Јапонскиот производител на возила Toyota и натаму е највредниот светски автомобилски бренд, додека германскиот Volkswagen (VW) испадна од листата водечките десет, по скандалот со мамење на тестовите за емисија на гасови, покажува годишното истражување на компанијата Millward Brown која врз основа на интервјуа со потрошувачите за перцепцијата на брендовите и анализите на финансиските и деловните показатели ја составува оваа листа во различни сектори веќе единаесет години.
Според споменатото истражување, вредноста на брендот на Toyota пораснала минатата година за 2 отсто, на 29,5 милијарди долари, додека вредноста на VW брендот паднала на 9,3 милијарди долари.
VW загубил повеќе од половината од својата вредност во текот на 2015 година, бидејќи овој концерн е силно потресен откако беше откриено дека во своите дизел возила вградувал софтвер за мамење на тестовите за емисија на штетните гасови.
Инаку на оваа листа не се менува поредокот на првите седум автомобилски брендови, Така, зад Toyota следуваат BMW, Mercedes-Benz, Honda, Ford, Nissan и Audi. А по испаѓањето на VW од првите десет автомобилски марки, на осмото место е Land Rover, а потоа се Porsche и Tesla.
Вкупната вредноста на водечките десет автомобилски брендови минатата година паднала за три отсто, на околу 140 милијарди американски долари.
„Автомобилскиот сектор е соочен со можеби најпредизвикувачкиот период, при што кризата со мамење на тестовите за емисии на гасовите е само една од многуте“, вели Питер Валш од компанијата Millward Brown и директор на истражувачкиот проект под наслов Global BrandZ.
Инаку Toyota на оваа листа најскапи светски трговски марки е на 28-то место. Водечки е Google со вредноста на брендот од 229,2 милијарди долари, што е за 32 отсто повеќе отколку пред една година, со што првпат го мина Apple чија вредност паднала за 8 проценти и сега изнесува 228,5 милијарди долари.