„На глобалниот пазар на енергенти му претстои голем пресврт“, прогнозираат аналитичарите. Течниот природен гас (ТПГ) би можел да направи од американската сојузна држава Луизијана една од најважните енергетски извозници во светот – секако со огромни последници за Европа. Започнати се работите на изведба на најголемата директна инвестиција на Јужна Кореја во САД, во мандатот на Трамп, вредна 3 милијарди УСД. Се работи за изградба на фабрика за етан на индустрискиот гигант Lotte Chemicals во делтата на Мисисиспи во Луизијана.
Токму овој настан е клучен показател за тектонските поместувања во значењето на одредени сојузни држави на САД. Нафтениот гигант – Тексас, кој е поголем од Франција, но и побогат од Канада, досега беше центар на американската енергетика. Но, веројатно ерата на нафтата полека заминува во историјата. Поважен од „црното злато“ наскоро ќе биде токму ТПГ, веруваат многу енергетски аналитичари. А со тоа, доаѓа и времето за Луизијана, државата со излез на Мексиканскиот залив, и крајна порта на многу гасоводи. Овде веќе се изградени многу извозни терминали за ТПГ. Според тоа, многу е извесно дека наскоро пеликанот (птицата од грбот на Луизијана) ќе ја засени тексашката Lone Star. Успехот на оваа сојузна држава го објаснува David Dismukes, експерт за енергенти од Louisiana State University . „Со инвестиции од над 100 милијарди УСД во нови извозни терминали за ТПГ, Луизијана го прегази Тексас. Понатаму, 65 милијарди долари во последните години се инвестирани во овдешната петрохемија, привлекувајќи гиганти како BASF и Lotte Chemicals.
На листата на увозници на ТПГ од САД веќе се наоѓаат 26 држави. Досега 60% од сите испораки оделе во Азија. До крајот на 2020 година, бројот на американските ТПГ терминали во однос на 2018 година ќе се дуплира. Со тоа, САД сака да ги престигне моментално најголемите извозници на ТПГ во светот како Австралија и Катар.