Насловна / Архитектура / Треба да го совладаме предизвикот на реархитектура

Треба да го совладаме предизвикот на реархитектура

Помеѓу добитниците на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2018 година е и архитект и планер Даница Павловска-Циги. Таа е добитник на наградата од областа на архитектурата за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот. Наградата е повод за интервју со Павловска во кое ги изнесува своите ставови за моменталната состојба со архитектурата.

7

Ви ја честитам значајната награда „13 Ноември“. Нам архитектите оваа награда ни е особено важна и нè радува. Ни дозволувате ли да ја чувствуваме помалку и како своја? Ја сфаќаме како признание за нашите заложби, потврда дека сме биле во право. Што Вам Ви значи наградата?

Да, ова е наша заедничка награда. Така и јас ја доживувам и навистина се изненадив што преку мене и моето делување се препозна професијата на која страсно ѝ припаѓам. Наградата како општествено признание ми значи пред сè голема чест, значи забележана посветеност кон зачувување на вредностите на градот, на градот кој го живееме, но наградата значи и радост, и мотивација, и поттик и обврска…

За време на Вашиот мандат како претседател на ААМ, на Ваша иницијатива и организација во 2013 година се случи гушкањето на ГТЦ. Тоа беше првиот голем револт, првата позитивна енергија која собра на едно место голем број граѓани кои како едвај да дочекаа да кажат доста е. Ми се чини дека гушкањето на ГТЦ е еден вид симбол на сè она што му се случи на Скопје, а Вие сте симбол на борбата за ГТЦ. Дали ГТЦ ја прелеа чашата?

Мило ми е ако луѓето ме паметат и препознаваат по тој ангажман затоа што со таква спонтана емотивна поддршка би сакала да продолжам во нова платформа, нов „чадор“, именуван ГО САКАМ СКОПЈЕ. Значи, тој момент со ГТЦ ги обедини професионалците и граѓаните, го воспостави практикувањето на културата на протести, па потоа дојде и до Студентскиот пленум и ред други случувања што доведоа до промена на демократскиот амбиент во државата, па и до смена на власта односно до падот на режимот. Мислам, за да се влезе во историјата на еден град и не мора да дојде до „прелевање на чашата“, може да се делува објективно, чесно, континуирано, само нас да нè има повеќе, да постоиме како освестени промислувачки ликови, независни припадници на граѓанските интереси…

2

Скоро во исто време се случи и промена на објектот на Владата. Зошто не се реагираше за тој објект на ист начин како за ГТЦ? Мислите ли дека сите го чувствуваме ГТЦ како нешто свое, а Владата можеби како нешто туѓо?

На интервенцијата на објектот на Владата на Република Македонија ѝ претходеше мала подготовка со една виртуелна (и доста сомнителна) анкета за предложените интервенции на фасадата, така што реакцијата на тој атак се фокусираше на повредување на авторското право на присутниот награден архитект проф. Петар Муличковски. Имено се очекуваше негово инволвирање во обновата на тој вреден комплекс, но тој беше вешто одбегнат, а правната помош што потоа ние „про боно“ му ја понудивме, тој резигнирано ја одби. Инаку, објектот на Владата на РМ навистина не им е толку близок на граѓаните како ГТЦ и токму тоа силно чувство на припадност го создаде емотивниот набој во негова одбрана.

1

Милуваме да кажеме дека ГТЦ е спасен. Но дали е тоа вистина? Имаше најави дека ќе се прави зеленило на кровот, се спомнуваше и кино на отворено. Имаше и претходно конкурси за ГТЦ. Но зарем секоја промена на објектот не е менување на автентичноста и посегнување по авторството? Но на ГТЦ му е непоходно неодложно реновирање. Имате ли повеќе информации за плановите со ГТЦ?

Знам дека постои предлог од порано за активирање на „петтата фасада“ што со обновата на објектот може да го дополни авторскиот концепт,
а најновите мои информации се за идејата за озеленување и анимација на покривот, што секако, не исклучува и негова инфраструктурна консолидација со нови технолошки решенија и досегнување нови стандарди.
За темата ГТЦ може да се развие долга елаборација на повеќе аспекти како: неговиот правен третман, статусот како градителско културно наследство, режимот на заштитата, негување на неговата автентичност со одмерена иновација, неговото одговорно менаџирање со осет за неговите атрибути, референци и неговата уникатност итн.
Разбирајќи го конститутивниот потенцијал и капацитет на ГТЦ како современ урбан предел, и пред сè како медиум за организирање на побогато јавно живеење, тезата воспоставување квалитетна нова состојба, нова а стара „приказна“ , е исчекорување кон бараниот и очекуваниот континуитет во неговото живеење.
Тоа што е сигурно: неговата иднина е наша заедничка одговорност.

