Ситуирана во центарот на Ротердам, на граница со затскриено парковско зеленило, оваа семејна куќа е реализирана од страна на холандското архитектонско студио Doepel Strijkers во соработка со LEX Architects, преку трансформација на поранешна амбулантна гаража.
Со цел да се создаде директна релација со зеленото опкружување, полниот фасаден ѕид е заменет со целосно застаклена површина.
Специфичен сегмент од внатрешноста претставува издлабениот дел во средината на објектот, кој ја обезбедува потебната висина за содржините на второто ниво. Надвисната над отвореното приземје, „кутија“ со интегрирани LED светла, изведена од поликарбонатна обвивка, ги сместува спалните соби.
Кујнските елементи, како и скалниците, со завршна обработка од портокалов полиуретан, ја поврзуваат издлабената површина со влезниот простор од уличниот фронт и дневниот престој ориентиран кон парковското зеленило. Слободно поставените кутиести елементи на скалиштето формираат неформални површини за седење, со можност да добијат намена и како дополнителни масички.
Како фокална точка во внатрешноста функционира надвиснатата светлечка „кутија“, создавајќи доживување на различно, секвентно изградени површини кои кулминираат со отворените визури кон зелената оаза, потенцирајќи ја посебната експресија на архитектонскиот израз.