Насловна / Вести / Тетово, градот под Шара, треба чаре да си бара

Тетово, градот под Шара, треба чаре да си бара

Како сите градови, и Тетово поминува низ своите добри и лоши моменти. Во овој текст ќе се истакнуваат некои проблеми со кои се соочува градот во актуелните реалности  гледајќи од аголот на урбанизмот.

Тетово е град со најубави природни ресурси сместен на подножјето на Шар Планина од северозападната страна и Полошката Котлина од југоисточната страна. Низ градот тече реката Пена со бистра вода и значителни хидроенергетски и рекреативни потенцијали. Според статистичките податоци градот има околу 60 илјади жители.

Последен ГУП за град Тетово е донесен во 2003 година. Поделен е на 127 урбанистички блокови.

All-focus

Панорама на Тетово

Законскиот рок на важноста на еден ГУП е 10 години, што значи ГУП-от е истечен, а нов требаше да биде донесен во 2013 година. Со доцнење на новиот ГУП, секој ден  се наголемуваат проблемите за нормално функционирање и развој на градот. Познато е дека постоечкиот ГУП има недостатоци во однос на многу малиот процент на негово спроведување, на неефикасното зонирање, како и во поглед на мал процент на изграденост на патната инфраструктура.

Системот на класи на намени (А-домување, Б-комерцијални и деловни намени, В-јавни институции, Г-производство, дистрибуција и сервиси, Д-зеленило, спорт и рекреација, Е-инфраструктура) не е почитуван затоа што реалните потреби на градот не се совпаѓаат со предвидените насоки на развојот со овој ГУП.

Најголем е интересот за станбени објекти и само тие и се градат, а изградени се и вон зоните за домување и згора на сè и на површините предвидени за други намени. Состојбата оди дотаму што во урбанистичките блокови наменети за домување, нема раздвоеност на зони за домување во станбени куќи (А1) и домување во станбени згради (А2).

За поголем број од урбанистичките блокови сè уште нема донесени  ДУП-ови.

urb_blok_72

Урбан блок 72

2009-та година беше последен законски рок до кога се дозволуваше користење на  старите урбанистички планови за станбените заедници донесени во минатиот век (некои дури и од шеесеттите и седумдесеттите години). Дотогаш општината имала законска обврска за целиот опфат на ГУП-от да донесе нови ДУП-ови за урбанистички блокови за кои немало план или измени и дополни за блоковите кои имаат постари ДУП-ови од пет години.

Честите измени и дополнувања на Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање наместо да го унапредат ткивото на градот, тие уште повеќе придонесоа за хаотичната состојба во Тетово.

Најштетни влијанија и најголем хаос направија, пред сè Законот за постапување со бесправно изградени објекти (легализација), Урбанистички проект за една парцела и Локална урбанистичка планска документација (ЛУПД) во комбинација со Законот за денационализација. Повикувајќи се на овие закони и нивна злоупотреба, (толку се лоши што се добива впечаток дека се намерно направени да создадат уште повеќе проблеми), изградени се голем број на објекти кои не ги исполнуваат основните инфраструктурни параметри во поглед на сообраќајот, паркирањето, процентот на изграденоста, коефициентот на искористување, заштита на зелени површини, потребата од градинки, училишта, болници е апсолутно занемарена, оштетен е јавниот интерес во сите сфери.

hirurski_blok

Пред влез на хируршки блок(урбан блок 72)

Еден од многубројните драстични примери на нарушување на јавниот интерес е Клиничкиот центар во Тетово (Урбан блок бр.72). Тука не се почитувале ни Законот за денационализација, ниту ГУП на градот Тетово. Спрема ГУП целиот урбан блок има основна класа на намени  В2 –„Објекти од здравство“. На јужниот дел од блокот кој граничи со предвидениот, но никогаш пробиениот булевар „Благоја Тоска“ се издадени одобренија за градење за станбени објекти, што е сосема спротивно и на ГУП-от и на Законот за денационализација.

