TRD House е приватна вила проект на бирото Biselli Katchborian Arquitetos во станбена област во предградието на Сао Паоло, Бразил.
Невообичаената триаголна форма на парцелата, во комбинација со голем број специфични барања од клиентот, ја одредиле поделбата на домот во два главни волумени, кои јасно се разликуваат со употреба на различни материјали. Клиентот сакал многу простор за јавна употреба и монументални скали за горниот кат.
Како одговор, архитектите создале две главни тела, два смели геометриски волумени кои се вклопуваат во триаголната парцела. Првиот волумен им служи на јавните функции на домот: влезниот хол, големата дневна соба, трпезаријата и салонот за телевизија. Поради нивната јавна функција, архитектите првенствено користеле стакло за да ги изградат овие делови на домот.
Волуменот е затворен со стаклени површини од подот до плафонот, воспоставувајќи длабоки визуелни врски со градината и базенот надвор. Јавната улога на овие опростори е нагласена со драматични монументални скали, скулпторска спирала која се витка низ просторот се до горното ниво на вториот волумен. Вториот волумен ги содржи сите приватни простори каде што се одвива секојдневниот живот на семејството.
Приватниот карактер на овој волумен се чита и при изборот на материјали кои ги користат архитектите, за разлика од стаклената транспарентност на првиот волумен, овој е затворен со натур бетон и дрвени панели и е поделен на две нивоа. Овој контраст јасно се појавува во бетонот на местото каде што се сечат двата волумена, додека слободната страна на вториот волумен е различно третирана на неговите две нивоа.
На приземје има голем број простори, како дневните и трпезариите, застаклени или целосно отворени кон базенот и бањата; додека на горното ниво, што ги содржи петте апартмани во домот, лизгачките дрвени панели овозможуваат контрола врз количината на светлина и степенот на транспарентност посакувана во спалните соби. Дизајнот на базенот и градината го комплетира изгледот кој е создаден од двата главни волумени и ја нагласуваат триаголната геометрија на парцелата.