По двата неуспешни тендери во текот на минатата година, Министерството за култура објави трет оглас за пронаоѓање проектантско биро кое ќе го изработи основниот проект за објектот Конгресен центар „Александар Македонски“ (некогашна Универзална сала).
Проектната документација ќе се реализира врз основа на веќе изготвеното идејно решение на студиото „Стоун Дизајн“ од Скопје, кое предвидува изградба на јајцевидно здание на местото на постоечкиот објект. Понудите треба да се достават до Министерството за култура најдоцна до 6 февруари.
Мултифункционалниот конгресен центар „Александар Македонски“ ќе се состои од една голема сала „Тоше Проески“ со капацитет од 2.500 до 3.000 седишта, и две мали сали „Мајка Тереза“ и ВМРО за помали камерни изведби, кои би можеле да примат од 200 до 300 лица.
Идниот објект ќе има административен простор наменет за јавната установа, четири конгресни сали именувани „Гоце Делчев“, „Тодор Александров“, „Методија Андонов Ченто“, „Борис Сарафов“, како и шест билатерални сали за организирање помали настани, именувани „Панко Брашнаров“, „Кочо Рацин“, „Глигор Прличев“, „Димитрие Чуповски“, „Крсте Петков Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“.