За етимологијата на терминот „дом“ и неговата асоцијација со мноштво општествени зданија на овие простори пишував во минатиот број на „Порта 3“. Експанзијата на изградбатa на домови на културата, на војската, на синдикатите; на пионерски, работнички, младински домови итн. во периодот по Втората светска војна, но и воопшто нивното постоење и функционирање неминовно се врзува со тогашните општествени околности, политичкото и системско уредување и прокламираните социјалистички идеи. Истакнав и тоа дека нивната архитектура генерално ги следела актуелните светски трендови на модернизмот од втората половина на XX век при што нашите југословенски архитекти се обидувале да ги направат објектите похуманистички, поантрополошки, поприближени до човекот, преку економичен пристап во проектирањето при што ретко каде ќе сретнете прешироки коридори, предимензионирани фоајеа – особено такви без секундарна или друга функција – мртви агли во просториите или преголеми помошни простории.
Домот во Тетово во изградба и непосредно по завршувањето, извор: Дарко Гавровски – Гавро
Сепак и со таквиот „скромен“ пристап, нашите архитекти успевале во намерата јавните објекти кои им биле доверени за проектирање како идни репрезенти, симболи или општествени јадра на градот или населбата да изгледаат монументално и грациозно, да им додадат безвременска вредност со која никогаш нема да излезат од мода, и секогаш ќе изгледаат елегантно, како да се проектирани вчера, а не пред 50 години. Како и во спортот, и во архитектурата важи мотото дека класата е вечна.
Домот во Тетово непосредно по завршувањето, извор delcampe.net
„ИЉО АНТЕСКИ-СМОК“ ВО СИВИЛОТО ВО ТЕТОВО
Во сивилото во кое е потонато Тетово последниве три децении, се истакнуваат неколку такви „класа“ објекти градени во минатиот систем. Сметало некому или не, вистината е дека тука новиот капиталистички систем сѐ уште не е способен да изнедри нови градски симболи. Затоа објектите стари и по 50 години, како спортски ветерани пред пензија, кои веќе имаат по некој килограм повеќе, седа коса и по некоја брчка, во друштво на нови играчи кои ја немаат нивната класа, сѐ уште се држат и се присутни потсетувајќи нѐ на максимата дека, да – класата е вечна: треба да умеете да ја препознаете и признаете.
Помеѓу хируршкиот блок, Поштата, пар индустриски, образовни и станбени објекти, од сите ветерани на теренот, по својата класа несомнено најмногу се истакнува тетовскиот Дом на културата „Иљо Антески-Смок“. Многумина, се надевам ненамерно, го испуштаат името на тетовскиот партизан Иљо-Смок, убиен од балистите по неговото поробување во 1943 г. од целиот назив на установата, која веќе не е ни „дом на култура“ туку е „центар на култура“.
Сателитски приказ на поблиската околина на Домот, во контекст на Плоштадот и Поштата, пред изградбата на Театарот
Ваквата замена на термините „дом“ со „центар“ за сите некогашни домови на културата низ државата ми е несфатлива и непотребна, а и не би рекол дека таа придонесува од маркетиншки аспект кон нивно зачувување или подобрување, напротив. Но, трагично е што со таквото (не)намерно бришење на поими кои асоцираат на тогашниот систем, ја подотвораме вратата и за вакви (не)намерни бришења на партизанското минато кои во денешната тетовска констелација се нормализирани и секако дека знаат да заболат повеќе од некое друго место. Иако ова околу името на установата е некоја друга тема, чувствувам дека не смеам да си дозволам да ја прескокнам во текст посветен на тетовскиот „Културен“ како што милуваме ние во Тетово годиништа наназад, колоквијално да си го нарекуваме.
ДИПЛОМСКИ ТРУД ОДБРАН НА КОНКУРС
Проектот е дело на несомнено еден од најзначајните, ако не и најзначајниот тетовски архитект во XX век, Владимир Николоски, кој тогаш како млад архитект го поднел својот дипломски труд за Дом на култура во Тетово на конкурс отворен од тогашните градски власти.
