Претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин во интерес на здравјето на граѓаните, бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас. „Нашиот став како ДОМ и наше барање беше да продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или мазут коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје, рече Морачанин и додава: „Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните да продолжат топланите да работат на гас. Работењето на гас ќе биде поисплатливо отколку потоа граѓаните да се лекуваат“. На оваа тема Морачанин зборувала и со министерот за животна средина и нејзини очекувања се дека топланите ќе продолжат да работат на гас.
Во меѓувреме денеска топланата Север престана да работи, а Исток и Запад топланите информираа дека имаат гас за уште еден ден затоа што ЕСМ досега не објави тендер за набавка на течното гориво.
Од ЕСМ велат дека нема да има никакви проблеми со греењето, иако во топланите Исток и Запад има гас за само уште еден ден.
ЕСМ од почетокот на грејната сезона ја презеде обврската зимава да ги снабдува топланите Исток и Запад со гас и тоа го прави на кратки периоди од по две недели. Надлежните уверуваат дека ваквиот начин на набавка во моментов е подобар, со оглед на брзите и големи промени во цената на гасот на пазарот.
Процентуално учество на топлинскиот капацитет на секоја топлана во однос на вкупниот капацитет
ЕСМ на 12 ноември соопшти дека купи гас со кој ќе се покрие производството на топлинска енергија до крајот на месецот и дека набавките ќе продолжи да ги прави за покуси временски периоди за да се искористи падот на цената на енергенсот. Од тогаш нема информација за нова набавка.