Тргнете ги багерите од сртот на Водно, порачаа еко-активистите кои се противат на изградбата на гасоводот што треба да помине преку Водно и да продолжи кон Тетово и Гостивар. Од групата „Го сакам Водно“ побараа да запрат градежните работи кои еднаш беа стопирани откако активистите увидоа дека ќе се сече шума од заштитено подрачје. Според нив, треба да се направи нова студија за влијанието врз животната средина, како и да се избере нова траса.
Тврдат дека деновиве се искачиле на Водно и виделе дека изградбата продолжила на истото место, иако и вицепремиерот Кочо Анѓушев најави измени на трасата при разгледувањето на теренот изминатиов месец. Од Владата информираат дека во тек се подготвителни активности за препроектирање на трасата, а ќе се гради само во деловите на кои не е предвидена измена.
Од Владата велат дека дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните. Инаку, за изградба на гасовотот на Водно ќе треба да се исечат 1400 метри кубни дрвја, а наместо 25 метри, трасата ќе биде широка 10 метри.
„Целокупната градежна механизација од сртот на Водно да се тргне се додека не се доби една конечна одлука во која што ќе бидат дефинирани сите моменти за да знаеме точно што мисли Владата и сите засегнати органи и институции. Тука ги повикувам Инспекторатот на град Скопје, Државниот инспектиорат за животна средина, ЈП Паркови и зеленило. Тоа се институции кои во моментов треба да се изјаснат што понатаму и да ни помогнат да го решиме проблемот најбрзо што е можно“, рече Татјана Стојаноска – активист.