Кога станува збор за патување на долги растојанија, авионот е секако најбрзо, најсигурно и наједноставно средство за стигнување до саканата дестинација. Но, за жал, не секоја аеродромска писта е лоцирана на терен кој е идеален за таа намена или пак е доволно долга за комотно полетување и слетување. Бројни аеродромски писти во светот бараат посебни вештини од пилотите. Во продолжение Ви презентираме 16 исклучително сложени пристапи на аеродроми избрани од страна на сајтот Interesting Engineering.
1. Saba Airport
Аеродромот Juancho E. Yrausquin, попознат како аеродром „Саба“, е еден од „најстрашните“ на светот. Лоциран е во Холандскиот Карипски остров Саба, 45 километри јужно од Сент Мартин. Неговата писта е долга 400 метри, и е една од најкратките писти на комерцијален аеродром. Но, тоа не е единствената опасност кај овој аеродром. Станува збор за нерамен терен со остро издигнување веднаш до пистата.
2. Congonhas Airport
Меѓународниот аеродром Congonhas во Сао Паоло, Бразил, не само што е „страшен“ туку е и еден од најопасните во светот. Освен што има кратка писта, тој е лоциран во еден од најизградените делови на огромниот град. Како еден од четирите аеродроми кои го опслужуваат градот, познат е по тоа што е обвинуван за една од најлизгавите писти на светот, што се должи на несоодветната изведба во однос на дренажата на дождовницата. За жал, тоа било и причина за несреќи. Всушност, низ годините се случувале и многу сериозни несреќи на овој аеродром. Една од нив е од 2007 година кога токму поради овој проблем со пистата а при умерен дожд, авионот Airbus A320 на компанијата TAM Airlines, се срушил убивајќи 199 луѓе.
3. Telluride Regional Airport
Telluride Regional Airport се наоѓа во југозападниот дел на Колорадо. Станува збор за еден од американските аеродроми на најголема надморска височина (2760 метри). Изграден е во осумдесетите години од минатиот век. Иако тој е сосема безбеден, сепак од пристапот кон пистата на многумина “им се крева косата на главата.“ И на двата краја на пистата има ридест терен, а во текот на зимските месеци силната вертикална турбуленција е сериозен проблем.
4. Svalbard Airport
Изграден на пермафрост, аеродромот Svalbard претставува и своевидно инженерско чудо. Лоциран во норвешкиот Арктички архипелаг, 2438 метри долгата писта на овој аеродром е изградена директно на мраз. Аеродромот нема светла, па сообраќајот е дозволен само дење. Аеродромот е изграден врз перфмафростот, а пистата е изолирана во однос на тлото, со цел да не се појави топење во текот на летото. И покрај сите тешкотии, досието на овој аеродром во однос на безбедноста е беспрекорно. Сепак, поради специфичната локација и условите, овој аеродром е еден од најголемите предизвици за пилотите. Освен со видливоста, се појавуваат и проблеми од навигациска природа поради близината на Северниот пол.
5. Wellington International Airport
Меѓународниот аеродром Wellington во Нов Зеланд, е уште еден од аеродромите на кои е многу тешко да се слета. Двата краја на пистата долга 1935 метри се граничат со водена површина. Пристапот до пистата е многу проблематичен за пилотите, бидејќи се работи за планински предел познат по своите вртложни ветрови. И покрај тоа, овој аеродром има забележано многу мал број безбедносни инциденти.
6. Gisborne Airport
Станува збор за уште еден аеродрм од Нов Зеланд, чија писта на едно место се сече со железничка пруга. Сообраќајот на аеродромот бара координација со железничкиот сообраќај. Токму затоа, од безбедносни причини не е дозволено никакво доцнење ниту на авионите ниту на возовите.
7. Lukla Airport
Lukla Airport, односно Tenzing–Hillary Airport, во Непал, служи како главен аеродром за сите оние кои го посетуваат Монт Еверест. Овој аеродром е вгнезден во планинскиот масив и има исклучително кратка писта. Аеродромот е инаку многу мал. Понекогаш снемува електрична енергија, при што се прекинува комуникацијата со контролата. Ова го прави слетувањето исклучително ризично дури и во идеални временски услови. Лоциран е на надморска височина од 2840 метри, на едната страна од планината. Пистата е долга само 488 метри, при што на едниот нејзин крај е драматична провалија , а од другата страна стрмната планина.
