Насловна / Вести / Тетово: Реалност во која е нормализиран недостатокот на основни јавни добра

Тетово: Реалност во која е нормализиран недостатокот на основни јавни добра

Специфичната демографска структура на Тетово, не само од аспект на етничката припадност, туку и од аспект на карактерот на доселувањата, кои во Тетово речиси без исклучок биле само поради економски мотиви, го имаат оставено градот со една хетерогена смеса од жители во која далеку најмалку на број се оние кои го чувствуваат градот за вистински свој. Оние жители кои природно се најповикани да се грижат за градот – родените тука – го сфаќаат Тетово само како нивно родно место, и ниту трошка повеќе од тоа; притоа, со задоволство би се отселиле, и веројатно и ќе се отселат во првата прилика. Исклучоци од ваквата генерална слика постојат – и секако, тие се доволно на број само за да го потврдат ова правило, но премалку за да го одржат живо некогашното силно градско јадро. Од друга страна, за многумина „пролазници“ кои не се родени во градот, тој е сфатен само како привремено живеалиште, отскочна штица или попатна станица во сопствената миграција „село/друг град > Тетово > Скопје/странство“.

Оваа тажна реалност го остави градот во немилост на оние кои во себична желба да си ги задоволат само сопствените потреби и интереси, му наштетуваат. Удел одигрува и нискиот стандард, кој го тера обичниот човек дотолку да се зачмае во сопствената егзистенцијална борба за подобро утре, што градот не може да очекува „помош“ од таквите, „заробени од животот“ поединци. Градот е оставен да „чека“ на подобри времиња и на идни поуспешни, но и поинакви генерации, од какви што би можело да се очекува дека би произлегла поголема критична маса спремна да влезе во клинч со борбата за јавен интерес наспроти приватните интереси на бизнис-политичката елита.

317093559_177840581498139_9163946851157501024_n

А градот, додека чека на такви времиња, е сардисан на сите полиња. Поразително е што сечиј индивидуален обид за поправање на одреден аспект од јавен интерес во општеството, тетовчани го дочекуваат со таква доза на скептицизам, дефетизам, цинизам и иронија, да едноставно таквите поедини ентузијастички обиди најчесто служат за мајтапење во апатичната средина во која „најкул“ си ако не се „замараш“ со ништо. Особено не со работи на кои ти како обичен смртник не можеш да влијаеш. Само ризикуваш да те сметаат за будала. И настрана егзистенцијата, таквата општа апатичност најмногу брка надвор кон живот во поинакви урбани средини. Тетово одамна не може да се смета за урбана средина, туку за аморфно населена територија во која единствени активности на населението се одење на работа и „дремење“ по угостителски локали. Ова второво, колку да се рече дека тетовчани имаат социјален живот. Спорадичните културни настани и малкуте спортски активности не можат да го поправат ужасниот впечаток за градот како целина. Оваа летаргија секако дека умешно е користена од бизнис-политичката елита и градежната мафија кои наидуваат на плодна почва за реализација на своите приватни интереси, кои – за чудо – речиси секогаш се на штета на јавниот интерес.

с

Во целата оваа тажна констелација, Тетово како средина успеа да изнедри една автентична иницијатива под името „Тетово сака парк“, која стартуваше со доставувањето на граѓански предлог до органите и Советот на Општината за конечно добивање на, замислете, градски парк! Во неколку наврати „Порта 3“ веќе објавуваше за предлогот, неговата содржина, суштина и за одредени новости поврзани со иницијативата. Елоквентно елабориран, издржан, аргументиран и рационален, со прецизно наведени процесни дејствија и законски постапки кои би претходеле на самата финансиска конструкција и идната изведба на паркот, предлогот обедини многумина тетовчани од различни професии, возрасти, провениенции, етникуми. Наиде на широка поддршка од целокупната јавност, бидејќи погоди во сржта – Тетово дотолку било оставено само на себе, да едноставно во градот станало нормално да нема градски парк во вистинска смисла на зборот. Разочарува реалноста во која е нормализиран недостатокот на основни јавни добра, небаре навистина сме некоја држава од некој петти или шести свет, а не држава која географски е во срцето на Европа.

