Овој текст го започнувам во оној период кога зимското загадување жестоко нагризува, а сите прашања и незадоволства кои неминовно ќе се повторат сè уште се „крчкаат“. Во моментот кога ќе го читате, тие веќе ќе го играат оној безполезен скопски валцер, а текстот пополека ќе преминува во некролог на уште една еколошки и здравствено опасна сезона. Тој временски „џеб“ помеѓу правењето ајвар и киселењето зелка, нуди избор на сообраќајно-еколошки теми кои, поради нашето фрагментарно и површно поимање и дејствување, не се издвојуваат лесно. Скопје нема темелно еколошко образование, па на таа своевидна terra incognita може да ѝ се пристапи од која и да сакате насока.
Загадување во Скопје
Во координатниот систем на секој град, позитивните трендови се резултат на причинско-последично залагање на локалните самоуправи и граѓаните, кое единствено може да функционира на фон од конзистентна стратешка ориентираност, транспарентност и трпеливост. Здравата животна средина која ќе излезе од дијагнозите на најтешките заболувања не е готов производ кој може да се купи. Напротив, тоа е тенденција чиј мозаик упорно се склопува, некогаш и од навидум неугледни и „неважни“ сегменти. Од „претсобјето“ на новата зима, авторот, кој својата латентна графоманија ја разбира како можност за осветлување на сеновитите страни на секојдневните појави, Ви нуди увид во еден технолошко-бијхевиорален сегмент извлечен токму од урбаното секојдневие.
Внимателно, внимателно, внимателно
Измислени со цел да овозможат безбедно преминување на пешаците преку улица, семафорите денес претставуваат темелна алатка за моделирање на сообраќајните токови. Овој нивен ексклузивитет без предквалификации ги лоцира во еколошкиот урбан наратив кој, за потребите на овој текст, произлегува од потребата возилата да сопираат (на црвен сигнал). Внимателноста при нивното поставување мора да е примарна инстанца на сообраќајните проценки, но во себе содржи еколошка димензија која не треба да се занемари.
Семафор
Стоп-светлина
Абразивните процеси се составен дел од функционирањето на секое моторно возило. Без оглед дали се лоцираат кај пневматиците, внатрешните делови од моторот, лежиштата на тркалата или сопирачките, тие просејуваат механички остаток со крајно дискутабилна бенигност. Апострофирано како носител на т.н. неиздувни емисии на РМ10 честички, сопирањето (кочењето) со својот еколошкиот реверс се потпира на следните студиски тези:
– издувните и неиздувните извори емитираат речиси подеднакво ниво на РМ10 честички;
– до 55% од неиздувните односно до 21% од вкупните емисии на РМ10 од патниот сообраќај „отпаѓаат“ на абразивните процеси во сопирачките;
– амбиенталната концентрација на РМ10 честички кои потекнуваат од сопирањето може да достигне вредност од 4μg/m3;
– неиздувните извори придонесуваат во емисијата како на фини така и на груби РМ10 честички;
– технолошки фокусираната редукција на издувните емисии ќе предизвика неминовен пораст на релативниот удел на неиздувните извори;
Поимот тези во претходната реченица произлегува од непостоењето на стандардизирани процедури на ова поле, што резултира со примена на неидентични експериментални пристапи и мерни техники и потешко споредливи заклучоци. Но, бројноста на студиите што ја градат вертикалата од тие тези веќе иницира јавни експертски реакции со барања за регулативно интервенирање во овој сегмент. Вака поставена, констелацијата наведува на логичен заклучок дека најголемата урбана концентрација на неиздувни РМ10 честички се среќава во зоните на оптоварените крстосници и семафоризирани пешачки премини. Конвергенцијата кон претходниот поднаслов асоцира на воздржаност од семафоризирање во отсуство на недвосмислена сообраќајна оправданост. Во оваа смисла дури и постоечкиот семафорски фонд може да биде предмет на ревидирање на режимот на работа (жолто трепкачко светло во текот на ноќните часови) кое обемот на сопирања и зонската концентрација на неиздувни РМ10 честички ќе ја помести на пониско ниво. Оваа семафорска „стигма“ може делумно да се ублажи со дисперзирање на причинските фактори во амбиенталната (температура, влажност и хемиски состав на воздухот), техничката (тип и состав на механизмите за сопирање) и бијхевиоралната зона (возачки навики, брзина на возење пред сопирањето, зачестеност и интензитет на сопирање).
Минерал Стибнит
Физичко-хемиски фактори
Дебатниот простор дополнително го прошируваат експерименталните продори во делот на големината на сопирачкото РМ10 ресто. Сознајното тежиште е поставено на обратнопропорционалната природа на односот помеѓу таа големина и дуетот брзина пред сопирање/интензитет на сопирање. Повисоката фреквенција на сопирање која не овозможува развивање на повисоки брзини (30-40km/h), дистрибуира РМ10 абразивен остаток во горниот димензиски спектар (70-90nm). Секое стежнување врз десниот возачки педал, кое во градски услови најчесто повлекува поинтензивно сопирање пред следниот семафор, просејува фракции кои повеќе спаѓаат во сегментот на средно големите и фините честички (50-30-10nm). Овој трансфер се должи на изложеноста на фракциите на поинтензивни термичко-хемиски процеси кај оптоварените сопирачки. Студиски „покриениот“ распон ги шири димензиските хоризонти далеку над наведените, што е разбирливо со оглед на експерименталната слобода во однос на типовите испитни возила, типовите сопирачки, нивната градба и физичко-хемиска структура и самите опитни услови.