11

Колку и да сакаме да бараме алиби, мораме да признаеме дека ние архитектите и урбанистите, но и останатите инженери, вклучени на овој или оној начин во реализација на проектот „Скопје 2014“, што нè прави соучесници, носиме голем дел од вината. Можевме ли, моравме ли да покажеме повеќе стручност, поголема храброст и вистински морал?

Деликатни беа околностите во кои требаше да се спречи настанок на налудничавиот перфоманс „Скопје 2014“, но никого не сакам да амнестирам. Факт е дека нашата фела е со мал колективен капацитет и слабо – „лабаво“ заедништво, а ерозијата на моралот во професијата е евидентна. Факт е дека тешко можеше да се промовира стручност иако имаше некои пристојни изблици на храброст. Факт е дека се направија обиди за практикување на сите цивилизирани форми на дијалог, пишани и вербални, медиумски и непосредни, испраќање пораки, па и замолници до одговорните од страна на странски и домашни непристрасни експерти. Имам заситеност од тоа навраќање назад и непријатност при присетување на тој период. Сега треба со високи естетски критериуми и интернационална помош да го совладаме предизвикот на реархитектура и реидентификација со започнување со рехабилитација на јавниот простор. Да потсетам: јавниот простор е одлика на нашите демократски вредности и капацитети, јавниот простор е право, право на град, право на слобода.

Се почна со ДУП-от Мал ринг, кој директно исцрта површини (по нарачка) за градење кои ќе го овозможат проектот „Скопје 2014“ и ќе се изградат објекти и во зона забранета за градење. Тие бироа и планери сè уште работат. Треба ли да се понесе и професионална одговорност? Зошто досега никој не ја побарал?

За жал немаме вистински систем на проценка на професионалната одговорност во сферата на планирањето и проектирањето, но постои нашата Комора која треба да воведе етичко вреднување на работата на овластените субјекти. Но, тоа треба да го побара самото членство. Колку и да е таа – Комората државен субјект, таа е сепак заштитник на нашиот еснаф. Постојат и други форми на осуда, казнување, жигосување на непрофесионализмот, но се чини дека не сме кадри за такви радикални потези. Интимно си го признаваме статусот на понижени, наемни извршители, па и исплашени, како предавници на професијата. Тоа боли.

14

Вашата борба за јавниот простор, зачувување на архитектонското наследство, борба за подобар град е неуморна и непрекината. Чести се обвинувањата дека критикувањето било и политичко или личен интерес, па дури и платено. Што е тоа што најмногу Ве мотивира? Сметате ли дека ангажираното делување може да ги подобри работите?

Да, верувам во професионални критички опсервации и активизмот како борба за вистините во кој длабоко верувам. Малограѓански неаргументирани обвинувања не ни допреле до мене и чистата добронамерност во моето делување мислам се препознава. Соочени со трауматска проблематичност на нашата реалност, секоја помош, па и мојата, е од корист. Поттикната сум од сопствената совест за секое мое тематско делување и мислам дека алтруистичноста ја подига колективната свест, а пак, таа може да ги задвижи работите на подобро.

И додека бевте претседател на ААМ, но и потоа неуморно продолживте со својата борба за подобра архитектура. Сметате ли дека ААМ треба секогаш бескомпромисно да реагира? Во Скопје се продолжува со негативни интервенции. Се сруши „Беко“, се руши Скопски саем. Потребни ли се тука брзи и интензивни реакции од фелата?

Да, потребни се и тоа на дневна база, и на индивидуално и на колективно ниво. Со следење на намерите, случувањата, реализациите, а со нивна објективна проценка се гради нов однос кон професијата, се гради довербата и почитта, се излегува од кризата.

Што мислите дека во овие услови може да се направи со објектите од „Скопје 2014“? Многу се зборува за спомениците, но тие се полесниот дел од работата, а ништо не се прави. Што правиме со објектите во коритото на Вардар. Архивот на Македонија е скоро неодржлив објект. Има објекти кои се на почеток, ќе се доградуваат ли објектот на Народна банка, факултетите во универзитетскиот кампус?

