За прв пат од изградбата во дваесеттите години од минатиот век, објектот на Стариот офицерски дом започна темелно да се реконструира. При крај се подготвителните работи, а за три месеци градот треба да добие модерен објект за развој на креативноста на младите.
Проектот кој Општина Штип и Швајцарската влада го реализираат за обнова на дотраениот култен објект во Штип се однесува само на реновирање на објектот и чини 4 милиони и 600 илјади денари од кои околу половина се грант на Швајцарската влада. Локалната самоуправа планира целосно уредување на дворната површина со сопствени средства.