрво и маса која се склопува. На другиот дел од кујната има кревет покрај прозорецот, погоден за опуштање со книга.
Бањата со мијалник, туш и тоалет, е поставена веднаш до кујната за да создаде мал ходник, овозможувајќи полесен пристап помеѓу просториите.
„Замисливме дека просторот за спиење да биде директно под косината на кабината, бидејќи големиот прозорец во форма на триаголник пружа непроценлив поглед на пејзажите во кои можете да уживате од креветот“, вели Мекормак.
Дизајнерите си играле со концептот на просторот подигнувајќи ја највисоката точка на плафонот на 3,3 метри, со цел да се добие впечаток дека кабината е голема и пространа. За тоа придонесува и распоредот на прозорците, кои обезбедуваат голема количина на светлина и чувство на поврзаност со природата. Кровниот прозорец над бањата го осветлува целиот ентериер на кабината, а исто така може да се отвори за вентилација.
„Се трудевме да ја отвориме оваа микро-куќа што е можно повеќе за да ја пуштиме природата внатре што повеќе“, додава Меккормак.
Вратата и прозорците се двојно застаклени за да ги заштитат патниците од надворешни влијанија, така што приколката може да се паркира во оддалечените делови на светот, како што се пустините и дождовните шуми. Изолацијата од камена волна ја прави кабината удобна во лето, а топла во зима.
Што се однесува до електричната енергија, протокот на електрична енергија е овозможен од главниот извор на енергија, а во случај на негово исклучување, кабината се напојува со генератор, соларна енергија, батерии и инвертер.
Надворешноста на приколката е беспрекорно покриена со водоотпорна црна гума, која исто така ја камуфлира во околината.