Одамна зборувам за „што, потоа?“ Да почневме по мојот објавен текст, со време, досега ќе имавме конкретни позиции и определби. Има многу размисли и неофицијални предлози, но тие не се собрани на едно место за разглед и дискусија. Изготвени се елаборати од компетентна комисија при Министерството за култура и јас би сакала тие да се објават, па по некои заеднички критериуми да одредиме динамика на приоритетни интервенции. Имавме високи очекувања и надеж во брзи одлуки заради свесноста за последиците од факторот време (навики, влијанија и ефекти: се искривува претставата за убавото), но тоа е тоа. Колку потурнување на нештата, толку треба мудрост, трпение…

8

Пративте отворено писмо до министерот за здравство по повод конкурсот за Граска болница на локација во Општина Аеродром.

Да, и тоа јавно обраќање и посочување на пропустите во водење на проектот во целина и во поставување на проектната задача за нова Градска болница, даде надежен почетен ефект. Распишаниот тендер за идејно решение се спроведе со големо ветување дека допрва се’ ќе се редефинира, а учесниците беа преставени заедно со првоодбраниот проект на еден собир во Музеј на современа уметност, условно наречен дебата.За жал никаково придвижување на работите во позитивна насока не уследи и покрај моите обиди и конкретни предлози до одговорното лице на кое бев упатена за понатамошни контакти. Сега можам само да констатирам дека е разочарувачко и неодговорно однесувањето на министерот за здравство и само открива лик со ниска политичка култура. Тоа се потврди и со неговата изјава во медиите за „лесно“ одредување на сосема нова локација за Клиничкиот центар, а познато е колку авторитативно тој проект треба да го води Агенција за планирање на просторот, па дури и да се предлагаат некои нови политички определби. Површноста во планирање и проектирање на здравствени објекти е недозволива. Бизарно е да го подсетувам на тоа најодговорниот во државава.

да

Вие сте еден од главните „кривци“ за реализираната соработка со Јан Гел.

Со сета бескрајна почит кон архитектурата како куќа, објект, инсталација, мора денес таа да се толкува и доживува во нејзиното витално опкружување, па архитектурата станува начин на живеење. Истоверемено таа подразбира разумен и оправдан развој, економски предизвик, социјална и културолошка тема, обликување и реобликување на просторот итн. Категоријата „јавен простор“, односно неговата хумана димензија е во фокусот на филозофијата на проф. Јан Гел од Данска, а мојата фасцинација од неговиот опус, тврештвото, трансформативната моќ на реализираните проекти, ме поттикна да му се обратам. Неговата топла природа и извонредна виталност (возраст од 86 год.), допринесе да успееме да се договориме да дојде и одржи неколку предавања, а потоа веќе приказната се збогати. Ми ги даде правата на превод на неговата книга „Градови за луѓе“, ја одпечативме со подршка на Комората на овластени архитекти и инженери и Министерството за култура на македонски јазик и повторно не посети за промоцијата на книгата. Таа втора прилика со светскиот доајен на јавните простори се искористи за потпишување на документ за соработка со Градот Скопје и еве, сега подготвуваме заеднички тим за проект на тема: Иновација на јавниот простор во централното градско подрачје. Особено ќе ми биде драго ако од оваа соработка произлезе своевидна школа чија универзална појдовна точка во планирањето и управувањето со просторот ќе биде човекот.

И покрај тоа што официјално сте во пензија и понатаму сте активни. Кој е Вашиот ангажман во моментов?

Едноставно, работам на задачи во кои се пронаоѓам. Например: како овластен обучувач – држам обуки, како консултант помагам во разрешување на проблемите во Општина Прилеп, како активист учествувам во дебати, форуми и собири за доброто на градот Скопје, пишувам и го ставам во функција моето скромно знаење. Еве, мислам, дека мојата иницијатива за рехабилитација на објектот на Владата на РМ – дело на проф Петар Муличковси би била задача во која би уживале многу архитекти доброволно. Разговарав и имам ветувања за техничка подршка од колегите, но тоа не е доволно за овој сензитивен зафат. Деликатна е ситуацијата на рушењето и отклонувањето на фасадната облога а да не се протолкува како деструктивна. Пред се треба да е одлуката политичка – на актуелната Влада и треба да се однесува на модернизирање на објектот со враќање на неговата есенцијална примарна вредност, а пак тоа бара соодветна подготовка, анкета, кампања, реафирмација итн.

17

Испрати коментар

Scroll To Top