Јапонскиот автомобилски гигант „Тојота“, најави дека ќе вложи 240 милиони фунти во Велика Британија, со напомена дека иднината на работењето на компанијата во оваа земја ќе зависи од исходот на преговорите за излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.
Јапoнскиот гигант во автомобилската индустрија, планира да ги модернизира производствените капацитети во Англија, а во најавените вложувања е вклучена и сумата од 21,3 милиони фунти, кои се добиени од британската влада и кои ќе бидат искористени во еколошки цели, односно да се намали влијанието на фабриката врз природната околина.
Џон ван Зил, претседател и извршен директор на „Тојота Мотор Европа“, рекол дека компанијата е насочена кон зачувување на глобалната конкурентност на своите европски фабрики.
Ван Зил, исто така, нагласил дека за „Тојота“ е важен британскиот пристап до европските пазари, кој останува нестабилен откако премиерката Тереза Меј најави дека Велика Британија ќе го напушти единствениот европски пазар.
Најголемиот британски синдикат кој ги застапува правата на работниците во автомобилската индустрија, ја повика владата на Велика Британија да направи „се што е потребно“ за да го задржи таквиот пристап на европските пазари.
Двегодишните преговори за излегување на Британија од ЕУ би требало да започнат наредниот месец, а премиерката Тереза Меј официјалното барање за почеток на преговорите ќе го поднесе до крајот на овој месец.