Aeromine Technologies, компанија со седиште во Хјустон, инсталирала иновативни ветерни турбини на покривот на фабриката на BMW во Оксфорд, Велика Британија. Овие турбини, кои немаат подвижни делови и работат без бучава, осмислени се како дополнување на фотоволтаичниот систем на фабриката, овозможувајќи производство на чиста енергија со минимално заземање на простор.
Според податоците на компанијата Aeromine Technologies, овие ветерни турбини користат само 10% од површината на покривот која им е потребна на фотоволтаиците, додека истовремено генерираат до 50% повеќе енергија од соларните системи по иста цена. Овој систем сега е за прв пат инсталиран во Велика Британија, додека претходно е тестиран во постројката BASF Corporation во Мичиген, САД. Овие турбини функционираат така што се поставуваат на рабовите на зградите, каде што ветерот кој забрзува минувајќи преку покривот, наидува на вертикални аеропрофили поставени на двете страни на централен столб. Процесот создава зона на низок притисок зад столбот, што го повлекува воздухот низ дното на уредот, овозможувајќи вртење на внатрешниот пропелер со што се генерира електрична енергија. Благодарение на ваквот дизајн, Aeromine системот на бара голем простор, што овозможува поставување на фотоволтаици помеѓу турбините, создавајќи на тој начин хибриден систем.
Покрај ефикасноста во производството на енергија, Aeromine ветерните турбини имаат предност и кога станува збор за трошоците и одржувањето. Направени се од материјали кои лесно можат да се рециклираат, а нивниот проценет работен век е околу 20 години. Доколку проектот во фабриката на BMW се покаже успешен, Aeromine планира поширока примена на овој систем во други постројки на автомобилскиот гигант ширум светот.