Наскоро низ океанот ќе заплови бродот Titanic II. Репликата на најпознатиот патнички брод во историјата е идеја на австралискиот милијардер Clive Palmer, a ќе плови по истата рута како и неговиот претходник. Бродот ќе стане дел од флотата на компанијата Blue Star Line, чие име исто така е инспирирано од компанијата сопственик на оригиналниот Titanic, која се викала White Star Line. Компанијата Blue Star Line е во сопственост на австралискиот милијардер Clive Palmer. На идеја за изградба на реплика на Titanic, Palmer дошол во 2013 година. Неговата замисла со време наишла на бројни потешкотии, но милијардерот не се откажувал, и се надева дека проектот ќе с епокаже како исклучително финансиски успешен. Бродот Titanic потонал во ноќта на 15ти април 1912 година, откако удрил во масивен леден брег.
Новиот брод ќе се разликува од својот претходник по тоа што ќе има поголема широчина заради подобра стабилност и ќе има заварен труп. Palmer најавил дека Titanic II ќе тргне на прво патување од Дубаи во 2022 година. Конечното одредиште ќе биде Њујорк, така што Titanic II во текот на пловидбата ќе мине низ подрачјето каде се случила несреќата, и преку Саутемптон ќе стигне до крајната дестинација. Деталите за Titanic II сеуште не се познати, но според веб страната на Blue Star Line, Titanic II треба да има исти ресторани како неговиот претходник, а се очекува вработените да имаат и исти униформи како некогаш. Palmer предвидува дека овој брод со време ќе стане пловечка туристичка атракција.
Некои критичари сметаат дека проектот Titanic II е обид да се инкасира од трагедијата, а овој проект е контроверзен и поради Palmer, кој своето богатство кое се проценува на 1,8 милијарди долари го стекнал во рударскиот бизнис.
Titanic II не е единствената реплика на славниот брод кој во моментот се гради. Во Кина, во покраината Сечуан, во тек е изградбата на уште една реконструкција, со тоа што се работи за верзија која не е наменета за пловидба. Овој проект го финансира Владата на Кина и замислен е само како туристичка атракција.