Можеби навистина не е толку позната и седум пати е пократка од Транссибирската железница, сепак за Трансиранската железница стигна меѓународно признание дека е навистина исклучителна. На својата последна 44-та седница на крајот на јули, УНЕСКО го додели ова признание на овој стратешки важен инфраструктурен проект за Иран, со кој Каспиското езеро се поврзува со Персискиот залив.
Отворена за сообраќај во 1938 година, со должина од 1394 километри, со право се смета за еден од најголемите инженерски потфати на 20-тиот век. На трасата на патно-товарната железничка линија се наоѓаат 224 тунели, 174 вијадукти и 186 помали мостови. Пругата се искачува на надморска висина до 2143 метри. Пробивот низ два масивни планински ланци, барал генијалност во градежното инженерство. Покрај тоа, се градело во услови на ужасно топло време и на тешко пристапен терен. Сето тоа не било пречка проектот да се заврши една година пред рокот и без пробивање на буџетот.
Трансиранската железница била прв дел од амбициозната транспортна мрежа, која ја планирал тогашниот лидер Реза Шах Пахлави, обидувајќи се да ја модернизира економијата. За време на неговото владеење (1925 – 1941) изградени се и повеќе други железнички линии кои го поврзуваат Техеран со тогашниот Советски Сојуз, Турција и Пакистан.