Повод за ваквиот наслов и пишување ваков текст е неодамнешниот пожар на тетовската фабрика „Пофикс“, сместена во пространите објекти на поранешна „Македонија Табак“. Нам тетовчани веќе ни стана нормално по лошо да го гледаме нашиот град на националните телевизии. До толку лошите вести од градот ни станаа нормални, та веќе не се ни растревожуваме онолку колку што природнo би се растревожиле жители на еден град гледајќи што сѐ се случува во него. Многумина дури воопшто ни „мува не ги лази“. Општата апатичност кажува доволно за нашите очекувања, не само од надлежните, туку и од самите себе како жители овде.
ГРАДОТ ГО ИЗГУБИ СВОЈОТ И ОНАКА КРЕВОК ИДЕНТИТЕТ
Но, да одиме по ред. Ако постои индикатор за тоа колку пати е намален општиот квалитет на живот во една градска средина денес, во сооднос со, на пример, 1990 г., Тетово сигурно ќе биде на врвот на таа листа во Македонија. Претпоставувам и во цела бивша Југославија, па и пошироко. Некој би помислил дека тоа што Тетово мина низ воен конфликт најмногу се одразило на уназадувањето на градот. Лично сметам дека војната од 2001 г. не му остави на градот позначителни лузни од аспект на неговите урбани квалитети и воопшто градско живеење – настрана личните загуби кај дел од населението, траумите или минорното менување на демографската структура директно поврзано со војната. Демографската структура се менувала и пред неа, а особено се менува во последните 10-тина години, што веројатно ни кажува дека настаните од 2001 г. немаат преголема врска со отселувањата од Тетово колку што општо се мисли.
Како и да е, градот го има изгубено својот и онака кревок идентитет граден макотрпно низ неколку века. Градот растен спонтано, со убави дрвореди, зелени дворови и мирни сокачиња, во кој летните ноќи биле студени поради влијанието од Шара, во втората половина од дваесеттиот век добива и модерен шмек преку низата на храбри урбанистички потези и изградбата на неколку општествени објекти. Но сепак и по тој период на големи градежни зафати, претежно во 70-тите години од минатиот век, за Тетово останува силно да важи фразата „Градот под Шара“. Таквиот епитет не бил само фигуративен и не бил само географска одредница каков што е денес. Битисувањето на еден град во подножјето на масивна планина како Шара, подразбирал најпрво чист воздух и константно струење на ветер, а потоа и чувство на населението за негување на чистотата, зеленилото и дрвјата, како и чувство за домаќинско уредување на сопствените дворови богати со цвеќиња кои ѕиркале низ оградите и ја комплетирале сликата за градот. Градскиот дух го надополнувале културните настани, еснафското живеење, спортот и отменоста по која биле препознатливи жителите. Ронењето на таквиот дух коинцидирал со сронувањето на бившата држава. Да не делувам југоносталгично – имам впечаток дека југоносталгијата во последно време се доживува како непосакувана појава во нашево општество – но тука би нафрлил една теза во таа насока. Низ глава ми се провлекува еден став, не мој, став кој го имам чуено од повозрасни, дека најголеми губитници од распадот на Југославија, секој на свој начин, своевремено биле музичката група „Бијело Дугме“, ФК Црвена Ѕвезда и југословенската репрезентација во фудбал – сите од разбирливи причини. Сегашната состојба на Тетово, ми кажува дека и Тетово е еден од оние монументални „губитници“ од распадот на Југославија. Не би аргументирал дали, како и колку ова е вистина, но силната поврзаност на тонењето на градот во секоја смисла од распадот наваму, сигурно не може да биде обична случајност.
ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ОДРЕДЕНИ РАБОТИ КОИ ГО ПРАВАТ ГРАДОТ – ГРАД
Мојата генерација, (1990) живеејќи во Тетово, го чувствува недостатокот на витални сегменти во урбаното живеење, но – уште потажно – сведочи за намалувањето или исчезнувањето на одредени работи кои го прават градот – град. Во прв план, би го споменал отсуството на градски парк, недостатокот на отворени рекреативни зони и премалку културни настани на годишно ниво, но и елементарни работи како недостатокот на градинки или преоптоварените, дотраени и застарени инфраструктурни мрежи. Корените на сето ова се неминовно врзани со недостатокот на образование, криминалот, корупцијата, импровизациите и непрофесионализмот. Поразително е што овие појави се сраснати во населението како наши карактерни особини – одамна не се веќе само општествени или изолирани појави. Како да стана нормално да се импровизира во сѐ; како да стана нормално дека треба да ги „почастиш“ административните службеници за тоа што ти завршиле работа за која секако дека се веќе платени од твоите даноци во форма на плата; како да стана нормално да бараш дупка во закон за да озакониш сомнителна трансакција.
НЕГОВАТА СВЕТОСТ – АВТОМОБИЛОТ
Посебна тема за разговор е сообраќајниот хаос и претворањето на Тетово во таков еден автоцентричен град, небаре има површина на Токио, па затоа автомобилот ни е неопходен за да ги совладаме сите тие „долги“ градски растојанија. Последново, околу неразумната употреба на автомобилот, веројатно има врска и со неговото негување како статусен симбол, што можеби најмногу придонесува да се користи од мнозинство од населението без реална потреба – но, не знам дали се работи за истакнување на личниот статус, општа мрзеливост или можеби некаков срам да бидеш затечен од познаник на тротоар, па да мора да му признаеш дека дента си се решил пеш да поминеш цели 800 метри за до работа без да го удостоиш автомобилот. Вака некако може да се објасни тетовската опсесија за возење, бидејќи едноставно невозможно е сите мои сограѓани да се дотолку зафатени, што одењето пеш низ релативно малото Тетово им одзема толку многу „драгоцено“ време од денот. Секако дека во ваквите тажни и нездрави навики, своја улога одигрува и отсуството на градска визија за дестимулација на користењето личен автомобил, што секако дека треба да оди рака под рака со стимулацијата на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај и воспоставувањето на ефикасен градски и приградски јавен превоз.
Ставањето на автомобилот на пиедестал, неминовно повлекува бесценети зелени или други природни површини да се бетонираат со цел да се добие паркинг-место плус за неговата светост – автомобилот. Хуманата димензија на градот е изгубена, потребите на автомобилот имаат приоритет пред потребите на човекот.
Сечењето нa старите дрвореди под смешни изговори – како во неодамнешниот случај со осум децении стариот дрворед на улицата „Страшо Пинџур“, но и несоодветното одржување на буквално сите стари дрвја во градот, дополнително кажува за односот во градот кон зеленилото.
КОРУПТИВНО И НЕПРОФЕСИОНАЛНО ПОВЕДЕНИЕ
Погореспоменатите импровизации во работењето, корупцијата и непрофесионализмот, кои се присутни во Тетово години, па и децении наназад, почнуваат да го земаат данокот преку природните несреќи последно време. За волја на вистината несреќи се случуваат секаде, но имам впечаток дека само во вакви средини е толку тешко справувањето со нив. Често се провлекува една теза која вели „земјотресите не убиваат, туку лошо изведените објекти“. Аналогијата е практично идентична за сите несреќи. Веројатно не би имало толкави штети од пожари, поплави или други несреќи кога сите објекти секаде во државата би се извеле согласно проектите и би се примениле сите заштитни мерки посочени и проектирани во разните проектни елаборати, а справувањето со несреќите сигурно дека би било поефикасно и поекспедитивно.
