Во една статија објавена во 1937 година во списанието „Liberty“, Никола Тесла зборувал за својата визија за иднината. Уште тогаш, познатиот научник разговарал со новинарот Џорџ Силвестер Вјерек и му опишал како го замислува светот за сто години.
„Се чини дека отсекогаш сум бил пред своето време“, рекол тогаш Тесла.
Уште тогаш новинарот пишувал за Тесла како татко на радиото, телевизијата, преносот на енергија, индукцискиот мотор и откривањето на космичките зраци.
„Неодамна најави постоење на досега непознат извор на енергија, присутен насекаде околу нас во неограничени количини, а сега работи на уред за кој верува дека ќе спречи војни“, пишува авторот во предговорот на размислувањата на Тесла.
„Предвидувањето е неблагодарно. Ниту еден човек не може да види предалеку во иднината. Напредокот и пронајдоците се развиваат поинаку од она што го предвидувавме. Такво беше моето искуство, иако си ласкам дека настаните потврдија многу развојни правци кои ги предвидов во првата третина на дваесеттиот век“, рекол Тесла.
„Се чини дека отсекогаш сум бил пред своето време. Чекав 19 години за да почне да работи електраната Нијагара врз основа на мојот систем, беа потребни 15 години за мојот патент за безжичен пренос на сигнал, објавен во 1893 година, да најде универзална примена. Ги најавив космичките зраци и мојата теорија за радиоактивност во 1896 година. Едно од најзначајните откритија, резонанца на Земјата, како основа на безжичниот пренос на енергија, што го објавив во 1896 година, сè уште многумина не го разбираат.
Речиси две години откако направив пренос на електрична енергија низ целата планета, Едисон, Маркони и други тврдеа дека е невозможно да се пренесе дури ни обичен сигнал безжично преку Атлантикот. Со оглед на тоа што најавив толку значајни откритија, мислам дека нема многу да погрешам ако се обидам да предвидам како ќе изгледа животот во 21 век“, говорел Тесла.
„Животот е, и секогаш ќе биде равенка чие решение е неостварливо, но таа сепак содржи некои познати факти. Со сигурност можеме да кажеме дека животот е движење, иако недоволно ја познаваме неговата природа. За движењето е неопходно тело што се движи и сила што го турка и му помага да го совлада отпорот. Човекот е маса која ја потиснува сила. Оттука и општите закони во царството на механиката, кои важат за движењето, можат да се применат и на човештвото.
Секој човек мора да има идеал. Постојат три начини на кои може да се зголеми енергијата што го одредува човечкиот напредок: прво, можеме да ја зголемиме масата. Тоа во случајот на човештвото би значело подобрување на условите за живот, здравјето, развојот и слично. Второ, можеме да ги намалиме силите на отпор кои го забавуваат напредокот, како што се незнаењето, глупоста и религиозниот фанатизам. Трето, можеме да ја умножиме енергијата на човечката маса со совладување на силите на вселената, како што е силата на сонцето, океаните, ветровите, плимата и осеката.
Со првиот метод остваруваме повеќе храна и општа благосостојба, со вториот се создаваат услови за мир. Третиот ја зголемува нашата способност за работа и создавање. Каков било напредок е невозможен ако нашите напори не се насочени кон зголемување на благосостојбата, мирот и творештвото. Според ова, механистичкото разбирање на животот е единствено со учењата на Буда и Исус. Иако не сум верник во ортотоксен смисол, се потпирам на религијата. Прво, затоа што секој човек мора да има некој идеал, религиозен, уметнички, научен или хуманитарен, за неговиот живот да има смисла.
Второ, сите големи религии содржат мудри препораки за добар живот кои важат и денес како и во времето кога биле создадени. Не постои конфликт меѓу идеалите на науката и идеалите на религијата, но науката се спротивставува на теолошките догми бидејќи се заснова на факти. За мене, универзумот е голема машина, која никогаш не била создадена и никогаш нема да исчезне. Човечкото битие не е исклучок во природниот поредок на нештата“, велел Тесла во таа прилика.
Изгледот на Земјата за сто години
„Во 2100 година развојот на животот ќе биде под целосна контрола на науката. Во минатото, законот за борба за опстанок во голема мера ги елиминираше помалку подобните особини. Новото човеково чувство на сожалување се спротивставува на немилосрдното дејствување на природата. Резултатот ќе биде продолжување на зачувувањето на животот, но и развој на недоволно приспособени припадници на човечкиот вид. Единствениот метод кој би одговарал на нашето чувство за цивилизирано однесување е стерилизација и сузбивање на сексуалниот нагон кај неприлагодени индивидуи“.
„Неколку европски земји и членки на САД ќе одлучат да ги стерилизираат криминалците и ментално растроените лица. Тоа не е доволно. Научниците постојано вршат притисок да го отежнат основањето на брачната заедница. Секој кој не е доверлив родител нема да смее да има деца. За сто години од денес, за нормален човек ќе биде подеднакво неприфатливо да се дружи со неприлагодени членови на општеството како и со криминалци“.
„Хигиената и физичката култура ќе бидат признати делови на образовниот систем и државниот апарат. Министерот за хигиена и физичка култура, во 2035 година, во владата на тогашниот претседател на САД, ќе биде поважен од министерот за одбрана “ велел тој и додал: „Загадувањето на нашите брегови, како што е сега околу Њујорк, ќе биде незамисливо за нашите деца и внуци, како што за нас е незамислив животот без водовод и канализација. Водоснабдувањето ќе биде строго контролирано, а само луди луѓе ќе користат вода која не е стерилизирана. Повеќе луѓе умираат или се разболуваат од загадена вода отколку од кафе, чај, тутун и други стимуланси. Јас лично се откажав од сите стимуланси. Исто така, практично не јадам месо.