Архитектот Владимир Николоски – фотографија од снимањето на филмот „Талија“
На конкурсот бил одбран токму неговиот труд за понатамошна проектна разработка и изведба. Според одредени извори во литературата се среќаваат и имињата на Кирил Муратовски и Илија Герасимовски во тим од тројца заедно со Николоски. Името на Муратовски (заедно со оние на Славко Ѓуриќ, Трајко Димитров и Димитар Димитров) како дел од „Македонијапроект“ – Скопје, стои на неизведено проектно решение за Дом на култура во Тетово кое датира од 1964 година.
Во секој случај проектниот тим, како и за други објекти од ваков калибар, веројатно го сочинувале барем неколкумина архитекти, инженери и технички персонал под водство на Николоски; а дел од нив според некои извори бил уште еден еминентен тетовски архитект, Славе Павловски-Бутика. Проектот за внатрешното уредување и обликување на просторот е дело на професорот на школата по применета уметност, архитектот Ѓорѓи Георгиевски, кој веројатно е и најзаслужен за извонредната акустика која ја има главната сала. Во неговиот тим бил вклучен и нашиот еминентен сликар, резбар, графичар и уметник Димче Протуѓер, чие дело е и огромниот витраж кој претставува фасаден елемент над главниот влез во објектот, а од внатрешната страна ја краси изложбената галерија.
Витражот на Димче Протуѓер во полн сјај, автор на фотографија Александар Михаиловски-Кикиш
Витражот е работен во пластично стакло, т.н. „кринглглас“ и претставува композиција со геометриско-орнаментални мотиви, која особено воодушевува гледајќи ја навечер однадвор при запалено светло од внатрешноста на галеријата. Авторот Николоски го смета Домот за негово животно дело, бил ангажиран и при изведбата, и присутен секојдневно на градилиштето, посветено надгледувајќи го секој важен аспект лично, за што сведочи и фактот дека тој самиот го избрал штофот за седиштата во аудиториумот.
Главната сала на Домот
Подигањето на Домот е дел од еден голем урбанистички зафат во 60-тите години од минатиот век со кој Тетово добил репрезентативна централна зона во склад со тогашните светски модерни текови, зона која опфаќала нов поголем Градски плоштад, консолидирани и пробиени улици, ослободени простори за зеленило, а подоцна и Градска пошта во близина на Домот. За волја на вистината, ваквиот зафат наишол на поделени мислења во градот бидејќи биле срушени 40-тина куќи заедно со тогашната Тупан џамија за потребите на новиот плоштад и булеварот „Илинденска“, а нешто подоцна и дополнителни 32 куќи и зградата на тогашната општина, за да му отстапат место на Домот на културата и неговиот партер. Сепак ваквата „чистка“ на претходно затекнатото градско ткиво, подоцна генерално е прифатена од тетовчани откако населението сфатило дека градот добил навистина внимателно проектирано централно градско подрачје и нов градски симбол со изградбата на Домот. Не дека и денес нема да наидете на исклучоци кои најчесто аргументираат со тезата дека со ваквиот зафат биле изгубени одредени романтични градски потези, или дека не им биле во целост обесштетени национализираните куќи на дедовците, што сепак се легитимни гледишта.
ЈАСЕН МОДЕРНИСТИЧКИ АНСАМБЛ
Домот почнал да се гради во 1970 година, а бил отворен на 19 март 1973 година на свечена церемонија, а по повод 30-годишнината од основањето на КПМ кое се случило токму во куќата на Јовановци во Тетово. Довршувањето на објектот се одвивало паралелено со рушењето на преостанатите куќи околу, за што сведочат и дел од фотографиите од тоа време. Плоштадот е изграден претходно, во 1967 година, а Поштата е изградена по Домот. Интересно е што авторите на бруталистичкиот објект на Поштата се обиделе да изградат релација со веќе затекнатиот контекст и Домот, па се обиделе преку игра на бетонските кубуси и третостепената пластика да воспостават „комуникација“ со пластичното обликување на Домот, градејќи јасен модернистички ансамбл заедно и со плоштадот.