Но, кај нас огромен дел од проектната документација знае да биде „мртво слово на хартија“, колку за да се обезбедат потребните одобренија или дозволи за работа. Ваквото коруптивно и непрофесионално поведение е присутно во цела држава на најразлични начини. Ако поплавите во Стајковци беа предизвикани од ретко видено невреме, сигурно дека штетите ќе беа помали доколку шумската полиција работела поажурно во децениите претходно и не дозволела Скопска Црна Гора да биде до таа мера соголена од дрвокрадци да не може ни малку да задржи од дождот во тоа невреме, а притоа одговорните проектанти, ревиденти, изведувачи и надзори на обиколницата професионално си ја завршеле својата работа. На Тетово и Тетовско му се случија поплави во неколку села годината пред тоа, а најкритично беше во селата Шипковица и Речица. Директната причина за појава на несреќата – природата; директната причина пак за обемот на штетата – дивата сеча на шума, дивоградбите, немањето инфраструктура. Веројатно и сообраќајните несреќи, како онаа кај Ласкарци или во Бугарија на „Беса Транс“, се комбинација од неколку фактори чии основни корени секогаш треба да се бараат во непрофесионализмот, корупцијата и импровизациите – но да не ја проширувам темата во туѓи експертизи.
ПОТОПЕНИ УЛИЦИ
На Тетово му се случи и пожарот во модуларната болница – и пак, како последица на факторите погоре. Од друга страна, при секој поголем дожд во градот веќе наголемо се поплавуваат и оние улици кои претходно не биле поплавувани. Една од причините, освен дождот, секако дека е и немањето атмосферска канализација на прво место, но не треба да се занемарува еден друг феномен во Тетово, кој придонесува за ваквата состојба со потопени улици, а тоа е намалувањето на природните апсорпциони површини за атмосферските талози. Такви се приватните дворови во една урбана средина, кои не за џабе треба да се остават во голема мера озеленети, почвени, природни – непоплочени, небехатонирани – со тоа ѝ помогаат на градската инфраструктура полесно да се справи со наглото количество на дожд во критични невремиња.
Не постои градска атмосферска канализација која има капацитет да ги собере сите води кои одеднаш ќе се разлеат по улиците, не само од нивните површини, туку и од целосно бетонираните приватни дворови, кои секако имаат пад кон улицата. Затоа, меѓу другото, постои и Законот за урбано зеленило кој пропишува барем 20 % од сопствената парцела да ја оставиш природна. Настрана естетскиот момент и менувањето на градските визури во Тетово, кое освен со отсуство на зелени површини по дворовите, е засилено и со огромните ѕидови кои ги ограничуваат истите. Разбирливи ми се тие интимни причини за максимална приватност и нетранспарентни ѕидани огради. Но треба да се потенцира дека тоа, во комбинација со нашето лошо поведение, тука – во ова климатско подрачје, во срцето на Европа, а не сред пустина – гради еден несреќен сплет на околности поради кој повторно се поплавија тетовските улици кон крајот на мај, по невреме по кое 100-тина куќи завршија со поплавени подруми.
ВО ВАКВОТО ИМПРОВИЗИРАНО ЖИВЕЕЊЕ ИЗБУВНУВАЊЕ ПОЖАР НА АТРАКТИВНА ЛОКАЦИЈА ОТВОРА СОМНЕЖ
И да го завршам кругот со лајтмотивот на овој текст – само еден ден по последните поплави, дојде пожарот во „Пофикс“. Не ги знам непосредните причини, но сигурно дека корените, како за самото избувнување на пожарот – така и за енормно тешкото справување со него – треба да се бараат повторно во „светото тројство“: корупцијата, импровизациите и непрофесионализмот. Не знаеме дали, како и колку биле запазени мерките за заштита од пожари и други несреќи, кои сигурно дека на хартија постоеле. Не знаеме ни што дишевме дента, додека надлежните нѐ убедуваа дека мерните станици не покажувале загадување. Секако дека во ваквото импровизирано живеење самото избувнување пожар на атрактивна градежна локација, независно што таа веќе е во приватна сопственост, со право отвора сомнеж кај јавноста, особено што сѐ уште не е донесен нов ДУП за локацијата.
Нешто е труло во Тетово. Многу труло. Имам впечаток дека во мојот град најмногу е изразено тоа „свето тројство“ на корупција, импровизација и непрофесионализам, кое ја „јаде“ нормалноста во градот, а младиот човек го брка надвор.
Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.