Новата градоначалничка на Торино, Chiara Appendino, порача дека планира да го претвори градот во прв вегетаријански град на светот, а деталите за својот петгодишен план треба допрва да ги претстави на јавноста. Својата идеја, таа ја темели на придобивките за заштита на животната средина, здравјето на луѓето и сл. Предвидува овој потег да биде значајна туристичка атракција, најавува подготвка на вегетаријанска туристичка мапа, а истовремено истакнува дека бројни едукативни настани за вегетаријанската исхрана во училиштата во градот веќе се одржуваат.
Мислењата за овој потег се многу поделени. Додека еколозите и вегетаријанците го поздравуваат, многумина тврдат дека планот е во директна спротивност со кулинарската традиција на регионот и исхраната со векови базирана на месо и преработки од месо. По првата бура во јавноста, од канцеларијата на градоначалникот се обратиле со соопштение во кое потенцираат дека вегетаријанската исхрана ќе биде прашање на избор за граѓаните, а не принуда. Сепак, истакнуваат дека ќе биде воведен т.н. „ден без месо“, во еден ден од седмицата.