За жал работењето од дома стана дел од нашите животи, секако само во оние професии кои во ситуацијава ја имаат таа „среќа“ и привилегија да не одат на работа, а обврските да ги извршуваат од дома. Состојбата со пандемијата трае долго, веќе влегуваме во последниот квартал на 2020. година и се уште е тешко луѓето да најдат доволно простор и мир во своите домови за да можат ефикасно да работат. На луѓето им е неопходна посебна зона за да можат да бидат продуктивни.
Имајќи го ова на ум и големата промена во начинот на животот, холандското дизајнерско биро Dutch Invertuals создале серија канцелариски кабини направени од ребраст алуминиум и дрво за холандскиот парк за одмор и престој Droomparken.
Наречени Tiny Offices, овој компактен работен простор создаден е на начин да поттикне слобода, креативност и перформанси. Кабините се со површина од околу шест квадратни метри, а алуминиумската конструкција има контрастна дрвена врата и големи прозорци. „Најголемата инспирација потекна од кабини кои се потполно вградени во природно опкружување“, велат архитектите од Invertuals, Chris Collaris и деректорката на дизајн Wendy Plomp.
Сите кабини имаат ентериер дизајниран по мерка во различни бои и нагласени се различните материјали – филц и акрилик, кои се избрани поради нивната функционалност. „Бидејќи просторот е мал и интимен, сите материјали треба да имаат смисла. Затоа, користевме акрилен ѕид што го прави просторот да изгледа попростран, но исто така можете и да пишувате на него“, вели Collaris. За да не се чувствувате клаустофобично во малиот простор, дизајнот овозможува многу светлина и создава отвореност преку деталите.
Проектот беше забрзан поради пандемијата, бидејќи веќе не се поставува прашање за нормална канцеларија, промената ширум светот се случи преку ноќ и луѓето почнаа да бараат решенија кои нема да влијаат на нивната продуктивност и ќе им помогнат да работат под притисок на криза.