Компанијата „Тесла“ го одложи лансирањето на моделот Cybertruck за 2022 година, но претходно најавуваниот Cyberquad стигна согласно планот, иако во малку поинаков облик од првичниот концепт. Прв пат е прикажан на премиерата на коцептот на Cybertruck во 2019 година. Cyberquad е електричен ATV дизајниран да може да биде сместен во товарниот дел на споменатиот електричен камионет. Иако Cybertruck доцни во однос на планот, тоа не го спречи „Тесла“ и американската компанија која се занимава со продажба на изграчки, Radio Flyer, да им го понуди Cyberquad на купувачите, по цена од 1.900 американски долари.
Возилото има челична конструкција, а дизајнот е инспириран од моделот Cybertruck. Електромоторот се напојува од литиум-јонска батерија од 36 V, која обезбедува автономија до 24 km. Тоа е прилично голем радиус за една детска играчка, а од „Тесла“ истакнуваат дека батеријата може целосно да се наполни во рок од 5 часа користејќи куќна приклучница. Кога станува збор за перформансите, во зависност од конфигурацијата на возилото, максималната брзина изнесува 8 km/h или 16 km/h. Cyberquad е дизајниран за деца од најмалку 8 години, со тежина до 68kg. Со оглед на лансирањето на производот во пресрет на Божиќ, првиот контингент е веќе распродаден.