--> -->
-->
Насловна / Вести / Транспарентните соларни панели можат да ги претворат зградите во електрани

Транспарентните соларни панели можат да ги претворат зградите во електрани

Научниците од меѓународниот проект CitySolar, развиле транспарентни соларни модули кои можат да се интегрираат во градежните објекти. Технологијата која комбинира перовскит и органски соларни ќелии, би можела да ги претвори облакодерите во соларни електрани.

Станува збор за проект кој обединува девет партнери од седум земји, и кој развива високоефикасни транспарентни соларни ќелии и модули кои можат да се интегрираат во градежните објекти (BIPV). Најновото достигнување на тимот се повеќеслојни и модули базирани на перовскитни ќелии, кои го апсорбираат ултравиолетовото зрачење, и со органски фотонапонски (OPV) ќелии, кои го зафаќаат инфрацрвеното зрачење.

Проектот CitySolar, прв го решава клучниот предизвик во развојот на транспарентните солрни ќелии – балансирање на ефикасноста и транспарентноста. Благодарение на комбинацијата на органските соларни ќелии со перовскитни, истражувачкиот тим постигнал ефикасност на модулот од 12,3%, со транспарентност на модулот од 30%. Перовскит е класа на материјали со иста кристална структура како минералот калциум титанат, наречен по рускиот минеролог Лав Алексеевич Перовски. Но, перовскитите кои се користат во соларните технологии се од синтетичко потекло. Нивната хемиска структура се модифицира во лабораторија, со цел да се подобри ефикасноста, стабилноста и безбедноста. Наместо калциум и титаниум, во кристалната решетка се додаваат одредени органски молекули, метали и халогени елементи, како хлор, бром и јод. Благодарение на единствената структура и хемискиот состав, синтетичките перовскити имаат исклучителна способност за апсорпција на сончева светлина, што ги прави особено погодни за примена во соларните ќелии.

Овие соларни модули се идеално решение за зградите. Пропуштаат сончева светлина и можат да бидат интегрирани во прозорци, стаклени фасади и покриви, овозможувајќи природно осветлување, додека од друга страна го фаќаат сончевото зрачење и го трансформираат во електрична енергија. Една од предностите на транспарентните соларни модули интегрирани во зградите е што произведуваат електрична енергија токму таму каде што се троши, за разлика од традиционалните соларни електрани, кои често се оддалечени од местата на потрошувачка. Со тоа се намалуваат и загубите. Проектот CitySolar има добиено 3,8 милиони евра од програмата EU Horizon 2020. Европската унија има за цел целосно да го декарбонизира градежниот сектор најдоцна до 2050 година, со оглед на тоа дека тој сектор моментално чини околу 40% од вкупната потрошувачка на енергија.

Испрати коментар

Scroll To Top