8. Courchevel International Airport
Пред неколку години, едно видео со забележано слетување на овој аеродром стана вирално на интернет. Пистата е долга само 525 метри, и има наклон од 18,5%. Пристапот кон пистата е отежнат од планинскиот предел на Алпите, поточно една исклучително тесна долина. Само специјално сертифицирани пилоти можат да слетуваат овде.
9. Toncontin Airport
Речиси сите аеродроми во планински предели се тешки за слетување, па ниту Toncontin Airport во Тегусигалпа, Хондурас, не е исклучок. Имено, при пристапот за слетување, задолжително е брзо свртување од 45 степени, што може да предизвика опасност од нагло губење на височината и контакт со теренот. Ветровите и лошите временски услови, уште повеќе го отежнуваат слетувањето.
10. Princess Juliana International Airport
Како и другите аеродроми во Карипско море, Princess Juliana Airport, на Сент Мартин, е можеби најпознатиот на листата, бидејќи непосредно пред пистата се наоѓа јавна плажа. Авионите се приближуваат кон пистата на многу ниска височина. Пистата е долга 2200 метри, што е недоволно бидејќи на големите авиони кои овде слетуваат им се потребни најмалку 2500 метри за безбедно слетување. Аеродромот Princess Juliana, првично бил изграден за помали авиони, но растечкиот туризам донел редовни летови од авиони од типот на A340 и 747.
11. Paro Airport
Paro Airport во Бутан е сметен во пределот на Хималаите, и само мал број пилот се квалификувани да слетуваат овде. Сместен е на надморска височина од 2400 метри, и опкружен е со остри планински врвови, со височина до 5500 метри. Сообраќајот е дозволен само во текот на денот, а пистата е скриена и тешко видлива при слетувањето.
12. Gibraltar International Airport
Gibraltar International Airport е веројатно најнеобичниот аеродром во Јужна Европа. Иако пистата не е особено тешка за слетување, аеродромот е потенцијално опасен поради интересните форми на дизајнот. Главната градска улица, авенијата „Винстон Черчил“ се пресекува со пистата, и мора да биде затворена секогаш кога треба да слета авион. Од друга страна, кратката писта завршува во морето и на двата краја, па потребна е голема внимателност.
13. McMurdo Air Station
На овој аеродром на Антарктикот му недостасува доста од вообичаената аердромска инфраструктура. Пистата е е направена брз “бел мраз“ (компактен снег), што ја прави тешка за слетување, иако не е кратка.
14. Madeira Airport
Madeira Airport е еден од неколкуте во светот каде е изградена платформа со цел продолжување на пистата. Таа е лоцирана помеѓу карпести гребени и океанскиот брег. Со цел продолжување на пистата, а соочени со недостаток на простор, инженерите изградиле серија платформи на вештачки остров. Пистата се потпира на повеќе од 180 столбови, кои треба да ги издржат оптоварувањата на слетувањето. И овде е ограничен бројот на пилоти кои можат да слетуваат, бидејќи не е доволно само користењето на инструментите.
15. MCAS Futenma
Овој аеродром е лоциран во US Marine Corps Air Station, во Окинава, Јапонија. Пистата е лоцирана во средиштето на густо населениот град. Тоа е исто така и исклучително фрекфентен аеродром, каде редовно слетуваат борбените авиони F/A-18 Hornets и V-22 Osprey. Ситуацијата на овој аеродром е всушност директно кршење на стандардите за безбедноста кои важат во U.S. Department of the Navy.Во 2003 година, било препорачано да се затвори, но тој и натаму работи.
16. Narsarsuaq Airport
Слично како на Антарктикот, екстремните аеродроми на Гренланд се често прекриени со мраз. Оваа писта долга 1800 метри и прекриена со мраз е исклучително опасна за пилотите. Честите бури предизвикуваат турбуленции и слаба видливост, а во комбинација со мраз на пистата, условите се навистина сложени. Блискиот вулкан кој повремено еруптира, создава многу пепел што ги оштетува авионските мотори.