Во периодот од 6 до 8 мај 2019 година, во Лисабон, Португалија, се одржа 3-тиот Меѓународен симпозиум на работната група „Брани и земјотреси“ (WGDE) на Европскиот клуб (ЕC) на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD). После многу успешните симпозиуми на WGDE-EC-ICOLD, првиот во Saint Malo, Франција и вториот во Рим, Италија, на третиот настан во Лисабон се собраа меѓународни експерти за да ги презентираат најновите сознанија од дејството на земјотресите врз браните и да дискутираат за најзначајните предизвици поврзани со сеизмичката отпорност на бетонските и насипните брани.
Laboratório Nacional de Engenharia Civil (LNEC) во Лисабон
Симпозиумот се одржа во Националната лабораторија за градежништво Laboratório Nacional de Engenharia Civil (LNEC) во Лисабон. Основоположник на LNEC беше Manuel Rocha, еден од најголемите имиња на португалското инженерство на дваесеттиот век, кој беше и еден од првите негови директори. LNEC беше фориран во 1946 година, а денес Кампусот на LNEC е составен од повеќе згради, амфитеатри и лаборатории на површина од 22 хектари.
Симпозиумот го отвори претседателот на LNEC, Carlos Pina, a поздравни говори одржаа: претседателот на Португалскиот комитет за големи брани (РCOLD), José Rocha Afonso, и претседателот на WGDE-EC-ICOLD, Jean-Jacques Fry.
Свечено отворање на 3-тиот Меѓународен Симпозиум на WGDE-EC-ICOLD
Темите на симпозиумот беа следниве: (1) Дефинирање на сеизмичката опасност за браните, (2) Мерења на одговорот на бетонски и насипни брани под дејство на земјотреси, (3) Динамичко следење и тестирање на браните, (4) Споредба на нумерички модели со динамички теренски мерења, (5) Квалификација на опрема при сеизмичко оптоварување. На симпозиумот беа презентирани поголем број реферати, публикувани во Зборникот посветен на симпозиумот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од најеминентните светски научници во областа на сеизмичките аспекти на браните. Со говорна презентација беше презентиран и рефератот Application of SPT Results On Liquefaction Phenomenon Modeling Of Tailings Dam, од авторите Љ. Петковски и С. Митовски.
Пленарна сесија на 3-тиот Меѓународен Симпозиум на WGDE-EC-ICOLD
На крај би истакнал дека учеството на вакви меѓународни симпозиуми е од непроценливо значење за хидротехничарите, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност. Овие собири се прилика за добивање на нови сознанија, за неопходни контакти и комуникација со колеги од други истражувачки центри и, што е најбитно, за размена на искуства и споредба на резултатите од научно-истражувачките и апликативните активности. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на експедитивните домаќини за успешната организација на симпозиумот, како и на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на симпозиумот во Лисабон ќе беше тешко изводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет-Скопје