Насловна / Вести / Транспарентен и свеж ентериер во семејна куќа во Црниче

Транспарентен и свеж ентериер во семејна куќа во Црниче

Просторот за домување е кат од семејна куќа во скопската населба Црниче, во кој живее брачен пар со три деца. Клиентите се одлучија да нè ангажираат со цел да добијат транспарентен и свеж ентериер, а водено и функционален.

Нивниот дом е прибежиште каде се собира фамилијата и често доаѓаат пријателите. Станува збор за стан на последен кат, со нестандардна висина која произлегува од обликот на плафонот, т.е. ја следи формата на кровната конструкција. Еден од квалитетите на просторот е тристраната ориентација на станот и големите отвори кон југозападната, северозападната и североисточната страна, кои пропуштаат голема количина на природна светлина внатре во домот.

1_resize

Главната цел при изборот на материјали и бои, како и парчиња мебел и опрема, беше да се покаже токму природната светлина што ја исполнува внатрешноста на просторот и ги нагласува сите прекршувања на рамнините кои ја дефинираат просторната целина. Важно беше да се зачува чувството на отворен простор, поврзан со околината преку многуте прозорци, кој воедно ќе ги исполнува сите потреби и начин на живот на петчленото семејтво.

2_resize

Дневниот престој е поделен во две зони – со две посебно организирани седења; едниот дел е наменет за возрасните и за пријателите, а другиот е наменет за децата, каде што може да гледаат телевизија и да играат плејстејшн со другарите.

3_resize

Делот во дневниот престој каде семејството се опушта и гледа телевизија е главно опкружен со бели ѕидови, а поединечен сегмент е во сив тон. Како контраст на белината организиран е орман во црна боја кој служи како библиотека и место за складирање, каде се претопува и телевизорот. Таканаречениот „детски дел“ на дневната соба е со комотни парчиња мебел и ниска комода во боја на природно дрво.

Трпезарискиот дел исто така е дел од овој заеднички простор, каде централно е поставена трпезариска маса која се трансформира во маса за билјард и каде често се собираат гостите.

5_resize

6_resize

Кон југозападната страна организирана е кујната, која заедно со трпезаријата и дневната соба сочинуваат еден простор подреден на различните намени. Кујната е одвоена од трпезарискот дел со висок бел пулт, каде семејството често се собира, заедно приготвува храна и ги споделува своите оброци. Кујната е бела со чисти рамни линии на елементите истакнати на сивиот ѕид. Белината доминира и во целиот простор, по ѕидните и плафонските површини. Контраст е постигнат со поставување елементи од мебел во топла, темносива нијанса, во комбинација со подот изработен од природно дрво. Нијанси на сина и зелена боја се појавуваат во детали од парчињата мебел, кои како секвенци го заживуваат просторот и го прават повозбудлив.

7_resize

Во изолиран помирен и приватен дел од катот се наоѓа спалната соба која е проектирана по желба на корисниците, со гардеробер и комплетно интегрирана бања за чија изведба употребени се големи парчиња стакло. Елеганцијата и едноставноста беа основни насоки при проектирање на овој интимен дел. Дозата на елеганција во спалната соба постигната е со прочистеност од детали, смиреност на линиите и боите и присуство на многу природна светлина. Сè ова заедно ја прави собата многу удобна и дава чувство на безбедност, додека интегрираната бања дава доволна гламурозност на целиот простор.

8_resize

10_resize

9_resize

Автори на ентериерот: Владо Данилов, дипл. инж. арх. и Елена Филиповска, дипл. инж. арх.

Проектантско биро: „Студио 90“

Година на проектирање и изведба: 2021

Фотографии: Марко Костовски

Испрати коментар

Scroll To Top