Насловна / Архитектура / Тонглор – три сценoграфии на урбаното живеење

Тонглор – три сценoграфии на урбаното живеење

Населбата Тонглор симболизира точка за сретнување на младите, шик урбани жители и туристи на Банкок. Во последната деценија се развива од приградска населба, позната по нелегалната трговија со автомобили и евтини изложбени салони за свадби, во алегорија на алтернативно-популарно живеење. Модните продавници, концепт ресторани, бистроа, мали плоштади со минималистички комерцијални простори, целосно ја преоблекуваат населбата во новиот Таи воуг. kontekst_thonglor_denski i navecher

Контекст Тонглор, денски и навечер

Во доцните часови населбата е преплавена од млади луѓе кои ја живеат популарната клубска сцена, посетувајќи ги улиците со неформални продавачи на храна по завршетокот на забавите. Целиот дистрикт е исполнет со џепови со кафулиња, мали улички, променади со тезги и постојано се отвораат нови клубови кои ја трансформираат населбата од „работничка“ во „урбана“.

Следствено, урбаната експанзија се очекува да го трансформира изгледот на Тонглор во наредните четири до пет години. Амбициозните планови на институцијата Транзитни системи на Банкок планираат експанзии на мултинодалниот мегалополис до 2030 година кон север, југ, исток и запад. Тонглор претставува една од станиците којашто во 2019 година се очекува да отвори нова линија со девет станици по оската север-југ.

Линијата е планирано да поминува низ улицата Сукумвит 38, којашто претставува една од препознатливите икони на контекстот. Содржејќи скромен број на кондоминиуми, урбаното ткиво сè уште е предоминантно со индивидуални приватни куќи со дворови. Со исклучок на младите луѓе на Банкок коишто преферираат да живеат во сопствени полу-приватни дневни соби – гарсониери во кондоминиумот, мнозинството сè уште поседува и живее во индивидуални куќи со сопствен двор.

Bangkok Street Food. Soi 38 Thong Lor. Bangkok, Thailand.

Во рамките на катедрата за Урбан дизајн при Факултетот за архитектура на Универзитетот Тамасат во Банкок, истражувачкиот тим, во состав проф. д-р Винју Ардругса, Ханса Срилерчаипанји и Александра Шекутковска, работи на истражување за надземниот воз и неговите станици. Надземниот воз создава синтеза на формални и неформални активности и открива богато културно-социолошко милје во централните делови на Банкок. Урбаниот ʼрбет ги поврзува и консолидира населбите преку приклучување во комерцијални, резиденцијални, културни и бизнис објекти.

Критериумот да се избере станицата Тонглор како почетна точка на истражувањето се заснова на променливата иднина и трансформација на оваа населба. Постои претчувство дека нејзината сегашна состојба и контекст наскоро ќе стане дел од рацепкување и прекинување на места со неформални активности, урбана експанзија и реално можни процеси на гентрификација.

faktori na urban razvitok_tonglor

Истражувањето Трилогија Тонглор го отелотворува дистриктот преку три различни сценарија (сценографии) на урбано живеење: 1. Станицата на надземниот воз; 2. Сукумвит 38, улица за храна (почетокот на улицата е окупиран од неформални продавачи на храна) и 3. Сукумвит 38, улица за живеење – кондоминиум Аштон. Три острови кои претставуваат пример за различни преплетувања помеѓу архитектура, инженерство, урбанизам и социјално живеење; креативни социо-просторни активности; контрастен карактер на создавање и користење на јавен простор и формација на урбана икона (популарен животен стил). Трилогијата е „сместена“ во пешачки опсег од 300 метри.

sukhumvit 38_hrana_navecher

Улица „Сукумвит“ 38

Сите станици на надземниот воз на Банкок се високо исконтролирани простори во коишто важат строги правилници: забрането јадење, пиење, спортување, носење на миленичиња, забрането пушење и алкохол, забранета неформална трговија и забрането фрлање на отпадоци. Според анкетата спроведена со обезбедувањето на станицата, велат дека прекршувања на правилникот се случуваат многу ретко и вообичаено се поврзани со храна и пијалаци. Скалите и ескалаторите за излез на станиците остануваат колонизирани со индивидуални неформални претприемачи кои продаваат храна, пијалаци, весници и предмети. Ashton-kondomium ulichen front

Станицата Тонглор содржи неколку формални продавници кои се изнајмуваат месечно, скромен број на билборди, кои рекламираат програми на простори од тротоарот на потстаничното ниво, и еден долг пешачки коридор кој води до новиот кондоминиум Noble Remix 2. Популарноста и близината на станицата во Банкок ја детерминира цената на киријата, продажната цена на становите и комфорот на живеење. Ashton_kondomium

Кондоминиум Аштон

Единиците за живеење во Noble Remix 2 се веќе распродадени рекламирајќи се со мотото „Пешачи над сè“, давајќи акцент на комфорот на директниот влез кој се приклучува од станичната пешачка платформа. Од самата станица на излез 3 се забележува кондоминиум Аштон кој се наоѓа на Сукумвит 38, улицата земена како главен фокус за истражување.

