На почетокот на февруари, во „Концепт 37“ во Скопје, студентите од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје, јавно ги презентираа проектите работени во рамки на Студио 1 во есенскиот семестар од академската 2016/2017 година. На дводневниот настан, студентите имаа можност да ги презентираат своите проекти, како и да добијат мислење за нив, од гостите критичари Боштјан Вуга, партнер во студиото „Садар+Вуга“ од Љубљана, Словенија, и Тило Херлах, партнер во студиото „ХХФ архитекти“ од Базел, Швајцарија.
Раководител на Студио 1 беше визитинг професорот на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС, архитект Симон Хартман, партнер во студиото ХХФ архитекти од Базел, Швајцарија. Покрај архитект Хартман, во педагошкиот тим беа и Владимир Десков, Виолета Бакалчев и Силвија Шалева.
Овогодишната тема на која работеа студентите од 4-та година беше насловена „Grand XYZ“. Целта на задачата беше да се проектира објект со комплексна просторна конфигурација во која е заматена границата помеѓу архитектонското и урбанистичкото размислување.
Зададената локација се однесува на поренешната фабрика „Треска“, простор во градот Скопје кој многу пати бил тема на разговор, критика, но и инспирација на студентски проекти. На презентацијата, студентите успешно одговорија на зададените архитектонски предизвици. Преку предлoжените архитектонски идеи се прикажаа можностите за трансформација на локацијата.
Студентите се претставија со проекти кои опфаќаат, од реконструкција и адаптација на некои од постоечките објекти на фабриката „Треска“, до креирање проекти за монументални мегаструктури како обележја на тој дел од градот Скопје.
Подготви: проф. д-р Мишко Ралев,
Факултет за архитектура и дизајн при УАКС