Холандското „златно доба“ на сликарството не би било ни приближно така „златно“ без посебниот допир на Рембрант со четката.
Хемичарите од Ријксмусеум и Универзитетот во Амстердам сега сфатиле како холандскиот сликар од 17. век, Рембрант ван Рајн, ја донел блескавата светлина во делото Ноќната стража, користејќи пигмент кој никогаш предходно не бил виден на палетата на уметникот.
Тајната е во необичната комбинација на бои, вклучувајќи ги и жолтите – направени од олово и калај, како и портокаловите, кои ги правел од арсен и сулфур.
Се чини дека Рембрант намерно ги комбинирал овие токсични пигменти со други бои за да создаде специјална златна нијанса.
Откритието е резултат на голем истражувачки и конзерваторски проект, наречен „Операција Ноќна стража“, која почна во 2019 година и настојува подобро да го разбере ремек-делото на Рембрант.
До неодамна, многу малку се знаеше за боите што познатиот сликар ги правел и мешал за „Ноќна стража“, неговото најпознато дело.
Во 2017 година, рендгенската снимка на уште една слика на Рембрант откри „целосно нов пигмент“ во опсегот од жолта до портокалова што го содржи – арсен.
Златниот одсјај од Ноќната стража, сепак, е различен.
Во 17. век, одредени богати пигменти биле направени со додавање на арсен или сулфур од загреани природни руди од тие два елементи како орпимент или реалгар.
Некои од боите што се користат за правење злато во Ноќна стража, добиени се од жолтите, портокаловите и црвените пигменти на парареалгар.
Истражувачите користеле микроскоп за да откријат дека Рембрант користел мали количини светло портокалова боја за да ги истакне сенките на златниот вез што се гледаат на ракавите на палтото на еден припадник на стрелачкото здружение.
Се уште се шпекулира за тоа дали двата специјални пигменти самиот уметник ги измешал или своевремено во Амстердам му биле продадени по нарачка.
Наодите сугерираат дека многу поголем број токсични пигменти биле достапни за употреба во Европа во 17. век отколку што мислеле историчарите.
„До денес, присуството на парареалгар во европските слики и уметнички предмети е потврдено само во неколку случаи“, пишуваат истражувачите.
Можеби Рембрант бил на револуционерен пат, или можеби понатамошното истражување на други слики ќе открие дека тој бил само еден од многуте уметници од 17. век кои сликале со токсични пигменти.
Студијата е објавена во Heritage Science.