Skopje Pride Weekend 2017 под мотото „Транс-формации“ ќе се одржи од 22 до 25 јуни. Целта на серијата настани во рамките на „Викендот на гордоста“ е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни, итн.
– Носечка идеја зад овогодишниот Викенд на гордоста се ТРАНС-ФОРМАЦИИТЕ. Со оваа носечка идеја сакаме да ги отвориме прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста. Уште позначајно, сакаме да ги претставиме и да експериментираме и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност – наведуваат органзиаторите.
На програмата на овогодишниот Викенд ќе учествуваат светски и регионално реномирани уметници и изведувачи. Викендот на гордоста ќе се отвори со изложба на светски реномираниот уметник Касилс (САД/КАН), во четврток, 22 јуни, во 20.30 ч. во Мала станица.
Во петок (23 јуни) во киното „Култура“ со перформансот „Метарод“ ќе се претстави француското дуо ДОЛОРЕС К., сочинето од уметниците Хелен Би и Виктор Марзук. Сабота во 17 часот во Мала станица јавно предавање ќе одржи еден од најзначајните перформанс уметници и познавачи во областа на визуелните и изведувачките уметности – Доминик Џонсон, од Квин Мери во Лондон.
Вечерта во сабота во ноќниот клуб Епицентар ќе настапи во живо со клупски перформанс Аереа Негро, една од дивите на електронската музика, пејачка со исклучителен вокал, продуцентка, диџејка и композиторка. Фестивалот се затвора во недела, 25 јуни, со дрег кабаре на белградскиот колектив „Ефемерни исповеди“ во киното „Култура“.
Овогодишниот викенд е во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ – Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет и ЛГБТ Јунајтед – Тетово.