Дизајнот на канцелариските згради, исто како и нивното ентериерно уредување, се менува низ текот на времето преку разни влијателни трендови во општеството. Тоа зависи од општествените прилики, култура, но и од спремноста и талентот на архитектите да се пронајде најефикасниот канцелариски распоред во согласност со важечкиот тренд во однос на ентериерниот стил и организациската култура која владее во одредена компанија.
Некои теоретичари на организацијата на работењето имаа големо влијание врз дизајнот на канцелариите и врз работењето во канцелариите, како што се Фредерик Тејлор и Хенри Фајол (Frederick Taylor и Henri Fayol). Теоријата на Тејлор наречена „научен менаџмент“ се смета за највлијателна теорија за дизајнот на канцелариите, со неговата стриктна хиерархија и контрола врз вработените. Тоа се дел од организациските и менџментските теории, кои заедно со технолошките пронајдоци, посебно на полето на телекомуникациите, го предводат почетокот на толкувањето на развојот на дизајнот на канцелариите.
Канцелариски простори во стилот на 60-тите години од минатиот век
Во декемвриското издание на списанието „Корпоративен дизајн“ од 1984 година, Карл Густафсон, авторот на статијата „Вестингхаус генерира нова корпоративна култура“, пишува дека на состанокот со своите архитекти, кои работеле на дизајнот, Вестингхаус побарал имиџот на својата успешна, технолошки супериорна компанија да биде интерпретиран за три интересни групи.
За неговите пријатели и колеги индустријалци, зградата треба да рефлектира сила, професионализам и интегритет. За заедницата на градот Орландо во САД, потребно е да има моќно и елегантно присуство без разметливост. И на крај, за вработените во зградата, тој сакал да им пружи инспиративна работна средина со особини на уметничко дело.
Но, она за што многу од менаџерите не се свесни е токму односот помеѓу дизајнот на канцелариите и различните организациски однесувања, ставови и импресии, симболичните пораки кои се пренесуваат преку дизајнот (како што е погоре илустрирано), кои треба да резултираат во поефикасни и ефективни работни средини. Затоа може да се направи поделба на елементите на канцеларискиот дизајн во две генерални категории кои директно влијаат врз одредувањето на типологијата на канцелариските простори, кои ги детерминираат работните технологии и организациски однесувања:
1. Канцелариски распоред – подразбира конфигурација на канцеларискиот простор (кој е до кого лоциран и вкупните локациски релации на вработените), вид на канцелариско уредување – дали е конвенционално или со отворен план, и уредувањето на мебелот, опремата, предметите во индивидуалните и заедничките канцелариски простори. Канцеларискиот распоред од една страна е просторна материјализација на организациските критериуми, а од друга е неразделен дел од својата архитектонска школка. Тоа значи дека распоредот треба да ги рефлектира барањата на организацијата, но без да ја наруши архитектонската контекстуалност на обвивката.
2. Канцелариски декор – подразбира стил и вид на мебел, декоративни предмети и физичките елементи на средината како што се осветлувањето, бучавата и температурата на воздухот.
Професорот на архитектонскиот факултет од Стокхолм, Кристина Даниелсон-Бодин наведува две традиции во архитектонскиот дизајн на канцелариските објекти: Северноевропската традиција и Северноамериканската традиција . Северноамериканската ги вклучува земјите како САД, Канада и Велика Британија и пацифичките градови како Токио и Хонг Конг.
Оваа традиција се фокусира повеќе на менаџментот и ефикасноста, а канцелариските згради се користат како симболи на економската моќ и просперитет. Архитектонскиот дизајн често е во корпоративниот Интернационален стил. Северноевропските дизајн традиции ги вклучува нордиските земји, Германија и Холандија. Акцентот кај оваа традиција се става на ситуацијата на локацијата и на работната средина.
Истражувајќи ги почетоците на канцеларијата како просторни и социјални феномени, констатирано е дека појавата на „модерната“ канцеларија дојде со развојот на индустриското производство. Канцелариската работа за време на почетоците на индустриското општество не се одвиваше во посебни згради за административната работа, туку во прикладни простории, внатре во домовите на буржоаската класа која беше сопственик на индустриските постројки.
Во прво време изгледало практично лоцирањето на административната работа блиску до производствените постројки, но подоцна, кон крајот на деветнаесеттиот век, во Европа специјализираните канцелариски згради ги зафаќаат строгите центри на поголемите градови, при што веќе се дефинираат како „канцелариски палати“.
