Како е најдобро да се опише аерогелот? Тоа е порше меѓу термоизолациите, многу ефикасен и скап, а НАСА која го користи во вселенските проекти вели дека чини илјада долари по кубен сантиметар.
Иако комерцијалните аерогелови се малку подостапни , радува веста дека научниците од Универзитетот во Сингапур (НУС) имаат направено аерогел од ПЕТ шишиња за вода кои ги има во изобилство, а со тоа и цената на аерогелот би била пониска. Како што велат научниците од НУС овој ултра-лесен-супер материјал од пластични шишиња може да има широк спектар на употреба.
“ПЕТ шишињата се најраспостранет пластичен отпад кој ја загрозува нашата животна средина. Нашиот тим има развиено едноставен, поволен и еколошки метод за претворање на пластичните шишиња во ПЕТ аерогелови кои може да се користат на разни начини. Од едно пластично шише може да се направи аерогел со големина А4. Технологијата на изработка може да се прилагоди на масовно производство што во иднина може да го намали негативното влијание на ПЕТ амбалажата на животната средина“, вели професорот Дуонг.
Покрај тоа што аерогеловите може да се користат за изолирање на вселенските летала, што НАСА го прави веќе години наназад, ваква изолација може да се користи и за производство на топла облека, обувки, но исто така може да се користи и во градежништвото. Новиот термоизолационен материјал, кој би ќе ги штител зградите од прегревање и ладно, а при тоа би се правел од пластика би бил вистинска мала револуција во оваа област.
Сепак, за разлика од силикатните верзии, аерогеловите од пластика не може да достигнат сјајни карактеристики. Како што е објавено во оваа студија, ПЕТ аерогеловите имаат топлотна пропустливост 0,037 W/m.K, додека таа вредност кај вистинските силикатни аерогелови е 0,014, што е три пати подобро. Ако се земе во предвид дека топлотната изолација на стиропорот е 0,038, а на камената волна 0,036 W/m.K тоа значи дека ПЕТ верзијата на аерогел е меѓу овие две и дека има уште многу место за унапредување.