ПОТРЕБА
Потребата од добра термичка обработка на објектите е актуелна во јавноста поради ефектите што ги има во заштедата на финансиите, преку заштеда на потрошувачката на енергија. Од друга страна, комфорот во објектите, во услови на екстремни надворешни температури, е од непроценлива вредност, но контролата на температурата претставува главна причина од каде произлегуваат проблемите од термика при експлотација на објектите.
ПРОБЛЕМИ
Проблемите поврзани со појава на несакана влага во објектот, пресликани со мувла по ѕидовите, се предизвикани од отсуство, лоша изведба или недоволна термоизолација. Суштината на проблемот е кондензатот што се појавува при директен контакт на ладниот и топлиот воздух во масата на ѕидот.
Во случаите каде се работи за ѕидна површина, изработена од компактен материјал со добра спроводливост на топлина, влагата и мувлата ја покриваат целата површина на ѕидовите. Доколку оваа појава е ограничена на дел од ѕидната површина (најчесто кај конструктивните елементи изработени од армиран бетон), тоа е показател дека при изведбата на термоизолацијата на објектот е направен пропуст, односно дека овие делови на објектот не биле соодветно изолирани. Проблемите со влага и мувла исто така се јавуваат и при реконструкција на станбени и деловни објекти, со замена на старите прозорци со нови, кај кои коефициентот за пренос на топлина е значајно намален. Уште еден пример од оваа област се и вградените гардеробери, поставени на фасаден ѕид кај објекти кои пред ентериерното уредување функционирале правилно. Овие примери се доказ дека присуството на термоизолација не е единствен услов за термичко изолирање на објектите, туку таа треба да биде правилно димензионирана и изведена, за да може успешно да ја извршува својата функција како дел од организмот зграда.
РЕШЕНИЈА
Решение на сите проблеми од аспект на термика е поставување на термоизолација од надворешната страна на објектот. Тоа ќе овозможи обвивката да ги спречи надворешните влијанија и да овозможи независна функција на внатрешноста од објектот. Главна улога во изолирањето на објектите имаат термоизолационите фасадни системи.
ТЕРМОИЗОЛАЦИОНИ ФАСАДИ
Фасадните термоизолациони системи го имаат најголемиот дел од термоизолацијата во еден објект. За правилно проектирање на системот, потребно е да се предвиди термоизолациона облога од експандиран полистирен по целата обвивка, посебно кај конструктивните елементи, изработени од армиран бетон. Димензионирањето и густината на експандираниот полистирен за изведба на термоизолациона фасада е дел од термичката пресметка. Денес, покрај експандираниот полистирен се користи и тврдо пресувана камена волна како термоизолација за изведба на термоизолационите фасади.
Изведба на термоизолационите фасади со материјали на АДИНГ
Термоизолационите фасади можат да се изведат на ѕидна површина, изработена од керамички блокови, армиран бетон или на малтерисана површина. За изведба на фасадната обработка, потребно е површината да биде здрава, цврста, сува, обезмастена, обезпрашена и без лабилни делови. Доколку постојат оштетувања, потребно е тие да се отстранат и исчистат до здрава подлога, а потоа да се санираат со РЕПАРАТУР МАЛТЕР Ф, полимер-цементен малтер со фибри. Изведбата на термоизолационите фасади треба да биде на температура од 10-35˚С, на суво време (при релативна влажност на воздухот до 60%).
Изведбата на термоизолационите фасади започнува со лепење на термоизолационите плочи со СТИРОКОЛ П – лепило за стиропор, кое може да се користи и за лепење на камена волна. Доколку површината на која се лепи термоизолацијата има нерамнини, треба да се очекува поголема потрошувачка на материјалот за лепење на термоизолационите плочи. При лепење на термоизолацијата, потребно е плочите да се поставуваат рамно и збиено со цел да се намали појавата на отворени фуги (термо мостови). Поставувањето на плочите треба да се изведе по принцип на ѕидање, со избегнување на секоја можност за преклопување на фугите по хоризонтала или вертикала. Посебно внимание треба да се посвети и на отворите од фасадата (прозорци и врати), каде споевите на плочите не треба да се поклопат со рабовите на отворот. Нанесувањето на СТИРОКОЛ-П може да биде точкесто или површински. Точкестото нанесување подразбира нанесување на подебел слој по обемот на плочата и три точки во средната зона на изолационата плоча. Површинското нанесување подразбира нанесување на СТИРОКОЛ-П по целата површина со назабена глетарка со забци од 15 mm. За дополнителна сигурност, по лепење на термоизолацијата и сушење на лепилото, постои можност таа дополнително механички да се прицврсти за подлогата со употреба на клинови, кои овозможуваат континуиран тек на термоизолацијата. За прицвстување на една термоизолациона плоча (50/100cm) потребни се минимум пет клинови.
По изолирање на површината, потребно е термоизолационите плочи меѓусебно да се поврзат и израмнат. Тоа се постигнува со глетување на фасадната површина во два слоја. Глетувањето на термоизолационите плочи е со СТИРОКОЛ –П, кој се користи и за оваа намена. Помеѓу двата слоја од СТИРОКОЛ-П се втиснува безалкална мрежичка, која на рабовите од фасадата има и аголна лајсна за убаво дефинирање на аголот. Поставувањето на безалкална мрежичка кај отворите на фасадата е дијагонално.
Над глетуваната површина со СТИРОКОЛ-П се нанесува подлога од ПРАЈМЕР В на сува подлога. Прајмерот обезбeдува подобра врска помеѓу подлогата и новиот слој, декоративниот малтер. Во зависност од желбата и можностите на инвеститорот, декоративниот малтер може да биде на акрилна основа ХИДРОФАС или на минерална основа АДИНГФАС.
Декоративниот малтер на акрилна основа ХИДРОФАС е водонепропустлив готов малтер во боја, кој без претходна подготовка може да се нанесе на прајмерираната површина. Достапен е во повеќе варијанти: како зарибан ХИДРОФАС З или со воедначена текстура, која во зависност од посакуваната текстура (рапавост) е достапен во три гранулации: ХИДРОФАС 1 mm, ХИДРОФАС 1,5 mm и ХИДРОФАС 2 mm.
Декоративниот малтер на минерална основа АДИНГФАС е бел малтер во форма на прашак, кој со едноставна подготовка (додаток на вода) се нанесува на прајмерираната површина. Достапен е во повеќе варијанти: како зарибан АДИНГФАС З или со воедначена текстура, која во зависност од посакуваната текстура (рапавост) е достапен во три гранулации: АДИНГФАС 1 mm, АДИНГФАС 1,5 mm и АДИНГФАС 2 mm. Боењето на минералните декоративни малтери се изведува со боење на завршно обработената површина со фасадна боја АДИНГКОЛОР Ф.
СОВЕТ
При изведба на објектите, покрај функционалната целина на просторот, потребно е да се посвети внимание на деталите и на материјалите што се вградуваат, затоа што тие ја овозможуваат нормалната функција на зградата, нејзиното рационално одржување и долговечноста на објектот.
Подготвил:
дипл. арх. Марија Гиновска
Самостоен инженер за примена и пласман во Адинг