За две години по светските океани би требало да заплови репликата на легендарниот „Титаник“ кој потона во 1912 година, која едноставно е наречена „Титаник II“. Се работи за проект вреден 500 милиони евра, на австралискиот милијардер Clive Palmer и неговата компанија Blue Star Line.
Новиот брод ќе изгледа идентично на својот претходник, но ќе биде поширок четири метри. Должината на бродот ќе биде 270 метри, а тежината 56.000 регистарски тони. За разлика од оригиналот, неговиот труп ќе биде заварен, а не прицврстен со заковки, со што ќе бидат задоволени актуелните сигурносни прописи. Разликата, секако, ќе биде и во бројот на чамци за спасување. Како што е познато, меѓу другото, токму поради недоволниот број на чамци за спасување во трагедијата биле спасени само 706 патници, а загинале 1.517.
Што се однесува до капацитетот на новиот брод, тој ќе може да прими 2.400 патници и 900 членови на екипажот распоредени во 840 кабини на девет ката. Ито како и во „оригиналот“, патниците ќе бидат сместени во три класи. Директорот за маркетинг на Blue Star Line, истакнува дека бродот ќе има модерни процедури за евакуација, дигитална навигација и модерни техники за справување со сите ризици.
Првото патување на овој брод е планирано за 2018-та, и тоа од кинескиот град Џиангсу кон Дубаи.