После Втората светска војна, поделбата на сферите на влијание помеѓу истокот и западот се прекрши низ Германија. Додека во Западна Германија популарните брендови како Volkswagen и Mercedes ги освојуваа западните пазари, Источна Германија прави напори да создаде свој автомобилски бренд наменет за источниот пазар. Германската сојузна држава Саксонија, која припаднала во склоп на Источна Германија, односно во зоната на влијaние на Советскиот Сојуз, во градот Цвикау имала фабрика за автомобили Auto Union AG. Но, новите власти не донеле ништо добро за оваа фабрика. Таа е национализирана во 1945, а во 1948 фабриката пропаднала. На просторите на оваа фабрика, во 1955 започнува да работи VEB Automobilverke Zvickau, а потоа и други фирми.
Импресионирани од успехот на различните автомобили достапни за народните маси, како Volkswagen, брзо е донесена одлука во Источниот блок да се направи едноставен но сигурен автомобил. Првиот „Трабант“ излегол на патиштата во 1957 година, во време кога почнува вселенската трка помеѓу големите сили. Затоа и не треба да чуди токму ова име – збор од германско потекло со кој астрономите именуваат природен сателит. Автомобилот имал каросерија од евтина термопластика, која истовремено била и отпорна на корозија. Во почетокот автомобилот бил вистински хит меѓу источногерманците. Бил со многу достапна цена, па извезуван е и во другите источноевропски земји. Во некои од нив, на испорака на нов „Трабант“ се чекало дури 13 години. Во времето на неговото производство се сметало дека векот на траење на ова возло е 28 години, па за некои ова чекање било прифатливо. Последните примероци од „Трабант“ се произведени во 1990 година, по што фабриката во Цвикау е продадена на Volkswagen. Денес оваа фабрика е реконструирана во центар за производство на автомобилски мотори, но исто така овде се произведуваат и некои модели на Golf и Passat.