279110925_132013069415146_3624441339475543468_n

Ценам дека презентацијата на предлогот и едукативната кампања која имаше за цел да долови, меѓу другото, и што е тоа „јавен интерес“, на некој начин им отвори очи на многу тетовчани за тоа колку биле тие дискриминирани и обесправени: замислете, живееле во град, а немале парк! Како некој да им укажал дека не е во ред што живеат во куќа без прозорци: и тие знаеле дека не е убаво што во собата немаат застаклен ѕиден отвор кој може и да се отвора за да влегува воздух, но друго било кога некој ќе им долови на попластичен начин зошто е есенцијално да имаат такво нешто дома. Е, дотолку тажната реалност беше доловена, да и најголемите „не се замарам брат“ тип на жители, подзастанаа и се замислија: „еј па у право са овја со парков, срамота је к’j живимо“!

310445653_166748195940711_5359883563758922142_n

Но, што може обединетата јавност да стори околу јавниот интерес, кога против себе има обединети општински советници? Чест на малкуте исклучоци кои искажаа поддршка, но сите 16 на број кои беа присутни на затворената средба со нас одржана на наша покана без обединети во песимизмот дека не можат да спроведат нешто што, замислете, зависи исклучиво од нив! А тоа зборува доволно за нивната (не)моќ. Сите ги акцентираа проблемите наместо можните решенија, сите беа слепи бирократски следачи на законската регулатива (посакувам со таква ревност да ја следат кога ни се одземаат права, а да ја толкуваат пофлексибилно кога тоа е од јавен интерес и притоа некој им отвора очи дека тоа е можно) на сите излагањата им почнуваа со поздрав за иницијативата, но продолжуваа со „ама…“, „но… “. Единствени кои тогаш беа „опозиција“ во таа просторија бевме ние шестмина претставници на иницијативата. Сите советници кои учествуваа во дискусијата, од сите партии, без исклучок, дејствуваа по познатата „сложни попови во петок мрсат“ што и им беше директно кажано тогаш. Сепак, тоа што на нашата покана се одѕва мнозинство од вкупниот број на советници во Советот на Општина Тетово кој вкупно брои 31 советник, јасно ни укажа дека иницијативата сериозно се факторизирала во општеството, а тоа во градот се немаше случено со ниедна претходна автентична иницијатива.

285687310_144850824798037_4324802748086224528_n

Откако видовме дека тешко ќе најдеме заеднички јазик со нашите претставници во Советот, нареден конкретен чекор (настрана тогаш сè уште активната медиумска промоција и презентација на граѓанскиот предлог) беше барање за средба со градоначалникот на Општина Тетово, г. Биљал Касами, која и се одржа во текот на месец април. Градоначалникот е господин човек, тој им мисли сè најдобро на жителите на градот и Општината, и кога би немало никакви негативни реперкусии по Општината, тој уште наредниот ден, би потпишал декрет со кој би побарал од Советот на вонредна седница да помине предлогот со кој најпрво баравме пренамена на генералната регулација, преку измени и дополнувања на соодветните плански опфати во сè уште важечкиот ГУП за град Тетово. Барем така ни кажа самиот тој. И повторно, имаше многу „но“ во разговорот. Не било лесно, не одело тоа така, Општината немала финансии за тоа, настрана што би морала да се откаже од планираните приходи од веќе донесените ДУП-ови, настрана што тој би ризикувал да биде кривично гонет заради такви егзибиции од финансиска природа, мислејќи на одговорност поради несовесно работење итн.

