Ретроспектива на дела на францускиот уметник Ежен Делакроа, меѓу кои е изложено и неговото најпознато дело „Слободата го води народот“ е поставена за прв пат во Лувр.
Директорот на „Лувр“, Себастијан Алард, по повод отворањето на изложбата, истакна дека Делакроа е најголемиот сликар на романтизмот и дека на изложбата прв пат по 1963 година се поставени и дела кои не се целосно завршени.
Неговите дела засекогаш го промениле светот на визуелната уметност, а неговото творештво имало силен одраз врз оформувањето на импресионизмот и постимпресионизмот. Неговата страст по егзотичното и недопирливото биле идеи што ги воспримиле идеолозите на симболизмот.
За оние кои не знаат, покрај славната „Мона Лиза“, на Леонардо да Винчи, револуционерката на Делакроа со разголени гради од делото „Слободата го води народот“ која го носи француското знаме и пушка со бајонет, е една од најпосетуваните слики во овој светски музеј.
На изложбата се прикажани околу 200 дела вклучувајќи и акварели, литографии и религиозни дела, како и списанија во кои има статии за влијанието што Делакроа го има врз сликарството.
Ретроспективата на делата на Ежен Делакроа ќе биде отворена до 23 јули, а потоа неговите дела на есен ќе бидат претставени во музејот „Метрополитен“ во Њујорк.
Фердинанд Ежен Виктор Делакроа (Ferdinand Victor Eugène Delacroix, 26 април 1798 – 13 август 1863) е француски ликовен уметник, кој извршил огромно влијание врз романтичарското движење во Европа. Тој е роден во Париз во старо и отмено француско семејство. Неговиот татко, Шарл Делакроа, во тоа време бил вршител на должноста министер за надворешни работи на младата Француска Република, а подоцна добил титула амбасадор во Холандија.
Ова отмено и благородно потекло е подеднакво судбоносно за сликарот, за кого велат дека „неговата личност удрила печат на целиот век“. Младиот Ежен завршил за кралски лицеј, а неговата првобитна желба била да стане музичар, зашто свирел виолина многу добро. Сепак, неговиот вујко, кога Делакроа имал 15 години го испратил во сликарското студио на големиот Пјер Герен.
Паралелно, својот првобитен ликовен јазик го формирал копирајќи ги и студирајќи ги делата на старите мајстори во Лувр: Рафаел, Тицијан, Веронезе, Рембрант, Вато, а особено Рубенс. Сепак, иако бил голем почитувач на старите мајстори, тој никогаш не станал роб на кој било од нив, ниту имитатор на која било сликарска школа.
Кога имал дваесет и четири години, Делакроа ја претставил една од неговите први слики: „Данте и Вергилиј во пеколот“, која веќе поседува карактеристики на вистински мајстор.
Таа година во парискиот Салон ја изложил и сликата „Масакрот на Хиос“, која наиде на отпор меѓу сликарите на т.н. класична школа. Големиот уметник Жан Огист Доминик Енгр ќе ја нарече сликата „обична мачканица“ и масакр на сликарството. Спротивно на овој став, младите сликари биле воодушевени, јасно сфаќајќи дека таа претставува една сосема нова вредност.
СЛОБОДАТА ГО ВОДИ НАРОДОТ
Во Салонот во 1827 година, тој ја изложил „Смртта на Сарданапал и Марино Фалиеро“. Делакроа е волшебник на боите. Чудесен, длабок, мистериозен, сензибилен.
Во 1830 година, тој го насликал едно од неговите најпознати платна. Тоа е сликата „Слободата го води народот“, инспирирана од настаните за време на Јулската револуција во 1830 година. Оваа темна, но убава, воздушеста и смирена слика, претставува импресија која засекогаш се населува во вашата меморија кога ќе ја погледнете. Делакроа тука се претставил како совршен колорист. Насликана е во многу детали, особено се реалистично погодени ликовите, а извонредната инспирација генијално ја претставува атмосферата на тие турбулентни и трагични денови.
Композицијата е организирана динамично, движењето во неа е изречно нагласено, светлите, темните и површините кои се во сенка сугерираат длабочина и постигнуваат целосна илузија на просторот. Главното изразно средство е бојата и на неа се подредени линијата и формата.
Фигурите се алегорични, секоја од нив претставува социјален и општествен сталеж, додека во центарот на оваа пирамида е „мајка Франција“ – млада девојка со разголени гради која решително и со сета страст го носи и вее француското знаме.
АФРИКА
Во јануари 1832 година, се случил вистинскиот пресврт кај сликарот Ежен Делакроа. Со поштенски автомобил заминал во Тулон, и таму се качил на палуба на бродот кој пловел за Тангер, Мароко. Само неколку дена по неговото доаѓање на тлото на вжештената Африка, Делакроа, подеднакво талентиран и како писател и уметнички критичар, запишал во својот дневник: „Стигнавме меѓу прекрасни луѓе, а пашата, командант на градот, нè дочека на чело на неговите воини. Овдешните Еврејки се прекрасни. Се плашам дека ќе биде многу тешко да се надмине незадржливата потреба да се насликаат. Тие се вистински бисери на Едемската градина“. Со таквата импресија, овој сликар го започнал своето уметничко откритие на Африка.
„Дозволете ми да ги нацртам вашите прекрасни жени во нивните одаи“, замолува Делакроа еден од алжирските благородници.
– „Доколку тие се облечени и носат фереџе!“
„Облечени, но без фереџе“, му одговора Делакроа. „Ние сликарите, и онака, насетуваме што се крие зад секој превез“.