Доколку станицата ви изгледа како транзиторен простор без значителни активности, улиците на Тонглор околу неа се преполни со акција и динамичност. Секоја од нив има сопствен карактер и променлива променада, различен интензитет на посетеност во различни периоди од денот и ад хок активности на променливо создавање на простор преку поставување на тезги и мобилни киосци.

Движењето на пешаците се прелева од тротоарите на улиците и тие стануваат јавни плоштади. На самите улици се преплетуваат патеките на автомобилите, пешаците, масите со столчиња, тезгите. Хибридни структури од продавници и ресторани + тезги со различна или иста функција го градат уличниот фронт. „Излозите“ на неформалните тезги и киосци стануваат дијалог за преговарање за правото на простор.bbk_future-map_110518_mod2

Lonely planet, туристички брошури и сајтови, социјални мрежи ја магнетизираат и полнат со енергија улицата Сукумвит 38 за туристите, како едно од оние места коишто мора да се посетат за да се проба автентична улична храна. Како што и самите продавачи се обидуваат да објаснат, многу туристи принтаат слики од конкретната храна или од конкретниот продавач и тргнуваат во потрага по истото од препорачаната слика. Клупската сцена на Тонглор ја „реформира“ оваа улица како место за исхрана во доцните ноќни часови.

Сукумвит 38 е популарна уште пред 20 години, кога публиката што ја посетува е претежно локална, Таи луѓе кои доаѓаат да вечераат после работниот ден. Денеска од пет часот попладне неформалните претприемачи ги местат сопствените тезги и маси со столчиња окупирајќи ги тротоарите и самата улица. Деконструираниот вертикален дијаграм на различни теми во самата улица ни ја прикажува улицата како палимпсест од испреплетени активности.Print

Поетско видување на Тонглор

Сепак, близината на станицата ја зголемува цената на земјиштето каде што се наоѓаат овие две куќи со мини ресторани за изнајмување и окупирани тротоари. 30% од рестораните се веќе затворени и самите продавачи истакнуваат дека интензитетот на посетители значително опаднал во последните години. Тие ги споделуваат своите грижи поради изградбата на кондоминиум Аштон, дека целата улица може да се претвори во улица за домување во висококатници, надевајќи се дека доколку сè уште има посетители и овој дел на улицата е активен, ќе успее да остане урбаното ткиво „консолидиран“ колаж.

Во продолжеток, се менува атмосферата – улицата се развива во високо луксузна резиденцијална улица. Голем број на приватни куќи се заградени со две-триметарски огради, приватни влезови и камери. Една парцела е веќе претворена во градилиште каде што се очекува да никне новиот кондоминиум. Кондоминиум Аштон, иконата на оваа улица, е изграден во последните пет години. „Ананда девелопмент“, градежната фирма сопственик, неодамна се прогласени за најдобри градители на висококатна архитектура во Тајланд.

Висината на кондоминиумот е деконструирана со зелена фасада која ја „намалува“ неговата доминантност наспорти пејзажот на урбано ткиво со куќи. Двовисинските станови и атрактивните програми, зеленилото и контекстот во којшто се наоѓа, ја зголемуваат неговата популарност.tonglor

Креативното милје прикажано во Трилогијата Тонглор го персонифицира есенцијалниот идентитет на Банкок во помал размер. Разликите во просторниот дијалог, пешачките траектории, јавниот простор и иконографијата на сите поединечни сценографии, го прават градот синтеза од различни корисници и случувања. Препознавањето и приближувањето на вниманието до специфичните активности предизвикани од неформалните претприемачи е направено со цел да се разбере ткивото со контрастни простори.

Размислувањата како да се создаде дијалогот помеѓу нив (освен физичката близина) е значителен заради одржувањето и подобрувањето на постојното функционирање на организмот-населбата, наспроти градење на нови екстремно различни острови во неа. Истражувањето Трилогија Тонглор е презентирано во рамките на настанот MAXXI B.A.S.E во Рим, на 24 мај, како дел од MaPs: Mastering public space – колаборативна истражувачка мрежа на градови и урбанизам.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top