296267320_155291223753997_6403224671927185890_n

Ни акцентираше дека кога не би им мислел добро на своите сограѓани, не би ја „изгурал“ суспензијата на еден од сериозно спорните ДУП-ови – оној за УБ 57а, за кој исто така имаше објавувано „Порта 3“, а чијашто суспензија секако дека ја поздравивме. Подоцна се испостави дека суспензијата не важела за целиот урбанистички план, дека одредени парцели биле изземени од неа бидејќи веќе биле издадени одобренија за градба, а Државниот управен инспекторат, по претходно доставена наша претставка до нив за вонреден инспекциски надзор, не најде ништо спорно во тоа дека можело да постои и половична суспензија (!) на план. Барем од тој инспекторат нè удостоија со одговор, за разлика од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, до кој исто така поднесовме претставка за работи за кои цениме дека се надлежни. Претставките ги поднесовме откако градоначалникот не си го одржа ветувањето кое ни го даде лично, за да одржиме средба на стручно ниво. Токму тоа беше еден од позитивните моменти од средбата со него, што успеавме да договориме средба со архитекти од нашата иницијатива и архитекти од Општината, за да седнеме и да почнеме де факто да работиме на модалитетите за евентуална идна етапна реализација на предлогот.

309382764_164004432881754_5936787528610100944_n

Впечатокот ни беше дека Касами е човек со кој може да се разговара, дека е доволно флексибилен и прагматичен, и охрабрени од тоа самите ние поднесовме до архивата на Општината и формално барање за стручна средба во кое го наведовме и нашиот состав од пет архитекти. Одговор немаше од ниедна општинска служба, и сè уште нема. Во меѓувреме имаше вонредни избори за нов советнички состав, на дел од парцелите во спорниот ДУП веќе се издигнаа карабини од згради, ние лаеме, караванот си врви. Имам некои измешани чувства околу фактот дека огромен дел од жителите нè препознаа како единствен искрен граѓански фактор кој ако ништо друго, барем може да крене медиумска прашина, па во очајот околу комуналните проблеми, бараат од нас да се заложиме и за кучињата-скитници, за ѓубрето, за водата итн. Не им судам – таквите нивни погрешно адресирани барања се најдобар показател за тоа какво е Тетово општо, колку се немоќни неговите жители, а колку се глуви надлежните.

Screenshot_1

Инаку, во текот на месец ноември, градоначалникот излезе во јавноста со барање тетовската касарна „Кузман Јосифоски-Питу“ да ѝ биде дадена на Општината, за таа таму да изградела парк, во што побара поддршка и од нас. Нашиот став е јасен: ние бараме градски парк на локација која како стручни лица цениме дека е најсоодветна, притоа не се меша во некои други прашања од јавен интерес какво што е и безбедноста, тема за која мора да се прашаат и други професии. Оценивме дека градоначалникот пробува да нè злоупотреби, а потоа да обвини дека немаме искрена намера во нашите барања за парк штом не ја поддржуваме неговата многу дискутабилна идеја за парк на местото на касарната. Од друга страна, свежи ни се сеќавањата дека во кампањата за изборите во 2017 година, самиот Касами во својата програма помпезно најавуваше дека на местото на касарната ќе изградел нова „модерна“ населба со 40-тина згради, што и го посочивме како аргумент дека ова е манипулација чија крајна цел тешко дека ќе биде изведба на парк на местото на касарната.

Но, да не навлегувам во политиканство. Важно е дека иницијативата е жив фактор кој делува онаму каде што цени дека има простор да подобри одредени аспекти во градот кои се на линија со првичната заложба, а околу самиот предлог за парк имаме одредени размислувања и идеи за начини на идно делување во таа насока. Не знам дали и колкава парковска површина од предложената ќе се реализира, но наше е да пружиме борба и да не се откажуваме, сè до исцрпување на сите можности за борба, а особено институционалните.

На крајот на краиштата, евентуален конечен неуспех на кој било ваков благороден граѓански предлог, секогаш ќе говори најсилно за еден град, во секоја смисла.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top