Насловна / Архитектура / Тренинг центар ФК Вардар во Скопје: Линија – помеѓу земјата и небото

Тренинг центар ФК Вардар во Скопје: Линија – помеѓу земјата и небото

Овогодишни лауреати на 18. Биенале на македонската архитектура се авторите – архитекти Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски. Тие се добитници на Големата награда за реализиран архитектонски објект во изминатите две години, за објектот Тренинг центар ФК Вардар во Скопје.

Според Комисијата за доделување на награди на 18-тото Биенале на македонската архитектура, се работи за рационален и воздржан архитектонски израз, за еден вид дисциплинарен аскетизам со кој на високопрефинет начин e афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“.

По тој повод, разговаравме со архитектот Минас Бакалчев.7

Претпоставувам дека за првпат индивидуално и како тим се соочивте со предизвик спортски објект? Каде го гледате Вашиот авторски архитектонски израз/предизвик во реализација на еден  ваков спортски објект, каков што е Тренинг центар ФК Вардар?OLYMPUS DIGITAL CAMERA

-Секој проект е нов почеток. Искуството е заднина, но со проектот секогаш се поминува низ неизвесноста, преиспитувањето, предизвикот –  архитектурата ја искусуваме како за првпат („Touched for the very first time“). Проектот нужно вклучува истражување, пресоздавање и преиспитување на досегашната практика. Ако не е тоа, нашите дела не би биле архитектура туку, можеби, одредени слики, илустрации кои потсетуваат на неа.

Како што знаете, јас сум професор на архитектонско проектирање, кое во својата содржина го вклучува архитектонското проектирање на колективно домување. Ние предаваме, а потоа на архитектонските студија со колегите, со целиот тим кој е вклучен во овој проект, како и со студентите, истражуваме и вежбаме објекти од колективно домување. Да ве потсетам, тоа се хотели, студентски домови, домови за стари, детски градини како и различните форми на колаборативното домување. Еден многу чувствителен сегмент на заедничкото живеење и на општествената одговорност.1 (2)

За жал, нашето искуство на планот на теоријата и методологијата на проектирање, а потоа преку истражените случаи на овој тип на објекти, и различните специфични места, е систематски игнорирано. Така, ако зборуваме за проблемот на колективно домување на младите или домувањето во трето животно доба, или за грижата на децата, не се работи само за исполнување на квантитет туку и за создадени дела, нови вредности. Да се потсетиме, во 1948 година ги имаме објектите на студентскиот дом „Стив Наумов“ од авторите Антон Урлих и Славко Леви; потоа во 1958 година, домот „Кузман Јосифовски Питу“ од Јован Ранковиќ; во 1969 година, домот „Гоце Делчев“ од  Георги Константиновски; во 1996 година, домот за нега „Сју Рајдер“ од Зорица Блажевска и Георги Константиновски.4

И Антон Урлих и Јован Ранковиќ и Георги Константиновски и Зорица Блажевска беа професори на предметите поврзани со проектирање на станбени згради и објекти за колективно домување, на денес Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во сите нив имаме редефинирање и иновирање на програмата, типологија на објектите за колективно домување и сите даваат посебен придонес во македонското архитектонско творештво. Нужна е врската со архитектонскиот факултет не само како образовен туку и истражувачки дел на заедничката архитектонска сцена.

Ова моравме проширено да го образложиме затоа што и како програма, објект за времено домување на спортски тимови, и како типологија, просторна организација на таа форма на домување, е во категоријата на објекти на колективно домување во која заедничките содржини се поврзани со спортската активност, тренирање на фудбалот. Токму од овој аспект, за нас предизвикот е двоен, како историскиот след на развојот на објектите за колективното домување, така и во современата интерпретација на еден поединечен објект на специфично место.3

Проектот е согледан не само од естетски аспект, туку и преку интеграција со она што го опкружува. Каква е комуникацијата на објектот со околниот пејзаж и дефинираниот контекст?

-Проектот го сфативме како дел од доминантната спортска активност, фудбалот. Терените се доминантната површина, објектот е работ, еден вид архитектонска инфраструктура за програмите неопходни за основната активност. Така и конкретно и метафорично, тој е линија која ги опслужува терените, во силуета граница помеѓу небото и земјата. Но станувајќи линија, неговата организација е амбивалентна. Прво, тргнувајќи од неговата линиска диспозиција, содржините се линеарно дистрибуирани. Централен коридор со двојно напојување, е најрационалната типологија на организација на овој вид објекти. Но тргнувајќи од неговата надворешна комуникација со терените, нужни се попречни комуникации.