Спротивно на здравиот разум и секоја логика е да се денационализира земјиште кое со ГУП е наменето за здравствени објекти. Со цел обесштетување на поранешните сопственици и со цел заштита на јавниот интерес, законот предвидел и други сигурни начини на компензација освен враќање на имотот.

ul_derala

Единствен пристапен пат до Клинички центар – ул. М.П. Дерала

За хуманизација на просторот преку квалитетна и функционална урбанизација на еден град неопходно е општината да има градежно земјиште во своја сопственост. Тетово има недостиг на јавни површини. И тој мал фонд што го поседува на постоечки јавни површини, Управата за имотно-прави работи од централната власт во Скопје немилосрдно го продава спротивно на интересите на општината и жителите на градот. Ова се случува пред очите на локалните власти, кои како домаќини, не преземале никакви мерки да го спречат овој штетен феномен за градот со цел заштита на јавниот интерес.

Прашањето е не можеле или не сакале!

ul_kara

Улица Д.Г. Кара – Единствен влез-излез за два урбанистички блока – 34 и 37

Еден од најболните проблеми во Тетово како резултат на неурбанизираноста на градот е актуелниот режим на неефикасен сообраќај како последица на тесните постоечки улици во стариот дел на градот и непробивање на планираните улици предвидени со ГУП. Планираните булевари „Благоја Тоска“ и „Илинден“ со децении чекаат да се пробијат, со што значително би се намалил сообраќајот, особено во Урбаниот блок 72 (Клиничкиот центар) каде што и внатрешниот и надворешниот сообраќај се секогаш блокирани. Страшни се последиците од попречено движење на возилата на Итна помош каде секоја минута е драгоцена за животот на пациентите!

Во спроведување на урбанистичките планови редот на нештата е најпрво да се трасира патната мрежа со сите линиски инфраструктурни видови како што се  водоводна, канализациона, електрична, телекомуникациска итн. После тоа се дава одобрение за градење на објекти. Во Тетово тој редослед не се почитува: се даваат одобренија за градење на објекти, а не се трасирани планираните  улици.

Мал број на села што гравитираат кон градот Тетово имаат некаква планска документација во вид на општи акти како најнизок вид на планирање на просторот.

Брдско-планинските села немале и уште немаат никаква урбанистичка документација, дури ни општи акти, чија важност со закон беше до 2016 година.

urb_blok_34

Внатрешноста на урбан блок 34

Попова Шапка – гордоста на Тетово оддалечена само седум километри воздушна линија од градот, како една од ретките туристички атракции е запуштена. Со децении таму не е инвестирано ништо за развој и унапредување, ниту на зимскиот, ниту на летниот туризам. Еден урбанистички план кој не е многу квалитетен, за викенд-населбата е донесен во минатиот век (1980 година) сè уште е во употреба (иако законски е вон сила). Повеќе од дваесет години постојат обиди да се донесе нов урбанистички план за  викенд-населба, но до ден денешен не е донесен. Постоечката дотраена патна инфраструктура низ викенд-населбата ни  оддалеку не ги исполнува условите за туристичка дестинација. За време на поранешна Југославија направена е и функционираше жичарницата Тетово – Попова Шапка, која веќе три децении е вон употреба.  Голем актуелен проблем е и недостигот на паркинг-места. Посетителите во зимскиот период паркираат долж единствениот пристапен пат преку кој се доаѓа на Попова Шапка со што се создава колона од неколку километри. Па така туристите се принудени да ја носат на раце целата опрема, а некои и децата до скијачките терени. Оваа слика се повторува секоја година во почетниот квартал на 21 век. Со голем број дивоградби се узурпирани најатрактивните терени. Тука спаѓаат и два дивоизградени верски објекти кои не се знае што улога имаат во еден спортско-рекреативен центар.

Загадувањето на  воздухот во градот достигнува алармантни бројки, честопати е на прво место во Европа. Ова е поради непланската поставеност на високите згради, што го оневозможува потребното ветреење, недостигот на градско централно греење, се користи индивидуално греење на сè и сешто, недостигот на јавен градски превоз од што се полнат улиците со голем број автомобили.

Проблемот со депонијата за комунален и цврст отпад, Тетово го мачи одамна. Користењето на регионалните депонии „Дрисла“ во Скопје и „Русино“ во Гостивар кои се десетици километри оддалечени, е многу скапо и неефикасно.  Затоа не треба да зачудува фактот што градот е опколен со диви депонии, кои се палат загадувајќи ја животната средина и амбиенталниот воздух.

Реката Пена, наместо со својата убавина да биде прекрасно место со убав кеј за рекреација и престој на граѓаните, е претворена во собиралиште на разновиден отпад.

Од гореизнесените непријатни факти може да се резимира: градот под Шара треба чаре си бара.

Испрати коментар

Scroll To Top