Оваа релација на главниот објект на Поштата со Домот е нарушена со изградбата на еден објект во раните 2000-ти за потребите на Македонски пошти (Телеком), кој подоцна е приватизиран и сега е во сопственост на една политичка партија, а е целосно и неповратно загубен со вцртувањето на (предимензионирана) површина за градба за нов Театар залепен веднаш до Домот.
Птичја перспектива кон новиот Театар, во неговата позадина се гледа објектот на Домот на културата, а долу десно во аголот се гледа Поштата со новонасадениот објект, извор Фокус
Проектното решение за Домот во основа е сочинето од два поврзани правоаголника. Во поголемиот правоаголник се наоѓа големата мултифункционална сала сместена симетрично на основата. Капацитетот на гледалиштето кое освен главниот дел има и балкон-галерија е со вкупен капацитет од 661 место. Главниот влез во објектот е сместен речиси централно на пократката страна на поголемиот правоаголник, ориентирана кон Плоштадот, и води во влезното фоаје кое во средина на неговата длабочина содржи приемен пулт за гардеробирање; на двата агли лево и десно тоалети, а помеѓу него и тоалетите се двата пристапи кон паралелен ходник по цела должина на фоајето.
Овој ходник на двата краеви продолжува во форма на буквата „П“ каде што на двете страни веднаш на почетокот се сместени и скалишните јадра за пристап кон левиот и десниот гледалиштен партер, соодветно. Спротивно од продолжетоците кон скалите се наоѓаат два странични излези кон надворешниот наткриен трем, кој практично го заобиколува влезното фоаје исто така во форма на „П“, како што внатрешниот коридор со скалишните јадра го заобиколува долниот дел од гледалиштето. Постоењето на ваквите странични излези овозможувало брзо празнење на гледалиштето, со што било овозможено непосредно по завршување на еден настан, додека се празни гледалиштето низ страничните влезови, да се полни фоајето низ главниот централен влез со гледачи за наредниот настан, односно избегнато е вкрстување на различни групи на посетители. Наткриениот трем е доволно голем (~4 метри конзолно испуштање од страните) и при дождливо време сместува под стреа огромен број на посетители во случај на поголем метеж пред влезот.
Во фоајето се сместени скулптурални скали кои водат кон горната изложбена галерија од каде други скали на спротивната страна, симетрично на основата упатуваат кон балконскиот дел од гледалиштето. Средишниот дел од сцената е ротирачки и овозможува различни сценографии, и е прва сцена изградена од ваков вид во Македонија. Зад сцената од сите три страни, повторно во облик на буквата „П“, овој пат огледално поставена на останатите, се развиваат службени простории, гримиорни, канцеларии, помошни простории, тоалети, читална и други простории наменети за разно-разни уметнички друштва и дејности на сите нивоа, а овој дел е пристапен од службен влез на другата страна од објектот.
Преку сервисни метални мостови високо над сцената се овозможува да се сврти целосен круг над сцената во ова сервисно „П“ и тоа на две нивоа, со што е овозможена максимална функционалност од аспект на костимографија, сценографија, светло, тон итн. За функционалноста на Домот и опременоста на сцената најмногу кажува коментарот на легендарната Мира Бањац, кога по гостувањето во Тетово со театарот „Атеље 212“, на тетовчанецот Ацо Костоски-Гуштер, тогашен директор на Домот, ќе му даде коментар „Ацо бре, Бољшој театар, па ви!“, алудирајќи на тоа дека само Бољшој театарот во Москва бил подобар од тетовската сцена.
