Акциите на „Тесла“ скокнаа за речиси 13 отсто, што доведе до тоа компанијата да надмине билион (илјада милијарди) долари.
Како резултат на тоа, директорот и основач на компанијата, Илон Маск, стана побогат за 36,2 милијарди долари, што е најголем пораст на богатството на поединец за еден ден откако Блумберг води евиденција.
Така, вкупното богатство на Маск (288,6 милијарди долари) ја надмина пазарната вредност на „Тојота“ (282 милијарди долари) и многукратно е побогат од домашните ривали на „Тесла“ „Џенерал моторс“ (83,9) и „Форд“ (62,8 милијарди долари).
Ексцентричниот претприемач зад себе го остави и својот прв конкурент за титулата најбогат човек – директорот на „Амазон“, Џеф Безос за речиси 100 милијарди долари.
„Луди времиња“, напиша Маск на Твитер, алудирајќи на вредноста на Тесла од билион долари.
Маск поседува 20 отсто од акциите на компанијата и тој удел е примарен двигател на неговото богатство, а исто така има удел и во компаниите „Спејс-екс“ и „Боринг“.