Убеден сум дека за сто години кафето, чајот и тутунот нема да бидат толку примамливи. Алкохолот ќе продолжи да се користи бидејќи не е стимуланс, туку докажан еликсир на животот. Стимулансите нема да исчезнат под притисок, едноставно нема да биде модерно организмот да се труе со штетни состојки. Природната храна како млекото, медот, житариците ќе бидат основата на епикурејските вечери и во врвните ресторани на 21 век. Ќе има доволно житарици и житни производи за да се нахрани целиот свет, вклучително и милиони гладни луѓе во Кина и Индија.
Нашата планета е премногу богата, а таму каде што нешто недостасува, лекот добиен од воздухот ќе го обнови ткивото на Земјата. Во 1900 година јас развив процес за оваа намена. Подоцна, по четиринаесет години, поради потребите на војната, го усовршиле германските хемичари“, рекол тогаш Тесла.
Оние кои ги добиваат битките против незнаењето ќе станат славни
„Многу пред крајот на векот, систематското пошумување и научното управување со природните ресурси ќе доведе до крај на сушите, шумските пожари и поплавите. Универзалната примена на водоводната енергија и нејзиниот пренос на големи далечини ќе му овозможи на секое домаќинство да дојде до поевтина енергија, па потребата за согорување на течности ќе престане. Со намалување на напорите за гол опстанок, човештвото ќе биде повеќе фокусирано на развојот на идеалите отколку на материјалните вредности“, тврдел Тесла.
„Денес и најцивилизираните земји во светот максимумот од својот приход го трошат на војни, а минимум на образование. Во 21 век тој однос ќе се промени. Оние кои ги добиваат битките против незнаењето ќе станат попознати од оние што гинат на боиштата. Откривањето на нови научни вистини ќе привлече повеќе внимание отколку дипломатските настани.
Дури и весниците на нашево време почнаа да прифаќаат научни откритија или нови филозофски сфаќања како и секоја друга вест. Весниците на 21 век сè уште ќе пишуваат за криминални и политички контроверзи, но главните наслови ќе бидат објавувањето на нови научни хипотези“, велел Тесла и потоа ја открил иднината на војувањето: „Напредокот ќе биде невозможен доколку луѓето продолжат со дивјачката практика на меѓусебно убивање. Од татко ми, ерудит и борец за мир, наследив омраза кон војната. Како и другите пронаоѓачи, едно време верував дека војните може да се запрат ако се направат поуништувачки, но сфатив дека тоа е погрешно. Го потценив борбениот инстинкт на човекот, за кој ќе треба повеќе од еден век за целосно да избледи. Војната не може да се укине со тоа што ќе се направи нелегална. Нема да ја спречиме со разоружување на најмоќните. Војните нема да се спречат со слабеење на силните, туку со тоа што секој силен или слаб ќе може да се одбрани.
Тесла за воените опции
Така, секое средство што се користи за одбрана може да служи и за агресивни намери. Со ова се обезбедуваат добрите намери за мир. Успеав да дојдам до идеја како да ги усовршам средствата кои ќе служат главно за одбрана. Доколку се прифати, тоа целосно би ги променило односите меѓу народите.
Ова би ја направило секоја земја, голема или мала, способна да се спротивстави на непријателските војски, авиони и други средства за напад. Мојот изум бара изградба на голем генератор кој кога ќе биде ставен во функција, би бил во состојба да уништи се, од непријателска војска до воени машини, во радиус од 400 километри. Тој би претставувал силен ѕид и крај на војните“, бил убеден.
„Ако ниту една земја не можете успешно да нападнете, секоја смисла за воена опција престанува. Моето откритие ја разоружува моќта на авионите или подморниците, но супериорноста на воените бродови останува, бидејќи бродовите можат да се опремат со некои од потребните уреди. Можеби и понатаму ќе има војни на море, но ниту еден брод нема да може да помине низ копнената линија на одбраната, бидејќи уредите на брегот ќе бидат надмоќни во однос на секое наоружувањето на воените бродови.
Сакам да нагласам дека мојот изум не се потпира на т.н. „зраци на смртта“. Тие не се применливи затоа што не можат да се произведуваат во потребната количина и затоа што ја губат потребната сила на подолги растојанија. Целата енергија на Њујорк, претворена во зраци и проектирана на оддалеченост од четириесет километри, не би можела да убие човек, бидејќи според познатите закони на физиката, би била толку расфрлана што нема да има никаков ефект“, тврдел Тесла.
„Мојот уред проектира честички кои можат да бидат релативно големи или микроскопски и овозможува многукратно повеќе енергија да се пренесе на мал простор и на голема далечина отколку што е можно со зраци од било кој вид. Илјадници коњски сили може да се пренесат со сноп потенок од влакно, а во тоа ништо да не може да ги запре.
Оваа исклучителна карактеристика на зракот ќе овозможи, меѓу другото, незамисливи резултати во телевизијата, бидејќи речиси нема да има ограничувања за интензитетот на осветлувањето, големината на сликата или растојанието на кое може да се проектира сликата. Непремостлива пречка за секој облик на агресија“, заклучи тој.
„Не велам дека нема да има повеќе разорни војни пред светот да го прифати мојот изум. Веројатно нема да ја доживеам неговата примена, но уверен сум дека за еден век сите земји ќе се осигураат да станат имуни на напади со ова или некои слични средства. Безброј работни места што луѓето ги работат денес ќе ги вршат „рацете“ на автоматите. Токму во овој момент, научниците во лабораториите на американските универзитети се обидуваат да создадат нешто што се опишува како „машина за размислување“. Претходно предвидував таков развој на настаните“, му рекол Тесла на авторот.