Насловна / Архитектура / Трансформација на јавните и зелени простори во Скопје – тривијален иконографски фејслифтинг

Трансформација на јавните и зелени простори во Скопје – тривијален иконографски фејслифтинг

photo

„Каде што нема ништо сè е возможно. Каде што има архитектура, ништо (друго) не е возможно“.

Рем Колхас (Imagining Nothingness),1985

Паралелно со мантрата за сеприсутниот градежен бум во Скопје, јавните и зелени простори во градот беа и сè уште се на првата линија на агресивната урбанизација и згуснување на урбаната маса. Со нивното постепено исчезнување или трансформирање, можеме да заклучиме дека тие секогаш ќе бидат во подредена улога, притоа нарушувајќи ја урбаната дихотомија на изграденото и неизграденото.

Веројатно заради недостатокот на цврст и препознатлив карактер, овие „празнини“ секогаш биле третирани како необележана или „слободна“ територија, што нè доведе во заложништво од самите себе, односно нашата неспособност да балансираме помеѓу јавните и приватните потреби.

Оние зони на хиперјавниот простор – плоштадите, претставуваат своевиден просторен амалгам на колективните текови, метеријални архитектонско-урбанистички деривати на политичко-културната состојба на општеството во одредена епоха.

Нивната улога, во овој текст, би ја разгледувал исклучиво како контра-тежиште на апсурдниот однос кон создавањето на нов градски идентитет, од една страна, и губењето на автентичниот урбан континуитет – јавните простори и зеленилата во станбените населби, од друга страна.

Јавните простори од понизок хиерархиски ранг кои се вткаени во градското ткиво се останатиот дел од јавниот домен, во кој како граѓани го живееме најголемиот дел од секојдневниот урбан и социјален живот. Нивната можна трансформација и преиспитување на капацитетите за понатамошен развој се честа тема на студиските проекти, но во реалноста овие архитектонски експерименти и развојни модели, за жал, не станаа дел од глобалната стратегија за просторно планирање.

Спротивно од тоа, нивното менаџирање и грижа завршува со доделувањето на ознаката за зеленило во деталните урбанистички планови или со поставување на некакви жардиниери како дел од квази-романтичните хортикултурни ансамбли. Таканаречената стратегија на шминкање на празнините е можеби во ред, но само доколку имаше генерална стратегија која ќе ги координира поединечните проекти и можни решенија за специфичните локации, се разбира, со зголемено учество на граѓаните и експертите пред сè.

Јавно и приватно
Кога зборуваме за зелени простори во Скопје, неизбежно помислуваме на оние фини, празни парчиња зеленило во кое се втиснати зградите од 50-тите и 60-тите години на дваесеттиот век или пак можеби помислуваме и на микроградините во маалата од почетокот на дваесеттиот век со своите живописни комбинации на урбано живеење на отворено, производство на храна или мириси.

Ваквите урбани модели претставуваат најголемиот дел од градскиот материјал, а особено заради фактот што после земјотресот во 1963 година, 80% од старата структура на градот исчезнува, притоа создавајќи нови граници и густина која ја гледаме и денес.

Во постземјотресно Скопје и во еден историски контекст на урбан и демографски раст на градот, фокусот бил ставен на масовната потреба за населување на огромен број жители во станбени формации и урбани модели, кои се базираат на чист контраст помеѓу станбениот (приватниот) и јавниот (слободен) простор.

Иако навидум подредени на тие процеси на експанзија на станбените капацитети, овие зони остануваат витална компонента во тогашната формула за овозможување на доволно квадратни метри зеленило (јавен простор) по станар.

Она што ние како генерација го наследивме се истите тие јавни простори кои претставуваат недефинирани урбани зони, исполнети со паркинзи, оскудна и истрошена урбана опрема, но и со сега веќе огромните дрвја кои станаа нашиот зелен капитал и здрава основа за урбан идентитет и континуитет.

Во нив наследивме и ново семе на раздорот помеѓу корпорациите и политичките партии околу сè уште неосвоените „квадрати“ на новото градежно земјиште. Во објективна ситуација на црвена тревога за опасност да бидат „пополнети“, неизбежно се наметнува потребата за можни предлози за стратегија, која би го заштитила градот од следниот бран на дезинтеграција и уништување на веќе постоечките успешни урбани модели.

zelenilo i parking
Ако се навратиме кон стратегијата за трансформација на „најјавниот“ простор во Скопје – градскиот плоштад, ќе ја прочитаме политичката порака на владеачката елита за создавање, односно преоблекување и пополнување на постоечката урбана празнина во склоп на еден поширок тривијален иконографски фејслифтинг.

Старата тема за дооформување на градскиот плоштад и потребата за нов државен идентитет, ја стимулираше стихијната манифестација на полнење на празното врз база на дополна на нови идентитетски симболи во вид на објекти, фасади, скулптури односно слики.