ДЕГРАДАЦИЈА НА АРХИТЕКТОНСКАТА ВРЕДНОСТ
Своевремено постоел и камионски пристап за влез во објектот преку рампа во подрумот (фундус) под сцената од каде со товарен лифт кој веќе не е во функција се качувале елементи за сценографија, реквизити и мебел на сцената. Овој пристап одамна не функционира; своевремено просторот кон него беше отстапен на продавница за бела техника, а е неповратно загубен со изградбата на новиот театар. Во овој дел од објектот е врската (која има уште една влезна партија каде е сместена нефункционалната билетарница) со во основа помалиот правоаголник кој првично бил наменет во целост само за угостителски објект на катот со пропратни простории, економски влез и одлична тераса пристапна со скулптурални кружни скали од приземјето. Неколку години подоцна овој полигон бил издолжен со дополнителен анекс кој го финансирала фабриката „Тетекс“, и во кој на приземјето беше сместен истоимениот шаховски клуб, а над него мала камерна сала за 100-тина гледачи која сѐ уште се користи. Делот на приземје под култниот угостителски објект „Чардак“, кој работеше 30-тина години, во периодот од 2000 до 2023 година го користеше НУ Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово, а од лани тука е сместена „Europe House“ која ги „проголта“ скулптуралните скали кои водеа на чардакот и ги сокри зад роло-врати. На местото на угостителскиот објект сега е сместен Факултетот за уметности при Тетовскиот универзитет. Ресторанот и шаховскиот клуб не постојат.
Насаден локал за Американско катче во самиот агол на тремот
Не постојат ни гримиорните – претворени се во канцеларии за нови вработени (ништо чудно според балансерот), делот за вежбање на оркестри под главната сцена е запустен, на Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ му беше одземена просторијата, а без простории или со нерешен статус останаа и други уметнички друштва и здруженија. Освен управата на Домот, практично не може никој да знае кој сѐ, со какви цели, по кој основ и за каков надоместок користи простории во Домот – од тие кои сѐ уште не се алармантно запуштени и се пристојни за користење. На темата деградација на архитектонска вредност на авторски објект, е и блокирањето на аголот на тремот лево од главниот влез, со изградба на просторија во самиот агол за „American corner“ која секако дека ја блокира и природната светлина во влезното фоаје од оваа страна, затворајќи ги излозите, како и директниот излез од скалишното јадро наменето за левиот гледалиштен партер.
Вреди да се спомене споменичниот ансамбл „Победа“ на еминентната наша вајарка, тетовчанката Борка Аврамова, изграден во 1961 г. пред објектот на тогашната општина. Проектното решение на Домот изграден подоцна го почитува споменикот и го прифаќа како дел од неговиот партер. Впрочем целиот блок заедно со затекнатиот споменик бил исчистен од куќи и наменет да биде во служба на Домот: зелените површини, новите дрвја, плочниците, јарболите, клупите, патеките, платформите – сето ова било внимателно проектирано како една целина заедно со објектот на Домот.
За волја на вистината на дел од овој блок годиништа наназад долж улицата „Борис Кидрич“ постоеја дрвени привремени бараки во кои функционираа разни занаети и услужни дејности, а помеѓу нив и објектот на Домот имаше мал неуреден паркинг и неуредна тревна површина. Но, ваквата деградација на блокот е секако занемарлива и ништовна во однос на долетувањето на огромниот кубус на новиот Театар (и библиотека) во 2014 г., кој не го почитува затекнатиот контекст, сѐ уште се гради, а веќе ни изеде 40-тина милиони евра од државниот буџет.
Непочитувањето на Домот е изразено и преку сместување на трансформатор за потребите на новиот Театар непосредно пред него
Во секој случај Домот на култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово обележал цела една епоха, а и половина век по неговата изградба сѐ уште е на врвот како градски симбол, љубоморно чувајќи го пиедесталот како најзначајно архитектонско здание изградено од Втората светска војна, па наваму. Ветеранот е сѐ уште присутен на теренот со својата класа. И сѐ уште големата сцена, галеријата и фоајето се прилично експлоатирани и користени за настани преку целата година. Жалосно е што нивната функција, естетика и архитектонска и безбедносна вредност е намалена преку годините неодржување, деградација и неумесни интервенции. Кон целокупна деградација придонесува и фактот дека речиси е невозможно да се пронајде проектна документација од ова изведено решение на Домот, и не знам дали во некој подрум е зачуван барем некој технички цртеж според кој е изграден овој градски архитектонски симбол.
Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.