Неверојатно, но сликарот добива одобрение, и така настанува познатата слика „Алжирки во нивните одаи“. Раскошна и сензуална, сликата има опојна моќ на африканските приказни. Таа ве носи во сон, во лудило. Сликите „Мароканка“, „Еврејска свадба“ и многу други предизвикуваат восхит.
„Цела Франција завидува на вашите модели“, му рекол неговиот пријател Шарл Бодлер.
„Тие не се модели, туку диви, оригинални убавини на Африка“, му одговорил Делакроа.
МОДЕЛИ
Ежен Делакроа бил еден од најрепрезентативните сликари на XIX век, на кого може да му се заблагодарат импресионистите за најсилните импулси, и тој е еден од ретките уметници кои со своите модели не одржувал интимни односи.
Меѓутоа, во историјата на уметноста, се споменуваат две жени – мадам Далтон и мадам Дефорже, како пријателки на сликарот. За волја на вистината, тој нив двете ги имал насликано неколку пати, но поголемиот дел од неговите модели не може да се идентификува, бидејќи нив Делакроа, буквално ги „собирал“ од улица. Никој не е во можност да каже кои се жените кои му позирале како модели за сликите исполнети со опојна сензуалност, како што се, на пример, „Заспаната одалиска“ или „Орфеј и Евридика“.
За сликарството, велел дека е неговата „единствена љубов“ и дека во него постои „сосема посебен вид на емоции“. Затоа тој работел секој ден, неуморно, посветено, што било сосема во спротивност со неговиот кревок, слаб изглед. Тој зборувал дека „чувствува потреба да има повеќе животи за да го реализира сето она што врие во него“.
НОВИ ОТКРИТИЈА
Целокупното дело на Ежен Делакроа ги содржи во себе почетоците на нови откритија кои подоцна ќе ги искористат некои познати и непознати уметници. Тој е првиот кој го применил дивизионизмот на тонови, кој потоа импресионистите го довеле до крајните граници на можностите. Ежен Делакроа го зазема централното место во уметноста на XIX век и зрачел на сите страни; тој сликарски, композициски и колористички владеел максимално; близок на Камиј Коро, на сликарите на Барбизонската школа, и пред сè, тој гледал кон иднината, односно кон импресионизмот.
ФРАНЦУСКИ РУБЕНС
Негови ликовни идоли биле Петар Паул Рубенс и претставниците на Венецијанската ренесансна школа.
Тој како „француски Рубенс“ со своето грандиозно дело отворил нови, неочекувани можности во областа на сликарството. Див и романтичен во најдобрата смисла на зборот, ентузијастички занесен од своите копнежи, опиен од соништа и мисли, тој одел пред своето време. Тој е најсугестивниот од сите уметници, оној чие дело, наведува на размислување и најмногу повикува на чувства и нивно сеќавање, и на веќе познатите поетски мисли за кои се верувало дека биле закопани засекогаш во ноќта на заборавот.
Обработувал сцени кои изобилувале со крв и насилство, притоа употребувајќи силни и впечатливи бои. Таа негова определба наишла на негодување во одредени кругови, но ги придобила симпатиите на сите останати. Имал работна навика да ги илустрира познатите творби на великаните како Вилијам Шекспир, Валтер Скот и Волфганг Гете.
На Светската изложба во Париз во 1855 година, Делакроа имал изложено 36 платна во една просторија. Неговата богата кореспонденција и дневник со белешки претставуваат врвен историски преглед за општествениот, интелектуалниот и уметничкиот свет на Париз во првата половина на деветнаесеттиот век.
Ја пропатувал речиси цела Европа, но сепак Мароко останува земјата која најмногу го воодушевила. Уживал голема популарност во текот на неговата долга и успешна кариера. Добил многубројни награди и признанија од Академијата и Владата во неговата татковина.
Освен за сликарите, Делакроа со својот раскошен талент и генијална умешност бил инспирација и за книжевните уметници токму поради својот вроден вкус за естетика. Неговите мајстории на платното се пример на кој се угледуваат многумина и од современите сликари.
Прва урбана револуција и уметнички ангажман
Познатата слика „Слободата го води народот“, настаната во 1830 година, е директно инспирирана од Јулската револуција во Париз (27 – 30 јули, 1830), и обично во Франција настанот се нарекува Trois glorieuses, „Три славни (денови)“. Со тој бунт, Бурбон династијата (односно кралот Шарл X) е заменета со династијата Орлеан (Луј-Филип). Следниот напад врз монархијата се случил во 1848 година, исто така, во Париз, и конечно, во 1871 година, Париската комуна.
Треба да се истакне дека во многу аспекти, „Три славни денови“ била првата модерна урбана револуција. Истата година, истата се раширила низ цела Европа, сè до Полска и Русија.
Важноста на сликата е токму во претставувањето на различни класи, обединети со иста политичка цел – еднаквост не само политичка, туку исто така и во однос на социјалните права. Дали „Слободата го води народот“ е првата претстава на општите човекови права? Би можела да биде, бидејќи алегориската женска фигура не лебдее над луѓето, туку живее и умира заедно со него. Со други зборови, секој може да биде симбол на најголемите идеи, без оглед на потеклото и социјалниот статус. Метафоричната привилегија на благородништвото и свештенството е засекогаш уништена. Телото на жената во сликата веќе не означува нешто сосема апстрактно, нешто што не постои социјално, нешто безимено – туку која било жена од крв и месо, и похрабра од сите.
Сликата на Ежен Делакроа, секако, означува нова ера на романтизмот и нова сликарска поетика, но можеби уште поважно е појавата на големата ангажирана уметност, која со подеднакво големи успеси и падови, продолжува да живее до денес. Од денешен аспект, комбинацијата на уметничкиот ангажман и медиумската брзина е нешто што веднаш го препознаваме во „Слободата го води народот“.