Новата реконфигурација не се однесува само на исполнување со нова програма – објекти од јавен карактер и администрација, туку и со сценографско аплицирање на еклектични фасади врз станбени и јавни објекти од различни периоди, како една идеолошка и визуелна завеса која ќе му даде нов карактер на постоечкиот слободен простор.

Вакви политички стимулирани архитектонско-обликувани кампањи веројатно постојат многу низ европската историја, но она што има најголема сличност за мене е примерот на Париз од 1765 година, каде што неговиот генерален план носи слично апострофирање на фасадите со универзална архитектонска генеричка граматика и стил кој ќе го одвои јавното – државно од она што е приватно односно градско.

За нас, ваквиот анахрон метод на потенцирање на јавното наспроти морето од густа градска структура беше апсолутно непотребен во услови на веќе зацврснати флуктуации на луѓе, програма и некаков локален архитектонски идентитет (со можеби понов датум на создавање) и, секако, нови правила на игра со кои јавниот градски слој се бара себеси помеѓу материјалното и дигиталното; помеѓу густината на ултракомпресираните пакети од комерцијална програма наречени шопинг-центри и класичните отворени простори, и секако помеѓу контрастите на идеолошките судири на различните градителски периоди.

Вирусот на преоблекување на објектите ќе се прошири и врз некои од главните оски на градот, но не верувам дека ќе стигне да се занимава со структурните, програмските, архитектонските или суштинските инфраструктурни проблеми под нив, а најмалку со слободните простори околу, кои стојат полунапуштени и во исчекување на ново полнење.

14
Ваквата негација на суштинските задачи со кои треба да се занимава агендата за создавање на новиот идеолошко архитектонски идентитет на градот, нè враќа кон проблемите на главнината на урбаното ткиво на градот и неговите празни простори. Заканата од неформалниот бран на хаотична приватизација и државната стратегија за пренамена на земјиштето во „маркици“ на кои ќе изникнат катните гаражи, е факт и нужна реалност којашто допрва ќе добива замав.

Тројанскиот коњ наречен катна гаража, веднаш по пуштањето во употреба ќе се разголи во шопинг-центар или станбена зграда, што бизарно би го споредил со сцените од 80-тите кога Кларк Кент елегантно ја кинеше кошулата за да го покаже својот вистински идентитет на градите.

Но, доколку дозволиме да се скрши успешниот урбан модел на станови втопени во зеленило, кој патем нè репрезентира како град, се дозволува да се уништи едно архитектонско наследство кое нема само културно да не осиромаши, но и сериозно ќе го хендикепира начинот на кој го користиме просторот вон нашите дневни соби.

Orsay
Решенија секако постојат, но треба да ги побараме во современите архитектонски дискурси на глобално ниво и да ги споредиме со искуствата на други земји слични на нашата. Аморфните полузелени простори би можеле синхронизирано да ги надополниме со програма која ќе варира според демографските потреби или животниот стандард.

Секако, трансформацијата на старите гаражни објекти, кои се еден интересен и прикриен програмски ансамбл, мора да биде суптилно земена предвид за да може да се зачува што поголем дел од автентичноста на стариот модел, но и да се формализира граѓанската иницијатива за додавање на нова разновидна содржина.

Недоволниот број на паркинг места (кој најчесто се решава неформално) би требало да добие формално решение кое ќе биде произлезено од еден кохерентен систем, кој ќе го зачува најголемиот дел од слободниот зелен простор, патем решавајќи ги основните потреби на локалните станари.

Впрочем, проблемот лежи и во природата на константната транзиција помеѓу процесите на неформалната логика на граѓанските материјализирани желби и официјалната политика на властите и урбанистите. Зголемената партиципација и свесност кај пошироката публика за заедничкиот проблем на зачувување на балансот помеѓу изграденото и слободните простори, ќе го сменат начинот на кој ги перцепираме овие празнини.

Се надевам дека заедно можеме да донесеме една позитивна еволуција на архитектонското наследство и континуитетот на урбаната форма.

Овој текст претставува адаптиран извадок од студијата за интернет платформата СкопјеРасте (www.skopjeraste.mk) – проект на студиото Архитектри (www.arhitektri.mk) и организацијата Реактор, и служи за визуелизирање на информации добиени врз база на деталните урбанистички планови и нивните измени во рамките на убаниот опфат Дебар Маало и Буњаковец.

Проектот за трансформирање и заштита на зелените и јавни простори во Скопје се обидува да се приклучи кон повикот за создавање на нова стратегија за препознавање на овој автентичен слој од нашиот градски пејзаж.

Ристо Аврамовски дипл.арх.инж. (АРХИТЕКТРИ ), Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top