Бела куќа, како оние на Санторини, е инспирација за оваа куќа, која е украсена во согласност со 21 век.
Класична приказна. Француска двојка се вљуби во грчкиот остров Сифнос, па решија, што друго, да ја изградат својата куќа за одмор токму таму. Во тоа им помогна атинското архитектонско студио a_2_architects, кое дизајнираше куќа на падината на островот со зачудувачки поглед на Егејското Море.
Локацијата ориентирана кон североисток ја услови организацијата на просторот, како и неговата форма, која е во традиционалниот дух на архитектонското наследство на Кикладите – тоа е бела кубна куќа како онаа на Санторини. Сепак, иако ова е типична грчка куќа, таа е украсена во согласност со 21 век.
Комплексот од различни коцки во бела завршница или во камен, е замислен како систем од различни волумени што хармонично се вклопуваат во околниот терен, пишува Designboom. Кубните простори се прошируваат на места со перголи, кои ги поврзуваат внатрешноста и надворешноста на куќата.
Волумените се поврзани на различни нивоа со патеки, тераси, камени sидови и перголи, со што се воспоставува континуитет меѓу изграденото и пејзажот.
Клиентите сакале внатрешноста, како и надворешноста, да биде минималистичка. Според нивното барање, дизајнирана е пространа дневна соба, како и голема кујна и трпезарија. Куќата содржи и четири спални соби, а во рамките на комплексот има и две сместувачки единици за гости.
Широкиот влез води од влезната зона до главниот стан, како и до скалите што водат до пониското ниво каде се наоѓаат другите спални.
Со намера да се добие поголема приватност на двете сместувачки единици за гости, тие се организирани во северниот дел на парцелата, каде што исто така можат да уживаат во посебни отворени простори и прекрасни погледи.
Високата камена коцка, во која се сместени дневната соба и трпезаријата, содржи и пергола, која делумно се потпира на карпата, со што се создава трпезарија и кујна на отворено.
Во комбинација со цементни подови, фасадите од локален кршен камен, како и дрвените перголи и прозорските стакла, хармонично се мешаат со архитектурата на островот.
Во областа на надворешниот базен, може да се види употреба на мермер, што и дава на зградата одредена доза на елеганција, а дрвениот мебел во куќата ја дава целата неопходна топлина.