Така компактнато линиско протегање е расчленето на серија поединечни волумени, шест на едната и шест на другата страна, линиски поместени за еден модул. Што се добива на овоj начин? Во визбата, која е полувкопана во теренот, каде се гардеробите и останатите помошни содржини, преку изместените волумени, се добива директна комуникација со терените, кон теренот и од теренот кон објектот. Во приземјето, овие прекини се визуелни коридори на двете страни кон теренот и кон задната страна.4 (2) 6 (2)

На катот, поединечните волумени добиват автономија, тие веќе не треба да бидат еден унитарен објект, туку една агрегација на поединечни објекти фатени во ортогонална решетка, на една подолжна улица и попречни прекини. Краевите, или изместените делови, од целата композиција на обединети и издвоени единици се тераси за поглед на едната или другата страна во зависност од активноста, делот од денот или сезоната. Тие се поврзани со угостителски содржини во објектот. Така, на тој начин, со едноставни постапки на расчленување и смолкнување е преработена основната типолошка схема, на објект со централен коридор во една мала агрегација на поединечни волумени кои создават специфичен просторен и материјален систем.

Локацијата на објектот е во зоната на хиподром, во моментот се пристапува од стариот пат кон Катланово, значи на работ на градот во смисла на неговото градско ткаење. Така неговата едноставна и сведена форма, се вклучува во „празниот“ или природниот пејзаж на рабовите на градот, реферирајќи се на производствените објекти кои по силата на својата примарна функција секогаш создават интригантни логички искази во природните предели.5

Кој е клучниот материјален и сетилен пристап во реализација на проектот?

-Со трансформацијата на  основната типолошка схема, од еден унитарен објект со централен коридор, во агрегација на поединечни волумени, сакавме да се воздржиме од дополнителна материјална или колористичка експресија. Затоа објектот е облечен во еднороден материјал. Од самиот почеток сакавме да биде тула како еден од основните архитектонски материјали, која има земјен и тактилен карактер, структурален и асоцијативен. На тој начин на апстрактниот карактер на композицијата, на повторливоста на поединечните волумени, тулата додава еден конкретен материјално, тактилно и визуелно својство – објект кој е ракотворен. Затоа е облечен во керамички елементи кои го имаат карактерот на примарна материјална определба. Од друга страна, материјалноста и бојата на тулата е комплементарна на природната зелена заднина и апстрактниот систем го враќа во дијалог со природниот предел, вегетацијата, хоризонтот, небото.2

Какви се Вашите впечатоци од БИМАС 2016 и годишната тема „Рециклирана архитектура“?

-Биеналето на македонската архитектура е можеби најзначајниот настан за домашната архитектура. Таа го дава прегледот на македонското творештво и на тој начин ги покажува индивидуалните пристапи, но истовремено дава и слика на  заедничката архитектонска сцена како една вид заедничка топографија на архитектонското творештво. На тој начин, може да биде основа за премислување, преиспитување на архитектонската практика и архитектонската мисла. За жал, останува како еден неискористен квантитет, во смисла на дискусија или интерпретација, а кој не е ниту должно медиски поддржан за да има реално влијаније на културната матрица на една средина.

Како и со другите вистински архитектонски настани, нема потребен одраз ниту во кругот на архитектите ниту во поширокиот културен круг. Тематските определби се секако важни, не мобилизираат и помагаат за одреден поглед на глобалните и локалните случувања во архитектурата и општеството, но сами по себе не се доволни. И затоа е важно на биеналето да се прикажат, да се вклучат, да се привлечат што повеќе архитекти и архитектонски остварувања од сите места на Македонија, но никако не смее да се сведе на триумфализам на осредното.Model Model

Напротив, едно е прегледот, инклузивноста во пристапот, а друго е негово премислување, моделирање, вреднување, преку изведување на вистинските потенцијали и вредности. Вистинските вредности треба да се негуваат, покажуваат и истакнуваат, а наспроти тоа да се потисне осилениот фанатизам на меинстримот во македонската архитектура.Model

Испрати коментар

Scroll To Top