Канцелариите како посебен тип на објекти е феномен на крајот на деветнаесеттиот и на целиот дваесетти век, создаден од две поврзани движења: пронаоѓањето на бирократијата и аплицирањето на машински и индустриски базирани принципи на научниот менаџмент на Тејлоризмот врз канцелариската работа.
Развојот на административната и канцелариска работа беше предуслов за претставување на новиот архитектонски стил наречен „Чикашка школа“ во САД. Чикаго, после големиот пожар во 1871 година, бил град кој максимално профитирал од технологиите што го туркале нанапред развојот на комерцијалните канцелариски згради.
Посткатастрофалниот период им дал извонредни можности на значајни архитекти и планери на тоа време, да го реконструираат градот според своите сфаќања, знаења и таленти. Херојските подвизи во архитектурата и дизајнот на овој период не може да се забележи никаде во светот во тоа време.
Но, во суштина две групи на дисциплини се одговорни за ваквиот подем: во првата спаѓаат, дизајнот, конструкторските и проектно менаџерските способности, кои се неопходни за да се произведат релативно едноставно конструирани и некомплицирани архитектонски школки, доволно робусни за да вдомат голем број различни канцелариски намени. Втората група ја сочинуваат, од една страна, вештините што се потребни за да се реагира и просторите да се приспособат во најкус можен рок на константно променливите, но сепак виталните значајни деловни барања и моделите на работење за секој посебно комерцијален изнајмувач на канцелариите.
Една од најбитните технички иновации во тоа време е челичната скелетна конструкција која овозможи флексибилност на просторот, т.е. квантитативно и квалитативно да се менуваат канцелариските простори спрема потребите на изнајмувачите.
Додатен фактор за развој на канцелариските згради, впрочем како и другите архитектонски типологии во првата половина на 20 век, како што се и трговските центри, беше развојот на флуоресцентните ламби во 1895 година. Тоа го направи канцеларискиот тлоцрт не толку зависен од дневната светлост, и целата длабочина на зградата може да се користи за канцелариска работа која е сензитивна на светло. Тука треба да се споменат и машинските изуми како што беа лифтовите и вентилацијата, кои ја проширија хоризонталната и вертикалната граница на простирање на зградите во зависност од нивната намена и потребите.
На почетокот на 20 век, фокусот на архитектите во дизајнот на канцелариите главно е ставен врз флексибилни тлоцртни распореди, а не врз работната средина на работникот. Ова доведе до помалку прикладна работна средина, со што започнале да се појавуваат и првите критики против ваквата состојба.
Зградата на ПСФС – зграда на филаделфиското друштво на штедниот фонд или попозната како Лоус Филаделфија Хотел, е првиот административен облакодер изграден во светот во Интернационален стил во градот Филаделфија, САД, од архитектите Џорџ Хау и Вилијам Лесказе во 1932 година. После Втората светска војна оваа зграда ќе стане модел за архитектонскиот израз и јазик на канцелариските згради ширум светот со варијации по однос на височината (катноста). Со тоа, од корен се измени конфигурацијата на градската слика во чиј фокус се новите симболи на економската моќ на модерните општества.
Со урбаниот пејзаж на големите економски центри ќе доминираат канцелариските згради во новиот Интернационален стил во чија архитектонска основа е канцеларијата – клетка, која се протега од двете страни на централен коридор и паралелно со фасадните ѕидови. Во овие мугри на Интернационалниот стил, архитектите многу повеќе воделе сметка за дизајнот на социјалните простори, влезните лобија, конференциските сали и кафетерии, отколку за работните простори.
Во последните четири децении на минатиот век, дизајнот на канцелариските згради во Европа еволуира пратејќи го развојот на бизнис менаџментот. Во 60-тите канцеларијата е посматрана како отворен комуникациски систем кој го олеснува слободниот тек на информации низ целата организација. Така, во овие години се појавуваат нови трендови на канцеларии со отворен план, како што е пејзажната канцеларија – Buerolandschaft, што е всушност германски канцелариски систем од типот на кластерска организација на основата.
За овој концепт, теоретичарот Рајнер Банам вели дека германскиот слободно асицијативен канцелариски план е еден од нејнеочекуваните и најинтригантни размисли кои се појавиле во Европа во тоа време. Ваквиот концепт ќе претставува пресвртница во организацијата на работниот простор, при што ќе има силно влијание врз архитектонскиот израз и јазик на објектите што ќе се појават во втората половина на 20 век.
проф. м-р Мишко Ралев,
Факултет за архитектура и дизајн при УАКС