Минерал Циркониум
Заменските материјали во градбата на сопирачките (графит) во голема мерка го редуцираа присуството на олово во емисионите фракции, но, така сведеното „друштво“ со носечката тројка Fe-Cu-Zn, карактеристично за хемискиот состав на грубите партиции, дополнето е со појава на помалку познатитe минерали тин (Sn) и студиски контрадикторниот стибнит (Sb). Екстремот на студиското негирање на овој елемент се поклопува со тежнението на производителите на сопирачки да го минимизираат неговото конструктивно присуство. Но, неговите траги во коловозниот прав и амбиенталните РМ примероци го „оставаат во игра“ во форма на Sb(III), Sb(V) и антимон сулфид (Sb2S3). Бакарот (Cu) и железото (Fe) во претежна форма на оксиди кај фините честички спарени се со придружните титаниум (Ti) и алуминиум (Al). Сето ова и не мора да звучи застрашувачки, но, одложена главоболка и тоа како може да се крие во мета-анализата на податоците генерирани за територијата на Обединетото Кралство, која абразивните процеси во сопирачките ги препознава како најголем поединечен извор на атмосферски Cu (Napier et al., 2008)! Вака поставената хемиска формација „засилена“ е со широко потврденото учество на минералот циркониум (Zr), конструктивно интересен поради неговиот потенцијал да обезбеди силна заштита од корозија.
Ранливи респираторни органи
Здравствени ефекти
Големината на партициите и нивниот хемиски состав се носители на негативните ефекти на сопирачните емитенти врз човековото здравје. Честичките од горниот димензиски спектар се абоненти на горните дишни органи (нос, грло), додека пак оние од долниот спектрален сегмент поседуваат способност да „нурнат“ подлабоко во белите дробови, при што, оксидативниот стрес, воспаленијата и раната артеросклероза се јавуваат како резултантни премии. Малигноста на фините и ултрафините фракции доаѓа до израз при нивниот продор во крвта и понатамошната дистрибуција во црниот дроб, бубрезите и мозокот. Кардиоваскуларните и респираторните заболувања, меѓу кои се издвојува ракот на белите дробови, се типувани и во извештаите на Светската здравствена организација (WHO) како препознатливи ефекти, како на краткотрајната (часови, денови) така и на долготрајната (месеци, години) изложеност на неиздувни РМ резистенти. Причинско-последичната врска помеѓу неиздувните РМ метали и низата респираторно-кардиоваскуларни заболувања е неспорна. Па сепак, зголемената појава на педијатриска астма како директна последица на зголемената изложеност на неиздувни партиции „збогатени“ со Zn може да шокира. Оваа легура и придружните Fe-Cu-Ni-Pd се ударната група во однос на пулмолошките заболувања и неутрофиличните запаленија на белите дробови. Како „капиталец“ во ова општество, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) го издвојува срамежливиот Sb2S3 како повеќе од потенцијален предизвикувач на најтешката болест кај белите дробови. Во периодот 2004-2009 година, постоењето на овие причинско-последични врски дополнително е потврдено низ серија од лабораториски опити (Riediker et al., Mazzarella et al., Gasser), при кои ќелии од човечкиот организам директно се изложувани на РМ неиздувни екстракти. Нивниот заеднички заклучок во тесна врска ги подредува нерамномерниот урбан сообраќај и модулациите во ритамот на срцевиот мускул и аритмијата, како и предвремените про-респираторни и про-тромбојски реакции дури и кај младите, здрави и од тутунот независни машки единки. Оваа група истражувачи го издвојува нивото на Cu(!) како доминантен причинител на наведените здравствени девијации, лоцирајќи ги најсложените кардиоваскуларни ризици како извесен долгорочен ефект, особено во светло на зголемениот морталитет кај популацијата што егзистира покрај оптоварените патни правци и невротични урбани сообраќајни точки.
Сизиф
Заклучок… ?
Резонот според кој страшилото на сообраќајното загадување се крие во ауспухот, е рамно на верувањето дека Земјата всушност е плоча која лежи на грбовите на оние четири слона. Со тоа што второво, може да зазвучи и симпатично наивно. Првото не, и кога еднаш ќе излеземе од таа илузија повторно ќе нè дочека чувството дека некаде за нешто дебело доцниме. Така, логичен количник од егоистичката политика на спектакли на која ѝ служиме, која минусира сè што во моментот не ѝ носи доволно поени … нашето здравје на пример.
Екстрахирањето на овој солилоквиум не го игнорира сознанието дека растојанието од нашиот интерес до поединечните сообраќајно-еколошки теми е сосема различно. Продорот во фините дилеми станува логична екстензија тогаш кога грубите мерки се имплементирани и веќе даваат препознатлив резултат. Патот во непознатото секогаш започнува со првиот чекор, но макар и површното сознание за она што се крие зад хоризонтот може да изгледа отрезнувачки.
Во зоната на неизбежното (сопирањето на пример) секој обид за акција може да наликува на задача проектирана за трпението на еден Сизиф. Со резултат идентичен на митолошкиот. Во оваа смисла, прогнозирам дека промптната колебливост која го „убива“ понатамошниот интерес нема да ја разблажи ниту проценката дека околу 50% од сопирачкиот РМ10 остаток се емитува во амбиенталниот воздух. Ниту, пак, предупредувањето дека тој остаток содржи честички од сите фракции докажано вклучени во нарушувањето на респираторните функции. Па сепак, доколку прашањето, дали на ова поле може и е исплатливо да се дејствува, некогаш се постави на македонската маса, одговорот може да биде само потврден. Кога за тоа ќе дојде време…